Според голем број анализи, конфликтот во Македонија од 2001 година е прелевање на етношовинистичкиот и експанзионистички набој од Косово, поттикнат по случувањата од 1999 година и бомбардирањата на НАТО врз Србија. Во тој контекст, најновиот извештај на комесарката за човекови права при Советот на Европа има еднакво предупредувачко значење и за Македонија. Односно, како да се постигне почитување на човековите и граѓанските права во општества и држави како Македонија, кои немаат суштински расчистено со извршените злосторствата над цивили и агресија над легитимните државни институции во конфликтот од 2001 година, а злосторниците се претставуваат како херои и со децении се носечки политички фактор во власта?

Во Советот на Европа поднесен извештај за неуспехот на земјите од бивша Југославија да се справат со злосторствата за време на оружените конфликти

Можно ли е да се создадат општество и држава што почиваат на правда и почитување на човековите права со заборав, што значи престанување на паметењето за извршените злосторства? Таква дилема се наметнува за државите излезени од некогашната југословенска федерација, речиси 30 години по нејзиниот крвав распад, што е забележано во најновиот извештај на комесарката за човекови права Дуња Мијатовиќ при Советот на Европа.
Неуспехот на земјите од поранешна Југославија целосно да се справат со злосторствата за време на воените конфликти има катастрофални последици врз почитувањето на човековите права, владеењето на правото и социјалната кохезија во регионот. Тоа е толку сериозно, што, според споменатиот извештај во Советот на Европа, „може да доведе до враќање на конфликтот во регионот“ – се наведува како силно предупредување на Советот на Европа!

Враќање на националшовинистичкиот дискурс

Во извештајот се потенцира и дека „влијанието на правните акции по тие војни, како што е формирањето на Трибуналот за воени злосторства во Хаг, и апсењето и осудувањето на многу политички и воени лидери одговорни за масовните убиства, почнуваат да бледнеат и неказнивоста се враќа“!
Второ, се посочува и дека „постоеше надеж дека националните судови ќе продолжат да ги гонат илјадниците други сторители, но нивниот моментум драстично забави. Етнонационалистите се политички доминантни во регионот, промовирајќи говор на омраза и негирајќи геноцид и други злосторства против човештвото“.
Комесарката за човекови права Дуња Мијатовиќ при Советот на Европа предупредува дека етнонационалистичкиот дискурс што ја повратил силата во регионот, заедно со сѐ поголемото негирање на воените злосторства и глорификацијата на воените злосторници, сериозно ги попречува напорите за помирување и го загрозува мирот.

Нулта толеранција за негирањето геноцид и за поттикнување омраза кон други етнички групи

И триесетина години по настаните од конфликтите во деведесеттите години на 20 век на просторите на некогашна Југославија, комесарката Мијатовиќ ги повикува и охрабрува државите во регионот да ги оживеат напорите во справувањето со минатото кон правда и помирување со пристап ориентиран кон жртвите и нулта толеранција за негирање на геноцидот и поттикнување омраза кон други етнички групи. Нагласувајќи ја клучната важност на регионалната соработка во овој контекст, таа бара итно внимание за да се прекине тековниот пренос на траума и омраза од една генерација на друга и советува да се „зајакне политичката и финансиската поддршка за силно и издржливо граѓанско општество, кое работи на транзициската правда“.
Во извештајот таа предупредува на незавршените процеси и обврски кон справување со минатото и додава дека тие поделби и омраза што ги предводеа војните, повторно добиваат сила.
Извештајот на Дуња Мијатовиќ се однесува за војните во Хрватска и во Босна и Косово, но и во Македонија има рецидиви од конфликтот во 2001 година, кој е своевидно „продолжение на низата“ на воени случувања во бившојугословенскиот простор, предизвикан како „одложена реакција“ на истите етнонационалистички причини што се пренесуваа(т) низ регионот.
Според голем број анализи, конфликтот во Македонија од 2001 година е прелевање на етношовинистичкиот и експанзионистички набој од Косово, поттикнат по случувањата од 1999 година и бомбардирањата на НАТО врз Србија. Во тој контекст, најновиот извештај на комесарката за човекови права при Советот на Европа има еднакво предупредувачко значење и за Македонија. Односно, како да се постигне почитување на човековите и граѓанските права во општества и држави како Македонија што немаат суштински расчистено со извршените злосторствата над цивили и агресија над легитимните државни институции во конфликтот од 2001 година, а злосторниците се претставуваат како херои и со децении се носечки политички фактор во власта?

Судењето на косовските челници на ОВК потсетува на незастареноста за хашките случаи во Македонија 

Судењето на поранешните косовски борци на ОВК пред Хашкиот трибунал е сѐ уште актуелно. Обвинетите во периодот од две децении од наведените злосторства во обвинението изнесено пред трибуналот во Хаг беа и на (нај)високи државни функции во Косово, но тесно врзани и со подоцнежниот конфликт во Македонија. Таквиот факт неодминливо ја активира паралелата за четирите т.н. хашки случаи за злосторствата против човештвото сторени во 2001 година од „филијалата“ на ОВК во земјава – ОНА, кои се ставени ад акта во македонското правосудство преку Законот за амнестија и едно автентично толкување. Но правните експерти потсетуваат дека „ако македонски суд одлучи да не постапува по одредени предмети, тоа не е гаранција дека Меѓународниот суд ќе се согласи со таа одлука“. Според мислењата на нашите соговорници, професори и правни експерти, всушност во таа функција е и најновиот извештај на комесарката за човекови права при Советот на Европа, Дуња Мијатовиќ.