Фото: Маја Јаневска-Илиева

ВМРО-ДПМНЕ покажа конструктивност, која власта нема капацитет да ја валоризира. Времето ќе покаже што значел нашиот предлог, вели лидерот на најголемата опозициска партија Христијан Мицкоски во изјава за „Дојче веле“.

Пет дена по средбата помеѓу премиерот Димитар Ковачевски и Мицкоски и натаму продолжуваат тврдењата на СДСМ дека Мицкоски прифатил уставни измени, но без осврт кон посочените услови под кои опозициската партија би се согласила за тоа. Ваквиот пристап само ја интензивираше размената на меѓупартиски реакции, и ја зголеми недовербата меѓу соговорниците.

– СДСМ е потполно свесна за тоа што го понудив на лидерската средба, но упорната манипулација која се прави со изнесување на неточни информации и импутирање на зборови практично ја отсликува состојбата во партијата и значи отсуство на волја да се направи реален исчекор со решение кое ќе значи зачувување на идентитетот и реална и брза интеграција на државата. Дотолку повеќе што задните и вистински намери се гола пиар реторика и битка, отколку грижа за државата. Расфрлањето со пердуви е контрапродуктивно затоа што јасно е од лидерската средба дека нема договор, а сѐ уште чекаме одговор од СДСМ – кој од двата предлози кои ги понудив тие го прифаќаат. И на самата средба Ковачевски беше дециден дека нема договор, што и јас го кажав потоа во изјавите пред медиумите. Мојата цел беше да се одглават работите и да се даде поинаква перспектива на процесите, да создадеме решение кое нема да биде на штета на граѓаните и иднината на Македонија. Жалам што СДСМ пропушта голема и историска шанса – истакна меѓудругото Мицкоски.

Тој се осврна и на неговите предлози за кои чека одговор од СДСМ.

– Она што го понудив е промена на околностите, заштита на националните интереси и европска интеграција. Првиот предлог кој го дадов е преодна влада без ДУИ, измени кои ќе стапат во сила со завршување на преговорите и членството на државата во ЕУ. Вториот предлог е избори, гаранции за националниот идентитет и јазик, економски пакет, и заштита на Македонците во Бугарија преку спроведување на пресудите на судот за човекови права во Стразбур. и измени од влада без ДУИ, поддржана од опозицијата. Она што го понуди Ковачевски се уставни измени под бугарски диктат, и широка влада со ДУИ. Не е поентата ВМРО-ДПМНЕ да дојде на власт во некаква широка влада, туку да изградиме процес и пакт за национално единство каде ќе ги заштитиме националните интереси – порача Мицкоски.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ ја напомена и можноста за одржување на избори.

– Ако се пропушти и оваа шанса, јасно е дека процесот е целосно заглавен, дека СДСМ има намера да донесе решение кое ќе биде штетно, а единствената брана за такви уставни измени ќе останат ВМРО- ДПМНЕ и пратениците кои нема да дозволат тоа да помине. Во тој случај изборите се единственото логично решение – заклучува Мицкоски.