Фото: Игор Бансколиев

Според Меѓународниот републикански институт (ИРИ), само една петтина од граѓаните веруваат дека политичките партии во земјава транспарентно располагаат со парите добиени од државниот буџет. Во истиот контекст, уште попоразителни се констатациите од заклучокот што Државната комисија за спречување корупција го изнесе во неодамнешниот Посебен извештај за утврдените злоупотреби во финансирањето на изборната кампања на последните локални избори во 2021 година

ДОДЕКА МНОГУМИНА СИ ГИ СТЕГААТ РЕМЕНИТЕ, НЕКОИ ТРОШАТ БЕЗ МЕРА И БЕЗ ОТЧЕТ

Во услови на сѐ подлабока криза и долготрајна и растечката неизвесност, поради што граѓаните се принудени да штедат и сѐ потешко ги задоволуваат и основните животни потреби, а стопанството едвај се одржува, се добива впечаток како политичките партии да се надвор од тој тренд. Имено, тие не се воздржуваат да посегнат по пари од државниот буџет, за што имаат законска можност, но притоа оставаат впечаток во јавноста и кај граѓаните дека „не се должни никому да му ги достават сметките за потрошеното од буџетската сметка“. Таквиот граѓански широко распространет впечаток, пред некој ден беше поткрепен и со заклучокот на Центарот за анкетни истражувања на Меѓународниот републикански институт (ИРИ), според кој, само една петтина од граѓаните веруваат дека политичките партии во земјава транспарентно располагаат со парите добиени од државниот буџет. Во истиот контекст, уште попоразителни се констатациите во заклучокот што Државната комисија за спречување корупција го изнесе во неодамнешниот Посебен извештај за утврдените злоупотреби во финансирањето на изборната кампања на последните локални избори во 2021 година.

Од 31 политичка партија што имаат интернет-страници, само седум целосно ја
исполниле обврската и ги објавиле извештаите за потрошените пари

Иако експертите, во принцип, се согласни кога ги лоцираат изворите на злоупотребите, сосема различни се нивните прогнози во однос на тоа дали и како би можела да се зголеми транспарентноста и да се намалат злоупотребите при трошењето на парите на граѓаните за партиски цели.
Веќе и самото тоа што Државната комисија за спречување корупција беше принудена да излезе со „Посебен извештај за утврдените злоупотреби во финансирањето на изборната кампања на последните локални избори 2021“, кој веќе му е доставен на увид и на Собранието, според упатените, доволно алармира.
– Очигледно е дека парламентарните партии и коалициите предводени од нив, финансирањето на изборната кампања го имаат обезбедено од буџетски средства, односно од планираните средства за платено политичко рекламирање и од средствата добиени од буџетот на РСМ, наменети за редовното работење на партиите. Донациите од правни и физички лица се доминантни извори на финансирање на независните кандидати, како и на партиите што немаат доволно средства од буџетот на РСМ. За обележување е податокот што на овие избори, средствата што партиите ги обезбедиле од донации, без разлика дали се уплатени на изборната сметка или на редовната сметка, се минимални во однос на другите средства – се објаснува во извештајот.
Но како што утврдиле од комисијата, од 31 политичка партија што имаат интернет-страници, само седум целосно ја исполниле обврската и ги објавиле извештаите за потрошените пари, три партии дале само делумни информации, 18 од нив не објавиле никакви извештаи, а кај три страниците не биле активни.
– Ова укажува на голема нетранспарентност на политичките партии кон јавноста. На овој начин на јавноста ѝ е скратена можноста за навремено информирање со колку средства располагаат партиите, од каде ги обезбедуваат и, што е најважно, за што ги трошат парите на граѓаните, ако се има предвид дека средствата им се доделуваат од државниот буџет – констатираат во комисијата.

Антикорупциска доставила барање до Управата за финансиско разузнавање за проверка на 240 сомнителни трансакции

Во меѓувреме, комисијата, врз основа на одредени сомневања, доставила барање до Управата за финансиско разузнавање за проверка на 240 сомнителни трансакции за неколку учесници во изборната кампања.
Инаку, со анализа на измените во Изборниот законик во однос на термините за спроведување избори во изминатите десет години, во комисијата дошле до мошне интересни сознанија.
– Најголем број промени, дури 14, претрпеле одредбите со кои се уредува спроведувањето на изборната кампања, односно одредбите за начинот на рекламирање, финансирање и известување, и тоа непосредно пред избори, што од своја страна создава несигурност и неизвесност во постапувањето на засегнатите страни во изборниот процес, а во јавноста се јавува сомнеж дека политичките партии и покрај спротивните политички идеологии, секогаш имаат ист став и заеднички интерес кога постои можност измените да овозможат поволни извори за финансирање на изборната кампања, подобра позиција и позитивен исход од изборите – се вели во извештајот.
Поради сето тоа, од комисијата сметаат дека се неопходни голем број законски измени, а од Меѓународниот републикански институт сметаат дека е потребно и самите политички партии, со своето однесување, да се обидат да ја повратат изгубената доверба.
– За една демократија да биде успешна, апсолутно суштинско е политичките партии да изградат доверба. Оваа анкета покажува дека транспарентноста во политичките партии во иднина треба да биде приоритет – изјави Пол Мекарти, регионален директор на ИРИ за Европа. Д.М.М.