Најстариот универзитет во Македонија на 30 мај избира ректор. За лидерската позиција се пријавени шестмина професори. „Нова Македонија“ ви ги претставува кандидатите за ректор на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“. Во овој број разговараме со проф. д-р Атанас Кочов од Машинскиот факултет
Проф. д-р Атанас Кочов, кандидат за ректор на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“
Кој е вашиот мотив да се кандидирате за водечката позиција на УКИМ?
– Поттикнат од актуелната состојба на нашиот УКИМ, која заедно ја живееме и ја споделуваме, соочувајќи се со досега најголем пад на Шангајската листа, најнизок стандард на сите вработени, неопремени лаборатории, драстично намалување на бројот на студенти на УКИМ, одлив на млади и успешни кадри на странски универзитети, одлучив да поднесам пријава за изборниот циклус за позиција ректор во мандатниот период 2023-2026 година.
Сметам дека како ректор, заедно со целата академска заедница на УКИМ, сите заедно, како мотивиран тим, ќе се избориме нашиот УКИМ да биде еден и единствен стожер на нашата Македонија, да остане традиција и ризница на научната и академска елита, да биде столбот на високото образование, да биде мостот за инклузивен и одржлив развој, да создава успешни генерации студенти што ќе се гордеат со универзитетот на кој го стекнале своето образование. Потребно е заедно да се избориме да создадеме добри услови за да ги задржиме најуспешните млади кадри и да воспоставиме цврсти темели на соработка со сите стопански и општествени сектори за успешен општествено-економски развој на Македонија.
Мојата визија за УКИМ се темели на идејата за современ, отворен и истражувачки универзитет способен за справување со предизвиците во периодот што е пред нас.
Повеќе информации за мојата визија, мото и приоритети за работа како ректор, за професионалните достигнувања и приватниот живот, можете да најдете на мојата интернет-страница.
Отсекогаш се водам со девизата дека УКИМ бил и секогаш ќе биде наш, еден и единствен дом. Сите заедно, можеме многу повеќе за нашиот УКИМ.
Кој ќе биде вашиот прв фокус доколку бидете ректор?
– Четири основи работи ќе бидат во фокусот.
Прво, основниот приоритет во однос на наставно-образовниот процес за наредниот период е подигање на нивото на реализација на наставната дејност на сите циклуси на студии, преку поголемо ангажирање и вклученост на наставниот кадар и вработување млад соработнички кадар, како и на студентите во наставните програми, домашните научноистражувачки, меѓународните билатерални и мултилатерални проекти, отворање повеќе можности за меѓународна размена на студентите преку програмата „Еразмус“.
Второ, материјалното и финансиско работење, активирање на Универзитетскиот совет, воведување внатрешен ревизор за финансиско работење, во насока на подобрување на внатрешните процеси на УКИМ. Поголемо искористување на постојното богатство од инфраструктура и недвижности со кои располага УКИМ на територијата на цела Македонија. Затворање на прашањето за просторните проблеми на единиците на УКИМ (ФИНКИ, Факултетот за драмски уметности, институтите при УКИМ), во насока на создавање поволни услови за творење, наука и истражување на секој поединец од академската средина. Домаќинското работење со имотот ќе биде фокус во првата година од мандатот.
Трето, зајакнување на меѓународната соработка преку потпишување стратегиски договор со Европскиот истражувачки центар (JRC – Joint Research Center) во насока на обезбедување истражувачки места за нашиот млад соработнички кадар, за докторанди, но и за постдокторски истражувачи во мрежата „Џеј-ар-си опен лабс“ (JRC Open Labs). Потпишување стратегиски договори за двојни дипломи со странски универзитети од Европа и светски реномирани универзитети во САД.
И четврто, подобрување на студентскиот стандард преку изградба на нови сместувачки капацитети за студентите од сите циклуси студии, како и компјутерски училници, со пристап до електронски библиотеки на учебници и списанија за студенти, спортски и културни центри, а во јавно-приватно партнерство, како што доликува за претприемачки универзитет од 21 век.
Во каков универзитет реално може да прерасне УКИМ под ваше водство?
– На своите колеги од академската заедница на УКИМ им ветувам дека како еден и единствен тим – сите заедно, ќе направиме УКИМ да биде во чекор со времето. Заедно да водиме процес на создавање – креирање квалитетен високообразован кадар, полн со иновативност, знаење, наука, истражување, претприемаштво, да ги задржиме најдобрите студенти како нов подмладок – кадар што може и мора да биде во состојба да одговори на барањата на современите општествено-економски текови во државата, како и светските барања на современите и напредни технологии.
