Фото: Игор Бансколиев

Неодамнешната посета на премиерот Ковачевски на Зајас, родното место на неговиот коалициски партнер Али Ахмети, предизвика различни реакции кај стручната јавност. Едни сметаат дека со овој чин премиерот покажал дека владеењето на правото е суверено на целата територија на Македонија и дека тоа не е доведено во прашање и покрај многуте забелешки за „екстериторијалност на некои делови на државата“. Други сметаат дека немало воопшто потреба нашиот премиер да оди таму, бидејќи традиционалните толкувања од овие простори ќе го сметаат тоа за „политичка и карактерна слабост“.

ДВЕ ГЛЕДИШТА ЗА ПОСЕТАТА НА ПРЕМИЕРОТ КОВАЧЕВСКИ НА ЗАЈАС И ЗА СРЕДБАТА СО АХМЕТИ

Неодамнешната посета на премиерот Димитар Ковачевски на Зајас предизвика поделени мислења во јавноста. Едни сметаат дека „тој отишол на еден вид поклонение кај лидерот на владејачката ДУИ, Али Ахмети“, други сметаат дека премиерот со ваквиот потег испраќа порака дека „екстериторијалност, селективност и протекционизам нема“ и дека „Македонија е унитарна држава и институциите функционираат на целата нејзина територија“.

Сето ова се случува во периодот на новите преговори за проширување на владиното мнозинство со Алијансата за Албанците, па дел од јавноста, токму на посетата на премиерот Ковачевски во Зајас, ѝ даде и една друга димензија, односно дека „одлуката дали Владата ќе се проширува со уште една албанска партија може да ја верификува само Али Ахмети“.
Ако во таков контекст се стават настаните, тогаш на таквите мислења се надоврзуваат и коментари на некои политички аналитичари и поранешни дипломати чие мислење е дека „Ковачевски отишол во Зајас, од прва рака да слушне што мисли неговиот коалициски партнер за новото владино мнозинство“. Но реакциите исто така велат дека премиерот демонстрирал во јавноста дека тој се чувствува комотно во својата држава не само кога е во Скопје туку и кога е во Зајас, Гостивар, Дебар, Тетово…

Али Ахмети како Лех Валенса?

Поранешниот дипломат Коста Стојменовски смета дека посетата на Ковачевски кај Али Ахмети во Зајас, заедно со в.д. лидерот на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари, покажала „политичка слабост што не е на соодветно ниво за прв човек на влада на една држава“ и дека постапката имала индикација на „дефицит на политички осет и достоинство на институциите“?!
– Очигледно, премиерот Ковачевски не е свесен дека со ваквата постапка нанесува огромна штета и навреда не само себеси туку и на државата – вели Стојменовски.
Негов став е дека македонските политичари не треба по секоја цена да се борат да останат на власт и да прават партиско-коалициски комбинаторики „власт заради власт“, туку императив да им биде „борбата со корупцијата и криминалот“!
Тој има забелешки на параинституционалното, меѓулидерско решавање на политичките проблеми, наместо тоа да го прават државните институции, според законите и Уставот, кои им даваат легални рамки и широки можности државнички да се решат проблемите, а не со политички и политикантски калкулации и паразаконски калемени меѓулидерски договорени модели.
Во тој контекст, Стојменовски прави една паралела на состојбите во Полска од времето на Лех Валенса со овие во Македонија, поточно со носењето на клучните одлуки што секогаш зависат од одобрението на некој надвор од егзекутивните институции – лидер, односно сега на (не)одобрението на лидерот на ДУИ.
– Актуелните состојби во Република Македонија ме потсетуваат на состојбите во Полска во 1989 година, кога во оваа земја постоеја две престолнини, една официјална во Варшава, а втора неофицијална во Гдањск, каде што царуваше „легендарниот“ лидер на познатиот полски синдикат „Солидарност“, Лех Валенса. Странските делегации по завршетокот на официјалниот дел од посетата одеа во Гдањск да му се поклонат на Валенса. Тогашната британска премиерка Маргарет Тачер, по средбите и разговорите со официјалните полски претставници, отиде во Гдањск да се сретне со Валенса и оттаму се врати во Лондон. Во јануари 1990 година, во официјална посета на Полска отиде претседателот на Чешката Република, Вацлав Хавел, кој одби да оди во Гдањск, со што покажа дека е државник со достоинство и дека ги почитува правилата и принципите на дипломатскиот протокол. Валенса му беше „ифрит“ лут на Хавел, особено и поради тоа што по промените во Полска имаше тајни средби на Крконошите со опозицијата во тогашната Чехословачка, на кои учествувал и Хавел. Набрзо потоа Валенса најави кандидатура за претседател на Полска и на изборите со мошне тесен резултат го победи полскиот емигрант во Канада, Тимински. Практично тоа беше крај на политичката кариера на Валенса. На наредните претседателски избори претрпе катастрофален пораз од Александар Квашњевски – објаснува Стојменовски, правејќи паралела на некогашните состојби во Полска и сегашните во Македонија во однос на феноменот на таканаречен „паралелен премиер“.

