Во однос на трудовите права од легислативен аспект и од аспект на нивна имплементација, Северна Македонија во регионална смисла е на самиот врв,
а во поширока смисла одржуваме средно ниво, вели министерката Тренчевска, која се осврнува и на редица други актуелни прашања

ИНТЕРВЈУ СО ЈОВАНКА ТРЕНЧЕВСКА, МИНИСТЕРКА ЗА ТРУД И СОЦИЈАЛНА ПОЛИТИКА

 

По повод Меѓународниот ден на трудот, каква е вашата оцена за состојбите во нашата земја, на кое ниво е Македонија, генерално, во однос на работничките права и вреднувањето на трудот, споредено со земјите од регионот и пошироко?
– Почитувањето на работничките права и вреднувањето на трудот на работникот се наш приоритет и одговорност како влада и ресорно министерство чии надлежности се протегаат и во трудовата област. Законите постојат за да ги штитат граѓаните. И можам да кажам дека во однос на трудовите права од легислативен аспект и од аспект на нивна имплементација, Северна Македонија во регионална смисла е на самиот врв, а во поширока смисла одржуваме средно ниво. Но исто така сакам да потенцирам дека посветено работиме да го смениме тоа, односно да се позиционираме уште повисоко и на меѓународно ниво. Во таа насока е и новиот закон за работни односи, кој е во завршна фаза. Закон на кој подолго време се работи со вклученост на социјалните партнери и сите релевантни чинители во општеството, затоа што целта е креирање едно квалитетно законско решение што ќе одговори на потребите на едно современо општество. Преку овој закон ќе бидат транспонирани повеќе европски директиви од сферата на трудовото право и со тоа Република Северна Македонија легислативно ќе биде на исто рамниште со европското трудово законодавство. Она на кое треба да работиме во периодот што доаѓа е зајакнување на капацитетите на надзорните органи што вршат инспекциски надзор на спроведувањето на трудовото право. Досега Северна Македонија бележи прогрес на ова поле со зголемување на бројот на трудови инспектори и се работи на нивно дообучување и усовршување. Во една реченица, Република Северна Македонија на ова поле има и повеќе од добри резултати и на чекор сме до влез во друштвото на земјите што го имаат апсолвирано ова прашање на највисоко ниво, а, како што нагласив, тоа ќе го реализираме со донесувањето на новиот ЗРО и преземањето на завршните чекори во однос на зајакнувањето на кадровските и техничките капацитети на Државниот инспекторат на трудот.

На веб-страницата на вашето министерство има алатка „Мој труд, мои права“. Колку често и какви реакции добивате во однос на работничките права и на што најчесто се однесуваат тие?
– Алатката „Мој труд – мои права“ нуди одговори на најчесто поставуваните прашања што произлегуваат од работниот однос. Но, секако, покрај содржината што е достапна преку оваа алатка, граѓаните имаат можност да постават и дополнителни прашања на кои одговараат вработените во Министерството за труд и социјална политика што работат во областа на трудот. Ако ја цениме успешноста односно дали оваа алатка ја остварила својата цел по тоа што на веќе дадените одговори и упатства, лицата што испратиле прашање дополнително не даваат коментари и бараат појаснувања, односно во многу исклучително мал број се бара дополнување на одговорот на поставеното прашање, тогаш со сигурност можеме да кажеме дека оваа правна алатка ја постигнува поставената цел и е целосно во функција на заштита на работничките права, за кои ние како ресорно министерство имаме значително влијание.

Во јавноста изминатиот период имаше големи реакции во однос на најавите за зголемување на работната недела на 60 часа. Иако тоа не се однесува на сите, сепак постојат сомневања дека со евентуална таква законска измена би дошло до прекршување на Уставот, каде што е пропишана 40-часовна работна недела. Се наметнува и дилемата како ќе се контролира и регулира секоја прекувремена работа?
– Со Уставот на Република Северна Македонија се загарантирани правата на дневен, неделен и годишен одмор и правото на заработувачка, меѓутоа Уставот уредил во колкав обем и на кој начин истите тие ќе бидат имплементирани со нивно доуредување во Законот.
Во однос на работна недела од 60 часа, морам да потенцирам дека тотална невистина и манипулација е дека работниците што ќе бидат ангажирани на коридорите 8 и 10 Д ќе имаат работно време од 60 часа неделно. Станува збор за прекувремена работа, а прекувремената работа секогаш постоела во градежништвото, особено ако станува збор за стратегиски проект и проект од национален интерес. Прекувремена работа не значи дека во текот на целата година ќе има прекувремена работа, тоа ќе зависи од временските услови за работа на терен, соодветно на временските услови и потребата. Секој одработен час прекувремена работа на работниците ќе им биде платен. Истовремено, прекувремената работа ќе зависи и од активностите и процесите на работа на трасите, што значи дека ќе има и денови кога воопшто нема ниту да има потреба од прекувремена работа.
Работниците се заштитни со Законот за работни односи и секој прекувремен час ќе им биде исплатен 35 отсто во согласност со Законот и колективниот договор. Секој работник ќе потпише изјава дали сака да работи прекувремено и доколку не сака, нема да биде принуден сосила да работи прекувремено. Во согласност со законот, работниците ќе имаат и слободен ден.

