Во воената теорија, прокси-војната подразбира состојба на воен судир кога две моќни држави, односно армии, директно не се конфронтираат, ами тоа го прават преку други, помалку силни држави, кои се користат како посредници во меѓусебниот судир. Во прокси-војните, големите држави стојат во заднината како поддржувачи, за логистика, опрема, оружје, муниција, но и со други безбедносно- разузнавачки активности, сајбер-напади и сл. А во војната во Украина, воените аналитичари препознаваат сѐ повеќе белези на современа прокси-војна, која вшмукува сѐ повеќе партиципиенти

Подобро прошка отколку прокси

Воените дејства во Украина, според мислењата на некои воени аналитичари, претставуваат одраз на новиот начин на војување на големите сили: воен судир преку посредници на територија на трета земја! Таквиот воен судир е наречен прокси-војна.

Какви се тие прокси-војни и
каде се препознаени во светот?

Во воената теорија, прокси-војната подразбира состојба на воен судир кога две моќни држави, односно армии, директно не се конфронтираат, ами тоа го прават преку други, помалку силни држави, кои се користат како посредници во меѓусебниот судир. Во прокси-војните, големите држави стојат во заднината како поддржувачи, за логистика, опрема, оружје, муниција, но и со други безбедносно-разузнавачки активности, сајбер-напади и сл. Во современата историја има многу примери за почнување „туѓи“ војни, во кои најголемите жртви и штети ги имаат помалите земји, кои често, не по сопствена волја, влегуваат во воени конфликти. Такви примери има многу, како долгогодишната војна во Авганистан, Сирија, а некои аналитичари во оваа категорија ги стaваат и војните од поранешна Југославија.
Дали воениот судир меѓу Русија и Украина може да се протолкува и како водење прокси-војна, на која големите сили ги остваруваат своите цели на територии на трети земји, е тешко да се аргументира од повеќе причини, смета македонскиот безбедносен аналитичар Методи Хаџи Јанев. Тој смета дека двете страни од конфликтот сега комплетно се влезени во судир, во кој се вклучени повеќе причини.
– Она што со другите инструменти на моќ Русија мошне вешто го користи, а тоа беше случај и пред заземањето на Крим, се прокси-силите во околните региони каде што Западот има интерес, а каде што Русија сака да го шири своето влијание.
За нас интересот од овој контекст на анализата е присутен, бидејќи ние сме дебело на оваа мапа, а тука се и Босна, Косово, Црна Гора и секако регионалниот, веќе со право, воен хегемон во регионот Србија. Во таа насока, малку подлабоко би требало да се анализираат и другите за Русија поблиски или непосредно интересни територии, како Молдавија, Романија, Бугарија, понатаму Казахстан, Белорусија или, пак, Осетија и Абхазија, но и во добар дел од Балтикот, кој некако се подзаборава во последно време – вели Методи Хаџи Јанев, кој пред ескалацијата на војната меѓу Русија и Украина направи и анализа за влијанието на „прокси-факторот“ на тогаш потенцијалниот конфликт меѓу двете соседни земји.

Виетнам, Сирија, Украина… само дел од големиот број примери за прокси-војни низ историјата

По завршувањето на Втората светска војна, овој начин на воен судир се практикувал во повеќе земји низ светот. Во текстот објавен во американскиот весник „Нешнал интерест“, распространетоста на т.н. војни преку посредници е поради тоа што овозможува евтина интервенција, која бара помали трошоци, која се распоредува меѓу секоја сила и секоја држава што учествува во војната. Тоа што е поевтина ја прави прокси-војната политички „попријатна“ за јавноста во земјите што учествуваат во ваквата војна. Како пример за ваква војна се споменува војната во Сирија, во која се вклучени повеќе земји, меѓу кои се САД, Русија, Франција, Израел, Турција, ОАР, Саудиска Арабија… Но Сирија не е исклучок.
Така беше и со Украина. На пример, според западните воени аналитичари, прокси-војна се водеше во Украина, каде што Русија ги поддржуваше бунтовничките групи што прогласија независност на областите Донецк и Луганск. Од друга страна, според други воени аналитичари, и сегашната војна во Украина е прокси-војна. Но овој пат, Западот ја вооружува и поддржува на секој начин регуларната украинска војска што војува против руската армија. Имено, вистинските ривали во Украина се САД и НАТО-земјите на едната страна, а Русија на другата.
Нешто слично во историјата е примерот за прокси-војна во Виетнам, кога поранешен СССР го поддржа Северен Виетнам, а Јужен Виетнам беше под покровителство на САД. Во овој вид на војување влегуваат и воените конфликти меѓу земјите од Блискиот Исток, сметаат меѓународни воени аналитичари.

Балканот може да биде цел на современо прокси-војување?

Пензионираниот генерал и пратеник во македонскиот парламент Илија Николовски вели дека, хипотетички гледано, Балканот може да биде цел на современото прокси-војување. Но, како што објаснува тој, во случајот меѓу Русија и Украина станува збор за хибриден начин на војување, во комбинација со класични форми на воено дејствување.
– Мене ме изненади силината на руското дејствување на украинска територија, и тоа во 21 век, а сето тоа се оправдува со историски толкувања од 19 век, односно дека не постои украинска нација! Овде не може да се поистоветат со акциите и на Западот на другите кризни места во светот, како што не може да се поистоветува и со случувањата на Косово и последните воени конфликти на Балканот. Меѓу Русија и Украина се води војна меѓу две соседни земји, кои претходно мирно се разидоа од поранешната советска заедница. Распадот на Југославија беше резултат на внатрешните конфликти меѓу поранешните републики. И сега постои потенцијален ризик од дестабилизација на регионот, но ако гледаме од аспект на Македонија, таа се наоѓа во подобра безбедносна позиција, како членка на НАТО. Сега може да се види значењето на Преспанскиот договор, и доколку не беше поддршката од меѓународната заедница, за наоѓањето на компромисот за зачленување во НАТО, сега ќе бевме во слична состојба како Украина – ни изјави генералот Николовски.