Фото: Игор Бансколиев

Во рамките на продолжението на 51-та седница, вчера, Собранието ги донесе измените и дополнувањата на Кривичниот законик со 85 гласа „за“. Главните интервенции со овој закон се во однос на имплементацијата на Истанбулската конвенција, во кривичните дела што се поврзани со безбедноста на новинарите, менувањето одредени одредби од Кривичниот законик во сферата на конфискацијата и тортурата како резултат на пресуди донесени од Европскиот суд за човекови права со кои се утврдува повреда на одредби од Конвенцијата, како и усогласувањето на Кривичниот законик со Директивата (ЕУ) 2017/1371 за борба против измама во врска со финансиските интереси на Унијата со примена на кривичното право.
Во делот на заштитата на новинарите и на другите медиумски работници, заострени се санкциите во однос на кривичните дела при вршење на нивните работни задачи.
Измените се однесуваат и за други јавни професии, како што се судија, јавен обвинител адвокат, лекар и друг здравствен работник, како и други лица што вршат работи од јавен интерес.
Во измените на Кривичниот закон што ги усвои македонското собрание се третирани и други појави, како што се семејно насилство, форма на малтретирање, навредување, загрозување на сигурноста, телесни повреди, полово или друго психолошко, физичко или економско насилство.Во овој контекст, се пропишува ново кривично дело „демнење“, во согласност со одредбите од Истанбулската конвенција.