Фото: ФФМ

Свирежите за бугарската химна на синоќешниот меч помеѓу фудбалските репрезентации на Македонија и Бугарија (0-1) во Скопје не поминаа незабележано меѓу водечките бугарски политичари кои изразија незадоволство за ваквиот гест на публиката на арената „Тодор Проески“ додека истовремено ликуваа за победата на бугарската селекција, а не пропуштија прилика ниту да ја „префрлат топката“ во полето на политиката. Македонските навивачи пред почетокот на натпреварот во рамки на Лигата на нации го проследија интонирањето на бугарската химна со свирежи, додека гостите имаа поддршка од педесетина симпатизери.

Со реакциите на социјалните мрежи предничеа лидерите на бугарските партии Има таков народ и ГЕРБ, Слави Трифонов и Бојко Борисов, кои во негодувањето ги вметнаа и македонските евроинтеграции, како и пресметките со ривалите на бугарската политичка сцена. Трифонов е познат по острите ставови за Македонија од кои неодамна се оградија и три коалициски партнери на неговата партија. Тој ги протолкува саркастично свирежите, наведувајќи дека тие се „благодарност“ на Македонците до бугарските партии за отпочнување на пристапните преговори со ЕУ.

– Седам и го гледам натпреварот Бугарија – Северна Македонија, но зјапам празно во телевизорот, бидејќи во моите уши свирежите на бугарската химна и врисоците, кои и покрај пукањето, многу јасно се слушаа: Бугари – Татари, Бугарски ц*гани и „Бугарски ш*паци“. Ова се извиците на благодарност со кои благодарните Македонци им се заблагодаруваат на Продолжуваме со промената, ГЕРБ, ДПС, Демократска Бугарија и неутралната БСП, што ги оставија да почнат преговори за членство во ЕУ. Претпоставувам дека Кирил Петков, Асен Василев, Бојко Борисов, Мустафа Карадаји, Христо Иванов и неутралната Корнелија Нинова ги слушаат свирежите, но и врисоците, затоа што се за нив. Затоа што ја занемарија омразата на Македонците и тажната состојба на Бугарите во Северна Македонија. Сигурен сум дека ја слушаат благодарноста. Хоп, погоди Десподов. Одлично. За сета едноставност нема подобар одговор од победата – напиша Слави Трифонов.

Поранешниот бугарски премиер и потписник на Договорот за добрососедство порача дека Македонците не ги разбираат европските вредности.

Почит до момците од бугарската фудбалска репрезентација! Вака се брани достоинството на нашата нација! Како Бугарин и фудбалски навивач категорично го осудувам навредувањето на бугарската химна на почетокот на натпреварот Бугарија – РСМ За жал, со слични постапки нашите соседи од Северна Република Македонија не покажуваат дека ги разбираат европските вредности. Напред млади Бугари – напиша Борисов.

И европратеникот од ВМРО-НДП, Ангел Џамбаски, кој редовно испраќа провокации кон Македонија, даде свое видување за односот кон бугарската химна на мечот во Скопје.

– Грдо и гнасно сквернавење на бугарската химна од страна на навивачите на репрезентацијата на Северна Македонија. Нема сомнеж дека замената, лагата и илузијата во која живеат овие „навивачи“ се базираат на омраза кон Бугарија. На бугарските лавови им посакувам победа, и да ја победиме лагата на македонизмот – истакна Џамбаски на Фејсбук по интонирањето на химните.

Министерството за надворешни работи на Македонија упати осуда за, како што наведува во соопштение, вчерашниот израз на говорот на омраза што можеше да забележи во текот на фудбалскиот натпревар меѓу репрезентациите на Македонија и Бугарија.

– Спортските настани претставуваат највисокиот израз на принципите на фер однос, меѓусебна почит и натпревар во спортски дух. Злоупотребата на овие настани за ширење на омраза и нетрпеливост претставуваат суштинска спротивност на нивната основна замисла – се вели во соопштението на МНР, со што се додава дека Македонија и Бугарија и во иднина ќе продолжат активно да работат на унапредување на меѓусебните односи.

Треба да се истакне и дека Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) во пресрет на мечот со Бугарија апелираше до македонските навивачи за воздржаност од неспортско навивање и покажување почит кон противникот.