Низ години се јавува недостиг од одредени профили на работници во државата поради одлив на стручни и образовани профили во странство. Од стопанските комори реагираат дека не можат да најдат квалификувани работници, а недостигаат кадри и во медицината, текстилната индустрија.. Како да се надминат сите овие тешкотии и дали увоз на работници од Бангладеш и други земји, каде што цената на трудот е пониска, е решение?!
– Недостигот од работна сила, а особено работна сила од одредени профили е глобално прашање и секако дека и ние како држава не сме изоставени од него. Дискрепанцијата на техничко-технолошкиот развој кај одредени земји, а со тоа и висината и начинот на плаќање на трудот, ги прави некои земји поатрактивни и попривлечни за работа. Тие преку политиката на креирање услови за апсорбирање странска работна рака, која ја плаќаат и вреднуваат пониско од домашната, но сепак значително повисоко од земјата од која потекнува оваа работна рака, во моментов овозможуваат ова прашање сериозно да се чувствува и на овие простори. Република Северна Македонија во моментов работи на сеопфатни анализи за наоѓање прифатливи решенија во однос на решавањето на ова прашање, кои нема да бидат на штета на домашниот работник и домашните компании. И во таа насока се бараат решенија за што е можно повеќе задржување на националната работна сила дома, а од друга страна се прават анализи и процени за овозможување дополнителна работна рака, работници надвор од границите на РСМ, со цел стопанството и економијата да останат во добра кондиција, што е во интерес и на компаниите и на државата. Еден од начините преку кои се бара решение на овој проблем и новата форма на меѓународно дејствување е и Опен Балкан, кој значително ќе помогне во надминување на поголем дел од овој проблем, меѓутоа не е исклучена и опцијата за решавање на овој предизвик и на поинаков начин, меѓу што и дополнително олеснување на пристап на работна рака во РСМ од поширокото опкружување.

Македонија ја намали невработеноста во изминатите години, но процените се дека тоа е повеќе резултат на одливот во странство отколку на реални вработувања. Какви се вашите анализи во однос на невработеноста, но и сивата економија, и можностите за нивно понатамошно намалување?
– Северна Македонија ја намали невработеноста како резултат на инвестициите што се направени наназад од Странските директни инвестиции (СДИ), реинвестирање на остварена добивка од СДИ, овде мислам на ТИРЗ-овите, податоци што се лесно проверливи и во последниве пет-шест години се повеќе од 2 милијарди евра директни или индиректни инвестиции, тука мислам на инвестиции и во ТИРЗ-овите, како и на инвестициите на домашните компании, кои се значително зголемени односно се со прогресивен раст на сосема задоволително ниво, и трето РСМ во последните пет-шест години преку активните програми и мерки за вработувања од некогашните симболични 6 милиони евра во 2017-та, денес стигнавме до повеќе од 30 милиони евра и опфат на над 18.000 невработени лица или за 20 отсто повеќе од минатогодишниот Оперативен план за вработување.
Покрај ова, државата изминатиот период обезбедуваше и субвенционирање на раст на плати, субвенции за минимална плата, обезбедуваше и други поволности за малите и средните претпријатија преку кредитни линии. И кога овој мозаик едноставно ќе биде склопен, ќе видите дека како држава сме направиле многу и ќе правиме многу и во иднина за да ја искорениме невработеноста. А во однос на сивата економија, Република Северна Македонија има стратегија и акциски план и со години од имплементацијата на акцискиот план се евидентни резултатите во однос на намалување на сивата економија.

