Грчките медиуми ставаат акцент на ставовите во однос на Договорот од Преспа и употребата на името, изразени од лидерите на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ Димитар Ковачевски и Христијан Мицкоски за време на ТВ дуелот во средата, пренесувајќи го текстот од државната агенција АНА-МПА, јави дописничката на МИА од Атина.
„Катимерини“ под наслов „Предизборна конфронтација за уставното име“, во целост го пренесува агенцискиот текст, а дописникот на ЕРТ од Скопје во текстот под наслов „С. Македонија: Конфронтација меѓу лидерите на двете најголеми партии за употребата на уставното име на државата“, ги пренесува ставовите на Ковачевски и Мицкоски.
– Претседателот на владејачката Социјалдемократска партија (СДСМ), Димитар Ковачевски рече дека ставовите на претседателот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски за уставното име на државата во иднина може да создадат проблеми со Договорот од Преспа поради неговиот тврдоглав став да не се користи новото уставно име на земјата. Христијан Мицкоски, одговарајќи на прашањето како ќе ја именува државата, дома и надвор, во случај да биде избран за премиер на државата, децидно изјави дека за него името на државата секогаш ќе остане само Македонија – објави ЕРТ.
Во продолжение, како и останатите медиуми, ги пренесува изјавите на двајцата лидери, делот во кој Мицкоски вели дека „за него Македонија е и ќе биде Македонија“ и дека „нема да ги промени неговите позиции“ и одговорот на Ковачевски дека „не може да менува позиции, бидејќи тој воопшто нема позиција“.
„Катимерини“ во денешната колумна за најважните настани во и вон Грција, кусо се осврнува и на ТВ дуелот и коментира дека „шест години по Договорот од Преспа, две различни Влади можеа да тврдат дека Северна Македонија веќе престана да биде надворешно-политички проблем, но се чини дека Христијан Мицкоски, претседател на националистичката ВМРО-ДПМНЕ, која – барем според анкетите – лесно ќе победи на претстојните избори во мај, може да ја промени ситуацијата“, пренесува МИА.
Весникот, паралелно ја цитира и изјавата на Мицкоски во однос на употребата на името.
– Не знам зошто ќе треба ние да го промениме однесувањето, ако ја добиеме довербата од граѓаните. За мене Македонија е и ќе биде Македонија. За тоа нема дилеми – ја пренесува „Катимерини“ изјавата на Мицкоски.
Дополнително, новинарот коментира дека лидерот на ВМРО-ДПМНЕ „главно на ум ги има преговорите со Софија, која го притиска Скопје да направи разјаснувања за идентитетските прашања“.