Филозофска колумна за ветувањето

Драги мои, никогаш порано, како денес, не сум бил исправен пред прашањето за моето постоење, не како хомо сапиенс, туку како хомо политикус, како зоон политикон, во смисла на Аристотел. Никогаш повеќе од денес не сум бил на раскрсница од логичноста на тоа да се обидувам да ги дефинирам човекот и човечките односи како логичен и континуиран сплет на сознанија и емпирија, и да ги составам во заемна врска со резултатите од примената и практикувањето на тие сознанија во мојот живот – како лично искуство, но и искуствата на луѓето околу мене во овој момент сега – во единство со општите сознанија на оние пред мене.

Каде ли е сега проклетиот Марко Аврелиј? Нели, генерале, само оној што ги познава историјата, минатото, емпиријата, може да ја поднесе сегашноста и да ја предвиди иднината? Нели така сме се учеле, филозофу? И нели, верувајќи на овие постулати сме стигнале дотука и другите што не веруваа во ова ги нарекувавме необразовани и глупави? Како сега, кога сознанијата мои, на моите современици, но и нашата општа емпирија кажуваат дека таму на средина од мочуриштето по кое бавно, но сепак до појас и сепак сѐ уште во група и сепак сѐ уште живи чекориме има жива кал, а ние упорно одиме натаму.
А дополнително гледаме изглодани коски и черепи наденати на кол, кои нѐ предупредуваат за тоа што нѐ очекува ако продолжиме во правецот што ни го потшепнале, да биде уште пострашно – нашите непријатели! Чекориме со судни маки кон пропаста што ја одрекуваме, ја отфрламе, ја премолчуваме како лага, како погрешна информација, како нелегитимна вистина, како празноверие.

Боже Господи, те проколнувам, не мене, дај му мудрост на мојот народ како да излезе од оваа пуста пустелија по која талкаме триесет години. Ќе речеш Евреите талкале четириесет за да се вратат дома. Се вртеле во круг. Барале нешто што никогаш не го виделе и не знаеле како воопшто изгледа таа земја што им била ветена, како „ветена“. Боже Господе, нашето талкање е Танталово, по вода до гуша жедни талкаме по мочуриштата на историјата и го бараме она што ни е ветено, а го отфрламе она што одамна ни беше изгубено и случајно го откривме барајќи го тоа што не сакаме да го најдеме.

Човекот е осамено суштество. Човекот не може да живее во заедница со други луѓе. Човекот едвај дали може да живее во врска со уште еден друг човек. Човекот е изгубено суштество. Човекот е талкач. Човекот, овој што може да се нарече целосен човек, во смисла на Аристотел, ова го повторувам за да не дојде до забуни за кој човек мислам, е во вечна потрага, во талкање по самиот себеси. И само таа потрага, макар и во толпа со други луѓе, може да го доведе до ветената земја, која најверојатно не е таму кај што ја бараме.

Драги мои, ние мораме да си ја ветиме земјата што ја бараме, не до толку за да ја најдеме, туку да има смисла потрагата по неа. Може ли на овој, сепак голем свет, да има земја за сите, освен за нас? Може, да, сигурно може да нема, а можеби и нема, затоа што ние не сме си ја ветиле и не ја бараме таа наша проклета ветеница! „Проклет да сум“, така кажува Лем во „Големата вода“ на Чинго, проклет да сум поради тоа дека знам што сум си ветил на самиот себеси: која е мојата ветена земја? Проклет да сум затоа што не чекам вие да ми ветите што и да е! Јас не можам да ви верувам, затоа што вие не сте изгубиле ништо и не можете да најдете нешто што не постои во вас, во вашите сознанија и во вашата емпирија.

Надвор од умот на проклетите Аристотел и Аврелиј е за да смеам да можам да ви поверувам! Проклет да сум, ако некогаш ви поверувам за што и да е. На гробот на Никос Казанѕакис пишува: „Не се надевам на ништо, не се плашам од ништо, јас сум слободен“. Може ли да се живее без надеж и без страв? Не знам. Јас се надевам и се плашам. Поради тоа ќе продолжам да ја барам мојата земја, каде што себе си ветив, луѓето ќе живеат во надеж и во страв дека повторно изгубеното, едвај дали може и да се надеваме дека ќе го најдеме? Ако сега ја изгубиме земјата на надежта и стравот, тоа значи дека сме ја отфрлиле, сме се откажеле од неа.

Евреите еднаш ја најдоа и пак ја изгубија. Две илјади години талкаа по Европа на исток и Европа на запад во потрага по ветената земја. А таа си беше таму кај што ја оставиле. Само што престанале да веруваат на себеси и сознанијата на другите и емпиријата за патот како да се стигне назад. Боже Господе, дај му сила на мојот народ да види дека бара на погрешно место. Дај му сила да разбере дека никој и никаде нема да му го даде тоа од што самиот ќе се одрече.

Извинете, но јас не можам да се одречам. Се одрекле моите предци, верувајќи во лажните ветувања на нивните, за среќа, и мои непријатели, и страдале поради тоа. Јас го видов тоа и страдав заедно со нив. Зошто да ви верувам вам кои сега страдате за првпат? Сега совршено разбирам дека кога страдаш за првпат ти и не знаеш дека страдаш. Првото страдање е без сознание и без емпирија!

Драг мој Марко Аврелиј, во право си. Поради мене. Ти си првото страдање, јас сум сознанието и емпиријата на твоето страдање. Нема зошто сега да страдаме заедно.

Авторот е режисер и универзитетски професор