ЈАВНИОТ ИСТАП НА РАМА НА САМИТОТ НА ПРОЦЕСОТ ЗА СОРАБОТКА НА ЈУГОИСТОЧНА ЕВРОПА (ПСЈИЕ) ВО СОЛУН Сѐ УШТЕ СЕ КОМЕНТИРА
Според нашите соговорници, сѐ што се случува на некој меѓународен форум е дел од протокол и има значење на официјалност. Според нив, она што по ваков инцидент треба да се стори од наша страна е да се бара официјално извинување од „шегаџијата“, а наедно треба да се побара и од ЕУ да се изјасни за она што е искажано на меѓународен собир во организација и присуство на нејзини претставници
Кога ќе помине смешното дејство на шегите, останува да нагризува киселоста на вистинските намери. Од „шегобијниот настап“ на албанскиот премиер Еди Рама на самитот на ПСЈИЕ во Солун (Грција) изминатиот викенд, со претставувањето на македонскиот премиер Димитар Ковачевски како „премиерот на идната западна Бугарија“, сѐ уште се чувствува горчлив вкус во јавноста во Македонија.
Носителите на државните функции изразуваат државни, а не лични ставови на јавните настапи
– Сѐ што се случува на некој меѓународен форум е дел од протокол и има значење на официјалност, колку и да е кажано на шега. Така што изјавата на Рама во Солун не ја сфаќам како шега, сарказам или иронија, туку повеќе како подготовка на терен за реализирање на за нас познатите агенди за поделба на Македонија, меѓу Албанија и Бугарија. Пробните балони за одредена политичка намера обично започнуваат како шега, па полушега, за во погоден момент да се претворат во конкретно барање. На таквите провокативни шеги гледам како на предвесник на нешто што е желба на едни или други меѓународни субјекти. Она што е позагрижувачки е несоодветната реакција од македонска страна. Во краен случај, секој може да каже што сака, но важна е нашата реакција. Освен што треба да се бара официјално извинување од „шегаџијата“, треба да се побара и од ЕУ да се изјасни за она што е искажано на меѓународен собир во организација и присуство на нејзини претставници – вели универзитетската професорка Солза Грчева.
Професорката Грчева додава дека албанскиот премиер, всушност, отворено го кажал сценариото на крајните намери од исцрпувањето на Македонија со ветата на нејзините евроинтеграции.
Македонското МНР со јавна благодарност за силната поддршка што ни ја дал
премиерот Рама
Македонскиот министер за надворешни работи, Бујар Османи, се обиде и официјално од агол на МНР, да ги толкува и да ги појасни значењето и намерата на настапот на албанскиот премиер.
– Премиерот Рама беше многу остар кон бугарската делегација во Солун, до толку што и тие се вознемирија, посебно кон прашањето за Македонија, велејќи дека ова што го прави Бугарија е голем срам – коментираше подоцна во ТВ-гостување министерот Бујар Османи. Според Османи, пред да ја каже таа шега, Рама жестоко ја бранел Македонија во официјалниот дел од регионалниот самит во Солун.
– Секако дека и Албанија е жртва на ова, но ви кажувам дека Рама беше отворен во неговите критики. Фактички тој кажуваше нешто што ние не можеме поради одржување на процесот жив. Рама не е должен толку силно да ги поддржува нашите ставови, а сите што беа таму го видоа тоа. Затоа мислам дека оваа критика кон него е бесмислена и некоректна. Секој што ја следел неколкучасовната дебата внатре, ќе знае која беше целта на тој сарказам. Јас можам во името на Владата само да се заблагодарам за силната поддршка што таму ни ја даде премиерот Рама – кажа Османи.
Сарказмот разбуди контрасарказам: Да му се заблагодариме на Рама за транспарентноста и објавувањето на стратегијата
Дел од политичко-аналитичката јавност препознава „промоција“ на отворена меѓународна сцена на „јавната тајна“ за соседските апетити на западноисточната оска, за поделба на Македонија.
– Кога Рама вели „западна Бугарија“, тој искрено и без таење го открива планот за поделба на Македонија, меѓу нив (Албанија) и Бугарија. Тоа би се спровело така што сите Македонци ќе станат Бугари, а Западна Македонија територијално ќе ѐ припадне на Албанија и можеби на Косово. Треба да му се заблагодариме на транспарентноста и објавувањето на стратегијата за голема Албанија и голема Бугарија – вели професорот по меѓународно право Игор Јанев.
Имено, со „сарказмот на Рама“, според професорите со кои се консултиравме, отворено се активираа сомнежите за уште едно воскреснување на познатите големодржавни агенди на македонските соседи.
Недозволивата молчаливост и толеранција на ЕУ
Професорката Солза Грчева е вчудовидена од однесувањето на Брисел, нивното лицемерство, политиките на двоен колосек, непринципиелноста и неконзистентноста, толерантноста на кршењето на меѓународното право и сето тоа спакувано и допуштено да ни се сервира јавно, преку несолени шеги, иронија и сарказам…
– Конечно треба да ни стане јасно дека нам вето не ни става Бугарија (ниту претходно Грција), туку самата Европска Унија. И тоа е дел од сценариото кое, ете, наводно на шега, со иронија или сарказам, го искажа Еди Рама. Македонија е оставена на таква ветрометина, незаштитена дури ни сама од себе. Ако постапиме според барањата на Бугарија, влегуваме во целосна национална самодеградација. При актуелната состојба во ЕУ, кога на брз колосек за кандидатски статус се турка најкорумпираната земја во Европа, на чија територија има воен судир, Македонија треба да размисли за повлекување на апликацијата за членство во ЕУ. Во Македонија се однесуваме како се што ни се случува на меѓународен план да е природна појава, реагираме како на закана од цунами. Но тоа се историски текови на кои мора да се реагира разумно и според националните интереси – укажува професорката Солза Грчева.