Тоа е единствениот начин да придонесеме за севкупниот развој на нашата Македонија. Заедно ќе се избориме да го надминеме сегашниот лош финансиски стандард на сите вработени на УКИМ со зајакнување и искористување на севкупната наша внатрешна инфраструктура преку нови партнерства и можности што досега, иако имаше можност, не беа искористени од менаџментот на УКИМ.
Морам да напоменам дека никогаш и никако не смееме да заборавиме дека покрај научноистражувачката дејност, особено внимание треба да посветиме на развојот на спортот, културата, уметностите, културното наследство и развојот на креативните индустрии што се базираат на културно-уметничкото наследство! Имено, на тоа и се базира четвртиот столб на одржливиот развој во согласност со најновите стратегии усвоени од страна на ЕУ и ООН.
Со какви проблеми очекувате да се соочите?
– Искрено, доколку сме сите заедно како еден тим, кој се почитува и работи заедно, тим што е пожртвуван и посветен на растот на УКИМ, нема страв дека нема да успееме. Ќе се соочиме со каков било проблем. Вербата во моите колеги и во сите вработени на УКИМ, желбата за промени и обезбедување на раст на УКИМ во нагорна линија на секое поле е голем поттик и потенцијал со кој може да се совлада секоја пречка. Не постојат проблеми што не може да се решат доколку се има желба, енергија и решителност. А сметам дека сите тие елементи ги имам и решен сум да го поведам УКИМ во нагорна линија, не само на домашен туку и на меѓународен план.
Државата издвојува недоволно пари за наука и истражување. Како би го решавале овој сериозен проблем?
– Отворањето центар за имплементација на паметна стратегија (што е обврска на Македонија за поглавјата 20 и 25) ќе значи и поголем пристап до структурните фондови за наука и истражување на ЕУ. Преку стратегиско позиционирање на УКИМ и стратегиски договор со европскиот истражувачки центар од Брисел ќе успееме во поттикнувањето нови мултидисциплинарни истражувања, кои ќе ги интегрираат знаењата и капацитетите на единиците од Универзитетот за да се одговори на светските научноистражувачки трендови и формирање т.н. преведувачки истражувачки центар (Translational research center). УКИМ знае и умее да воспостави успешни научни истражувања, кои ќе направат директна врска помеѓу медицината и природните науки, а во тесна соработка со техничките науки, електрониката, информатиката и компјутерските науки, кои се идеални за вмрежување во европските фондови за наука и достапност до финансиски средства. Истовремено, во услови на намалено вложување на државата во наука и истражување, потребно е подобрување на материјално-финансиската состојба на Универзитетот преку посебни интерни политики за финансирање на науката и истражувањата, преку зајакнување на соработката и поврзувањето со стопанството и бизнис-заедницата во Македонија, како и користење на ЕУ-научноистражувачки центри.
Проблем за високото образование е и ниското рангирање на меѓународните листи. Како може да се подобри тоа?
– Мораме да бидеме искрени и да признаеме дека рангирањето е горлива тема што, покрај сопствено реорганизирање на процесите во рамките на УКИМ, бара и финансиска интервенција од државата, доколку сакаме да имаме значаен скок. УКИМ, како најстар, државотворен универзитет во кој се опфатени сите научни области, вклучувајќи ги и оние што се од посебен национален интерес, мора да биде различно третиран во однос на сите други универзитети во државата, мора да биде еден и единствен државен универзитет со трајно решение за финансиското обезбедување за реализација на наставно-образовниот и научноистражувачкиот процес преку Законот за високото образование. Не смееме да дозволиме УКИМ да биде деградиран и третиран во согласност со сегашниот закон за високото образование заедно со сите други државни и приватни универзитети.
Истовремено, поголема отвореност и подготвеност за меѓународна соработка, научноистражувачки проекти, отворање канцеларија за меѓународна соработка и проекти, која досега ја нема на УКИМ, мора да се мобилизираме интерно во рамките на Универзитетот и мора да бидеме многу „поагресивни“ на меѓународен план во вмрежување, поголем број визитинг-професори, предавачи од странство и се разбира посебна грижа и ангажирање во наставниот процес на сите наши успешни алумни што предаваат на врвни светски универзитети, поголемо искористување на можностите за студиски престои во странство преку стратегиски договори за размена, договори за двојна диплома. Н.Б.З.