Две претстави во официјалната програма на 57. МТФ „Војдан Чернодрински“ ќе бидат изведени вечерва на четвртиот ден на фестивалот. Во 10 часот е закажана првата претстава која се роди како резултат на „Едукативните работилници“, што фестивалот ги воведе од оваа година, а ќе се претстават учениците од ОУ „Климент Охридски“,
предводени од наставничката Јулијана Талеска.

Еден час подоцна ќе следува промоција на „Еуродрам“.

Претставата на Театарот за деца и младинци „Роња, ќерката на ограбувачот“ во режија на Јакуб Максимов, ќе се изведе во 19 часот во театарот „Војдан Чернодрински“.

Улогите ги толкуваат: Матеа Јанковска, Никола Наковски, Мики Анчевски, Катарина Илиевска-Силјановска, Ангела Димитрова и Петар Стојанов.

– Независно што целна група е детската публика, претставата „Роња, ќерката на ограбувачот“ е комплексна претстава во која радоста на актерската игра и нивната моќ за креација во симбиозата човек – кукла е повеќе од очигледна. Претставата во суштина ја покажува креативната сила на трансформацијата на актерската игра, притоа имајќи го предвид и односот кон публиката (можноста да се разбере моралната вертикала од најмали нозе) и односот меѓу актерите (можноста да се ужива во презентирањето на градењето на приказната меѓу куклата и актерот) – вели во образложението, уметничката директорка Ана Стојаноска.

„Чудна случка со кучето во ноќта“ од Сајмон Стивенс, во режија на Зоја Бузалковска, ќе биде изведена во 21 часот на сцената на Центарот за култура „Марко Цепенков“.

– Иако станува збор за претстава работена според франшиза, режисерката Зоја Бузалковска заедно со ансамблот на Драмскиот театар – Скопје, создава претстава која по многу нешта отскокнува од актуелниот репертоар на театарот. Пркосот на креацијата во оваа претстава произлегува од начинот на кој се справува и режисерката и актерите со наметнатите правила, а истовремено отвора простор за слободна креација. Актерите во претставата играат мошне инвентивно и истовремено го покажуваат уживањето во играта. Сметам дека ова е актерска претстава во која ансамблот покажува како е да се игра во насока на креирање на играта на главниот актер – стои во експликацијата на Стојаноска.

Улогите ги толкуваат: Дамјан Цветановски, Трајанка Илиева Вељиќ, Александар
Степанулески, Емилија Мицевска Трајковиќ, Соња Стамболџиоска, Јасмина Василева,
Филип Трајковиќ, Стефан Вујисиќ, Златко Митрески и Нела Павловска.

Инаку, вчера помина во знакот на претставите од независната продукција. Беа изведени
три претстави низ цел град, а публиката одлично реагираше на претставите „Под.готвено“, „Заминувања“ и „Скопјани“, а гостуваа и студенти на ФДУ со дипломска претстава. Ка.М.