Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, во интервју за германскиот весник „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ (ФАЦ) зборуваше за ветото на Бугарија против почетокот на пристапните преговори на Македонија со ЕУ и за важноста на европската перспектива.
Османи во интервјуто рече дека Македонија е најмалтретираната земја во процесот на проширување на ЕУ, а тоа предизвикува многу фрустрации.
– Јас се гордеам на посветеноста на политичката елита и населението, кои, и покрај сè, остануваат на целта за влез во ЕУ. Постои вистинско верување дека нема алтернатива – инаку, луѓето одамна би го напуштиле овој пат. Дури и луѓето што не се запознаени со геополитичката динамика многу добро разбираат дека за оваа земја ЕУ е воздухот што треба да го дишеме – рече Османи.
Министерот беше прашан и дали има гаранции дека Бугарија нема да поставува натамошни барања по уставните измени, на што одговори дека прилично е сигурен оти Бугарија постојано ќе формулира нови барања, пренесе „Дојче веле“.
– За жал, често сме биле разочарани, а динамиката во бугарската политика е толку несигурна што не се знае што ќе донесе утрешниот ден – вели Османи.
Сепак, Османи смета дека целта е темата да се префрли од историските интерпретации и идентитетски прашања кон човековите и малцинските права затоа што во тоа сме добри. Објасни дека Северна Македонија изгради уникатен модел на функционална мултиетничка демократија наспроти сите скептици, кои сметаа дека тоа на Балканот не е можно.