Проблемот со практикувањето на бугарските уцени во дипломатијата е тука, бидејќи самата Европска Унија не го санкционира тоа однесување. Со ваков начин на однесување, системот на дипломатски вредности е уништен. Во еден таков форум од европски држави просто е незамисливо некој да се пазари со сите за да си ги оствари посакуваните цели, тврдат аналитичарите

БУГАРИЈА, ОСВЕН МАКЕДОНИЈА, ГИ УСЛОВУВА И САД И ЕУ

Бугарија продолжува да ги погазува меѓународното право, европските критериуми, вредности и стандардите и ваквата своја политика ја дополнува со континуирани уцени, претежно кон Македонија, но и кон ЕУ и САД.
Најновата епизода од овој бугарски серијал најдобро се отсликува преку изјавата на лидерот на Има таков народ, Слави Трифонов, кој важи за влијателна политичка фигура во Бугарија. Имено, Трифонов во две објави на Фејсбук со уцена и ултиматум побара услови за Софија да го тргне ветото за почеток на преговорите на Македонија со ЕУ. Во својот ултиматум насочен кон Америка и Европската Унија, Трифунов, чија партија е дел од владејачката коалиција во земјата од каде што произлегува и министерката за надворешни работи Теодора Генчовска, побара на Бугарија да ѝ се укинат визите за САД и земјата да влезе во шенген-зоната. За небулозите, лагите и уцените што во континуитет доаѓаат од Софија кон Македонија не вреди да се трошат зборови, но изненадувачки е што бугарски политичари сега истиот метод на уцени и ултиматуми го применуваат и кон САД и ЕУ.
Во светло на актуелните случувања, дипломатите и политичките аналитичари со кои се консултиравме велат дека нивото на кое е спаднато практикувањето на дипломатијата во Бугарија е штетно и порозно и за самата Европска Унија, но и за САД, кои важат за најголем партнер на балканските држави. Тие додаваат дека еднаш за секогаш треба да се направи рез на овие националистички реторики што ги води Софија кон Македонија, кои сега во изјавата на Трифонов излегуваат на површина како уцена и за Вашингтон и за Брисел.

ТрифОнов ги продолжува желбите на Тодор Живков

Македонски прв амбасадор во Грција, Љупчо Арсовски, вели дека праксата на политиката на пазарења во дипломатијата во Европа го достигнува своето најниско ниво и тоа е она што во последно време го практикуваат бугарските политичари.
– Ниту една сериозна држава, која е членка на НАТО и на ЕУ, не може да си дозволи вакво ниво на пазарење за суштински работи, бидејќи на тој начин си ја подгазува својата традиција на организирана земја. Сите овие констатации се однесуваат на модерни развиени држави, а не за Бугарија, која сега, но и во минатото, очигледно не се откажува од своите националистички реторики насочени кон Македонија – вели Арсовски.
Тој објаснува дека сегашните изјави на Слави Трифонов не се ништо ново, туку тоа се пазарења изговорени на едно ниско ниво, за разлика од претходно кога други политичари на оваа земја во позавиена форма ја практикуваа дипломатијата.
– Дури и во времето на некогашна Југославија, која имаше заладени односи со Бугарија токму поради прашањата со Македонија, нивните политики беа доживувани како проблематични и нелогични. Во еден момент во 1979 година, властите во Софија предводени од Тодор Живков прославија 1.300 години постоење на бугарската држава, а за таа намена во едни социјалистички времиња беше незамисливо да се потрошат за прослава милиони и милиони долари. Проблемот беше секогаш присутен, но Бугарија никогаш не беше во позиција да ја уценува нашата земја. На сите требаше да ни биде јасно дека ќе се дојде до оваа точка кога државен празник на Софија стана 3 март, денот на потпишувањето на Санстефанскиот договор, каде што е анексирана Македонија кон Бугарија – вели дипломатот.
Разликата од минатото до сега, вели Арсовски, е што квалитетот на бугарските дипломати и политичари е опаднат и тие во моментов на многу пониско и рурално ниво за разлика од нивните претходници се обидуваат да ги постигнат истите цели.
– Пазарењата како на пазар се некоја рефлексија во која Бугарија се обидува да профитира и од ЕУ и од САД во односот кон Македонија најмногу поради тензиите во Украина. Токму во овој нов конфликт со Русија и Западот, Бугарија има клучна геостратегиска позиција, која во овие моменти Бугарите се обидуваат да ја материјализираат на штета на Македонија – резимира дипломатот.

Примитивизам во дипломатско пазарење

Долгогодишниот македонски дипломат Драган Јањатов вели дека проблемот со практикувањето на бугарските уцени во дипломатијата е тука, бидејќи самата Европска Унија не го санкционира тоа однесување.
– Внатре во ЕУ минуваат неказнети ваквите однесувања на Бугарија кон Македонија, но и на други земји како Поска и Унгарија за разни прашања. Токму затоа системот на дипломатски вредности е уништен. Во еден таков форум од европски држави просто е незамисливо некој да се пазари со сите за да си ги добие посакуваните цели. Пазарењето во политиката е присутно само во екстремни состојби, кога се војува или кога се комуницира со терористички организации. Но дури и тогаш во такви едни екстремни состојби никогаш не се потклекнува на уцените. Затоа верувам дека овие практикувања на примитивизам мораат да бидат спречени од цивилизираниот и нормален свет, ако некогаш сакаме да имаме здрав меѓународен поредок, каде што на мирен и политички начин се решаваат недоразбирањата меѓу државите – вели Јањатов.
Политичкиот аналитичар Синиша Пекевски вели дека, накратко кажано, живееме во време на популизам и пазарења дури и во дипломатијата.
– Да се биде популист како Трифонов долго беше политичка стигма, а сега, за жал, е пракса и секојдневие на политичарите во светската политика, кои првпат ќе го почувствуваат апсурдот на бугарската националистичка реторика. Германскиот речник има термин што го дефинира популизмот како „опортунистичка политика“. Па токму оваа германска дефиниција најдобро може да ги отслика Бугарите во нивните политики кон Македонија со кои тие се дрзнуваат преку пазарења со велесили како САД или пак самата ЕУ да украдат од колачот на македонската историја, традиција и народно богатство – вели Пекевски.

[email protected]