Премиерот демонстрира сувереност, целовитост и територијален интегритет на државата?

Од друга страна, посетата на премиерот Димитар Ковачевски на Зајас, родното место на лидерот на ДУИ, Али Ахмети, може да се набљудува и низ една поинаква призма, дека Македонија е унитарна држава и дека премиерот може да оди каде што сака и да разговара за секоја тема за која смета дека може да биде добра за иднината на државата.
Во таа насока, и консултациите со најголемиот албански партнер во Владата за потенцијалното владино окрупнување поради европската перспектива на земјата се суверено право на премиерот.
Ако досега беше некаква премолчена практика македонските политичари да не се „мотаат“ премногу на териториите каде што наместо државното знаме на високи јарболи се веат знамињата на Република Албанија, овој пат Ковачевски излезе од тој шаблон и на некој начин покажа дека како што Ахмети се чувствува во своја држава кога е во Скопје, така и тој е во својата држава кога е во Зајас, Гостивар, Дебар, Тетово…
Политичкиот аналитичар Петар Арсовски смета дека оваа посета, без оглед од каков карактер е, испраќа некаква порака.
– Добра порака е да се среќаваат секаде на територијата на Македонија, едноставно да нема никакви бариери, какви што постоеја. Ние влечеме една таква фрустрација од порано, до Групчин ме интересира, по Групчин не ме интересира, така што ако е ова промена во таква насока, да се потврди територијалниот интегритет на земјата, мислам дека е добредојдена – вели Арсовски.
За него, без оглед на карактерот на посетата на Ковачевски на Зајас, многу поважно е дали таа ќе резултира со некаква стратегија што ќе биде во интерес на државата.
– Според моите сознанија, премиерот таму бил во приватна посета и со Ахмети разговарале неформално, така што во таа смисла тој може да оди во секој дел од државата и така треба да биде. Она што е многу поважно е тоа дали од оваа посета ќе се изроди некаква поинтересна политичка стратегија, бидејќи има шпекулации за окрупнување на владиното мнозинство. Е, сега, каква била посетата и која била вистинската цел на посетата, ќе видиме од тоа дали Алијанса ќе влезе во влада или не. Сепак, треба да ги почекаме политичките последици од оваа посета – заклучува Арсовски.
И другите аналитичари со кои се консултиравме сметаат дека без оглед од каков карактер биле посетата на Ковачевски на Зајас и средбата со Ахмети, сепак е излезено од шаблонот на поделена територијалност и истовремено тоа е потврда за функционирање на институциите и законите на територијата на целата земја.
– Добро е кога се напушта таа матрица од пред конфликтот од 2001 година за „наши“ и „ваши“ територии. Македонија е територија на сите, па и Ахмети може да се среќава со кого сака во Делчево или Берово, исто како што и Ковачевски или Мицкоски можат да одат во Зајас, Дебар, Кичево… Секаде важат македонските документи, закони, институции, само треба да почнат да се почитуваат од сите. Треба да се заборави на реториките за некакви „воени пленови“. Македонија е унитарна држава и политичарите треба да почнат така да се однесуваат. Ова е порака во таква насока – велат аналитичарите.