Фото: Маја Јаневска-Илиева

Високото ниво на корупцијата и нереформираното правосудство, кои ги кочат демократските процеси и функционирањето на овдешните држави, допрва, според сѐ уште недоволно прецизирани најави, и понатаму ќе бидат под опсервација и оценување, преку дополнителни механизми што Вашингтон, наводно, има намера да ги примени на овие простори. А со тоа, според познавачите, заради деблокада на македонската евроинтеграција, би можело да се изврши еднакво силен притисок и врз Скопје и врз Софија

ВАШИНГТОН, ЛОНДОН И БРИСЕЛ ДЕКЛАРИРАА ЗАЕДНИЧКИ ТРОЕН НАСТАП ВО РЕГИОНОТ

Заедничкиот настап во однос на решавањето на многубројните отворени прашања во земјите од Западен Балкан, меѓу кои и во Македонија, што неодамна го декларираа Вашингтон, Лондон и Брисел, како и најавата дека постои план за нивно решавање, ги подгреа надежите, но и стравувањата на политичките актери во регионот во однос на реализацијата на амбициите, кои според голем број оцени, често не кореспондираат со визијата за регионот што ја имаат западните сојузници.
На прашањето дали и како тие проблеми би можеле да бидат решени во текот на наредната година, постојат голем број, неретко и сосема спротивставени одговори, а кога станува збор конкретно за Македонија, или барем за најголемиот проблем што таа во моментов го има, спорот со Бугарија, предвидувањата одат во насока дека и покрај непопустливата (надвор од сите норми на меѓународното право) позиција на соседната земја, притисокот на Западот врз неа ќе се засили и таа ќе мора, барем привремено, да се откаже од блокадата на македонската евроинтеграција, што, се разбира, нема да значи и натамошно непречено отворање на преговарачките поглавја или, по ново, таканаречените кластери во преговорите со Унијата.

Моќта на „моќното трио“

А дека западните сојузници, пред сѐ САД, Европската Унија и Велика Британија, овој пат, како никогаш досега, вложуваат голем напор за надминување не само на меѓудржавните проблемите што ги имаат Македонија и повеќето земји од Западен Балкан туку и на проблемите како што се криминалот, корупцијата, (не)владеењето на правото…, потврдуваат и регионалните аналитичари. Тоа особено се виде по неодамнешниот состанок на, според многумина, моќното трио, составено од специјалниот пратеник на американскиот Стејт департмент за Западен Балкан, Габриел Ескобар, специјалниот претставник на ЕУ за дијалогот помеѓу Белград и Приштина и за други регионални прашања, Мирослав Лајчак, и неодамна именуваниот специјален пратеник на британскиот премиер Борис Џонсон за Западен Балкан, Стјуарт Пич, со министрите за надворешни работи на земјите од регионот, вклучувајќи и од Македонија во Лондон.
Иако пораката „дека ЕУ е единствената алтернатива за Западен Балкан“, што по состанокот ја пренесе Лајчак, изгледаше вообичаено и веќе познато, невообичаено во сето тоа, според Страхиња Суботиќ од Центарот за европски политики во Белград, беше фактот дека „клучната порака од состанокот е оти тие се тука, работат заедно во синергија и ќе продолжат во тој ритам и понатаму да ги решаваат проблемите, што претходно не беше случај“.
Потврда за тоа дојде и од британската министерка за надворешни работи Лиз Трас, која беше домаќинка на разговорите во Лондон.
– Ги поздравив и им посакав добредојде и на претставниците од ЕУ и од САД на овие дискусии и ја истакнав потребата од заеднички ангажман и работа во поглед на засилување на нашите напори во изнаоѓање трајни решенија за намалување на тензиите во регионот – изјави Трас по средбата.
Вистина, како што потенцираат аналитичарите, во ова моќно трио, мандатот на претставникот на ЕУ, Лајчак, е фокусиран, пред сѐ, на решавање на проблемите помеѓу Белград и Приштина, поради што очекуваат дека и ЕУ, особено откога тоа го стори и Велика Британија, посериозно ќе размисли за своето кадровско решение.
– Очигледно е дека сега постои координација во политиките на Вашингтон, Брисел и Лондон. Фактот дека постојат специјални пратеници за одреден регион укажува на тоа дека во регионот, да употребам медицински израз, постои некаков воспалителен процес. А „лекарите“ сега ќе видат за што станува збор. Сега добивме специјални пратеници за Западен Балкан, а имаме и редици локални амбасадори што се тука и кои допрва ќе пристигнат. Но ако комплетниот американски тим што е тука и новоименуваниот британски пратеник ги споредите со овдешните капацитети на ЕУ, ќе видите дека тие се од повисоко ниво и дека ЕУ ќе мора да го смени својот кадровски пристап кон Западен Балкан – објаснува Душан Јањиќ од Форумот за етнички односи во Белград.

Се чекаат сигнали и од Германија и од Франција

Дали воопшто и дали навреме ќе се случи тоа, според упатените, би требало да биде јасно веќе по претседателските избори во Франција, закажани за во април наредната година, откога и во нововоспоставената владина коалиција во Германија попрецизно ќе се дефинираат намерите кон Западен Балкан.
А дали целата таа низа на, сепак, сложени и повремено и проблематични односи, во најлош случај, би можела да резултира со уште една загубена година за македонската евроинтеграција, прогнозира и Рикард Јозвик, уредник во Радио Слободна Европа.
– Впрочем, 2020 година би можела да биде подобра, со оглед на тоа што во Брисел и во другите европски престолнини постојат надежи дека малата земја од Западен Балкан би можела барем да ги отвори пристапните преговори. Сепак, ако нешто сме научиле од приказната за патот на Северна Македонија кон членството во западните институции, тоа е дека секогаш може да се појави нова пречка, во форма на некакви приговори од другите членки на ЕУ или на некакви ненајавени избори во некоја од земјите, што оневозможува прецизно да кажеме дека вратите на таа чекалница за долготрајниот пат кон членството во ЕУ ќе бидат подотворени во текот на наредната година – пишува тој во својата неодамнешна колумна.
Според него, за 2022 година, терминот „би можело“ и понатаму е поверодостоен од терминот „би требало“ кога станува збор за шансите Македонија да го добие долго посакуваниот датум за почеток на преговори со Унијата.
Високото ниво на корупцијата и нереформираното правосудство, кои ги кочат демократските процеси и функционирањето на овдешните држави, допрва, според сѐ уште недоволно прецизирани најави, и понатаму ќе бидат под опсервација и оценување, преку дополнителни механизми што Вашингтон, наводно, има намера да ги примени на овие простори. А со тоа, според познавачите, би можело да се изврши еднакво силен притисок и врз Скопје и врз Софија. Д.М.М.