Фото: МИА

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска изјави дека полицијата го спречила синоќешниот инцидент кај плоштадот „Скендербег“, кога едно лице впери пиштол, а други фрлаа со предмети кон граѓаните што протестираа, повикувајќи да се погледнат видеата од настанот. Спасовски покажа и фотографија на која се гледа реакција на полициски службеник кон лицето со пиштол и други лица. Според него, полицијата спречила инцидент кој можел да има поголеми размери.

– Ќе видите дека полицијата го спречила инцидентот и тоа поголем број на полициски службеници. Погледнете ги видеата коишто беа објавени од медиумите и од нас. Еве само една слика ќе ви покажам кај што полицијата интервенира на лице место. Не треба да дојде до ова секако. За да не дојде до ова секој еден граѓанин мора да знае дека мирни протести мора да бидат – рече Спасовски кој беше во посета на Идризово.

Никому, како што кажа, не му е дозволено да вади огнено оружје и да загрозува безбедност на ниту еден граѓанин во државата и побара никој да не оправдува вадење на огнено оружје во јавност. Апелираше на мирни протести.

– Апсолутно можеше да дојде до многу поголеми последици. Затоа апелирам и до граѓани и до политичките субјекти и сите коишто учествуваат на протестите да бидат на мирни протести. Вандализмот и насилството нема да даде резултати во ниту еден случај и тоа за која било тема или постапка да интервенираме во јавноста – рече Спасовски.

Министерот за внатрешни работи беше дециден дека таму имало рапсоредено довоелн број полициски службеници, како и инспектори.

Лицето што фрли молотов коктел кон Собранието, според Спасовски, е веќе уапсено.

– За тоа работат службите со уапсениот, се земаат изјави, се разговара и кога ќе ги имаме сите детали во однос на овој случај ќе биде соопштено – рече Спасовски.

Според него, оперативни сознанија за можни инциденти има секаде каде што се движат или престојуваат лица што одат на протестите.

Тројца полициски службеници се повредени, а пет лица се приведени за време на вчерашниот протест против францускиот предлог.

– Двајца од полициските службеници се здобија со повреди при инцидент во близина на споменикот „Скендербег“, каде со брза реакција на полицијата беше избегнат поголем инцидент, при што веднаш беше приведен Е.Ј. (40) од Скопје, осомничен за пукање од пиштол. Пиштолот е обезбеден, за случајот е известен јавен обвинител и по негово документирање против лицето ќе биде поднесен соодветен поднесок – информираат од Министерството за внатрешни работи.

Како што соопшти Министерството, лишени се од слобода уште три лица поради фрлање со тврди предмети кон полициски службеници.

– Еден полициски службеник беше повреден со тврди предмети пред Собранието и задржан е на болничко лекување. Уште едно лице е приведено пред угостителски објект на подрачјето на Центар, поради снимање со дрон без дозвола – додаваат од МВР.

За време на собирот пред Собранието, Министерството информира дека е регистриран и настан во кој учесници во протестот се обидувале да отстранат група на маскирани лица, кои предизвикувале инциденти.


Кривична против 12 лица за учество во толпа што ќе изврши кривично дело, одреден и притвор

Во врска со извршено кривично дело „учество во толпа што ќе изврши кривично дело“, по чл. 385 од Кривичниот законик, сторено на 5 јули за време на граѓански собир пред Собранието, при што беа повредени 47 полициски службеници и извршено е оштетување на зградите на Собранието, Владата, Министерството за надворешни работи, како и полициска куќарка, полициско возило и разни видови полициска опрема, од слобода беа лишени најпрво 11 лица, а по утврдување на идентитетот, дополнително уште четири лица, или вкупно 15 приведени лица, од кои три малолетни, соопшти Министерството за внатрешни работи.

Од страна на полициски службеници од Единицата за насилен криминал, по преземени мерки и активности, како што информираат од МВР, против 12 лица е поднесена кривична пријава во брза постапка.

Пријавените лица синоќа се изведени пред судија на претходна постапка, од чија страна на едно лице му е изречена мерка притвор, а на седум лица мерка куќен притвор, посочуваат од МВР.