Во контекст на регионалната вознемиреност од најновиот инцидент на Косово и со сите претходни искуства и реперкусии врз нејзината државност од слични ситуации во минатото, треба да се подразбира дека Македонија треба да биде на штрек од случувањата во нејзиното соседство – и безбедносно и политички
Македонија вообичаено на штрек по секој оружен инцидент во Косово
И покрај смирувачкото соопштение од македонската влада за „стабилната безбедносна состојба во државата“, по оружените инциденти во Косово со жртви на двете страни во судирот (еден косовски полицаец и тројца претставници на српското малцинство таму, кои организирале барикади), сепак вниманието и претпазливоста на јавноста во Македонија се сериозно превентивно подигнати.
– Безбедносната состојба во државата, во корелација со случувања на Косово, е стабилна, без никакви индикации за можни нарушувања, сите институции задолжени за безбедноста се максимално будни. Ги осудуваме настаните што се случија денеска и му даваме целосна поддршка на КФОР за сите идни активности што се во насока на гарантирање на мирот и стабилноста во Косово и регионот – се наведува во соопштение од Владата.
Во повеќе наврати во блиското минато од последниве триесетина години, Македонија имала директни последици од регионалниот ефект на сврзани садови од случувањата, односно политичко-оружените спорови меѓу нејзините соседи Србија и Косово. Постои речиси политичко-аналитички консензус во македонскиот јавен дискурс дека оружениот конфликт во Македонија во 2001 година, од кој произлезе Охридскиот договор што ја редефинира државата, е директно прелевање на случувањата од 1999 година, кога по меѓународна воена интервенција Косово практично беше одделено од Србија. Таквото искуство на „своја кожа“, покрај фреквентните и блиски врски на македонските граѓани од албанското малцинство со граѓаните на Косово, секогаш во Македонија претставува предупредување дека секое нарушување на мирот во соседството треба да се сфати сериозно во однос на домашната безбедност.
Реален потенцијал на Косово за дестабилизација на регионот
Иако и овој инцидент во Косово, повторно со потенцијал за висок ризик за безбедноста на регионот, палијативно е решен во текот на денот (24 септември), политичката напрегнатост и меѓусебните обвинувања на политичарите од двете страни продолжуваат да ги брануваат регионот и меѓународната јавност.
– Пред некој ден ме прашаа за мислење околу ситуацијата на Косово: накратко им реков дека „замрзнат“ конфликт е празна флоскула и дека многу брзо (и по потреба) може да се пали и гаси. Еве денес жртви од двете страни. Уште во летото 1999 година на предавање на ЦЕУ во Будимпешта, Јохан Галтунг кажа дека конфликтот не е решен и ќе тлее со децении… – реагираше на социјалните мрежи уште на денот на инцидентот универзитетската професорка на Институтот за одбранбени и мировни студии, Билјана Ванковска.
Геополитички интереси за дестабилизирање на Македонија и регионот на Западен Балкан
Одредени аналитичари од регионот неодамнешниот инцидент во Косово го согледуваат во геополитички контекст, за дефокусирање на меѓународната политика од војната во Украина, која веќе година и пол е доминантен глобален предизвик. Агим Муслиу, директор на Институтот за хибридно војување од Приштина, во своја анализа за еден регионален медиум смета дека инцидентот е дел од планот да се креира ново жариште на Балканот, а како негов спроведувач го наведува српскиот претседател Александар Вучиќ
– Претседателот Вучиќ веќе најави безредија низ Косово, бидејќи е подложен на хибридното влијание на (рускиот претседател) Путин. Путин веќе неколкупати инсистираше да има жариште на Балканот – било тоа да е Босна или Косово, Црна Гора или Македонија… не е важно. Но, денес на дневен ред беше Косово. Не е тешко да се предвидат потезите на Вучиќ, бидејќи од него зависи и мирот на Косово, зашто тој директно командува со овие терористички организации на северот на Косово и со криминалните групи. Кога му одговара да преговара за мирот, тогаш ја дестабилизира ситуацијата на Косово – анализира Агим Муслиу, безбедносно-политички аналитичар од Косово.
Со повисока доза на објективност аналитичарот Џелал Незири апелира на поистакната дипломатска активност, за враќање на дијалогот.
– Вчерашниот ден (24.9.2023, н.з.) означува обновување оружен судир во регионот, кој може да ги поткопа сите дипломатски напори на меѓународната заедница за нормализација на односите меѓу Косово и Србија – вели аналитичарот Џелал Незири.
Тој смета дека ситуацијата има стремеж да се влошува, особено ако нема поистакната дипломатска активност за враќање на дијалогот и брзо спроведување на договореното.
Во контекст на регионалната вознемиреност од најновиот инцидент на Косово и со сите претходни искуства и реперкусии врз нејзината државност од слични ситуации во минатото, треба да се подразбира дека Македонија треба да биде на штрек од случувањата во нејзиното соседство – и безбедносно и политички.