Изминатиот период животниот стандард на граѓаните е значително погоден поради растот на цените на трошоците за живот, енергентите и пред сѐ на храната. Практично сите досегашни обиди за зголемување на платите и пензиите, однапред ги јаде инфлацијата. Како да се излезе од овој лавиринт во интерес на граѓаните?
– Како Влада, свесни за нивото на платите и нивото на трошоците за живот, донесовме нова методологија за утврдување на минималната плата. Покачувањето на минималната плата е резултат на истрајната и одлучна политика на Владата за раст на платите, поткрепена со новата методологија за постојан раст на минималната плата преку дијалог со синдикатите и работодавците за системско решение.
Со оваа методологија минималната плата секоја година во март ќе се усогласува во согласност со податоците од Државниот завод за статистика. Односно 50 отсто од порастот на трошоците за живот и 50 отсто од порастот на просечната плата од измината година.
Како обврска на државата се и континуираното подобрување на бизнис-климата и олеснувањето на многу мерки за водење бизнис и стимулирање раст и развој на економијата, а со тоа и зголемување на платите во реалниот сектор. Второ, во јавниот сектор, онаму каде што вработените се со исклучително пониски примања, кои не можат во целост да ги следат трошоците на живот, се пристапи кон донесување еден општ генерален закон за систем на плати во јавниот сектор, преку кој оваа постојна различност во вреднувањето на трудот ќе се доведе во една правна и правична положба. Во таа насока дополнително во завршна фаза е и потпишувањето на општиот договор во јавниот сектор, кој исто така овозможува уредување на платите во јавниот сектор, патните трошоци и правото на регрес, со што дополнително ќе се олесни уредувањето на платниот систем во јавниот сектор.

На меѓународно ниво, покрај Денот на трудот се одбележува, и Меѓународниот ден на социјалната правда, кој е посветен на борбата против сиромаштијата и еднаквоста меѓу граѓаните. Како стои Македонија на тој план? Впечаток е како да расте трендот на осиромашување?
– Социјалната правда е основен предуслов за мир и просперитет во една држава.
Социјалната реформа што започна 2019 година носи голем број придобивки за лицата што спаѓаат во ранливите категории на граѓани. Со новиот пакет закони социјалната помош се зголеми за 300 отсто и се овозможи полесен пристап на лицата на кои помошта им е неопходна, тие полесно да влезат во системот на социјална заштита. Но, целта не беше тие да останат пасивни корисници на гарантирана минимална помош, туку преку мерки ги активираме на пазарот на трудот и активно да придонесуваат за себе, за семејството и за државата.
Со социјалната реформа овозможуваме праведна распределба на средствата, кои се насочени кон оние на кои навистина им се потребни.
Со воведување на социјалната пензија обезбедуваме достоинствен живот за оние што го граделе нашето општество, а немаат извор на приход од кој можат да се издржуваат.
Денес околу 36.000 домаќинства се корисници на гарантирана минимална помош, а околу 30.000 деца се опфатени со образовен додаток и 47.000 деца со детски додаток.
Ги мапиравме најранливите граѓани во моментот и обезбедивме финансиска поддршка за полесно справување со енергетската криза. За таа цел го донесовме Законот за финансиска поддршка на социјално ранливи категории на граѓани за справување со енергетската криза, со кој обезбедуваме по 3.000 денари месечно или вкупно 12.000 денари за четири месеци за секој корисник на право на надоместок поради попреченост, корисник на право на социјална сигурност за стари лица, корисник на право на надоместок за помош и нега за трајните корисници на ова право, лицата што се самохрани родители, а се корисници на ГМП и корисниците на посебен додаток. На 330.000 пензионери им исплативме парична помош од 3.000 денари за полесно справување со кризата и околу 36.000 домаќинства исто така добија по 3.000 денари. Фокусот на моите активности во 2023 година ќе биде токму на членовите на овие 36.000 семејства и нивната активација на пазарот на трудот. Нашите партнери од приватниот сектор секојдневно доставуваат аларми за потреба од работна сила и за отворени нови работни места што се клучни за забрзаниот економски развој на нашата држава, затоа преку пристапот на активација на лицата што се корисници на ГМП, преку процесот на социјално менторирање, ние ќе работиме на економско зајакнување на овие семејства, интеграција, но и искоренување на трансгенерациската сиромаштија.
Донесовме и методологија со која се обезбедува постојан раст на пензиите. Па, така, од 2022 година, кога беше донесена новата методологија за една календарска година, пензиите пораснаа за околу 16 отсто. Оваа година повторно ќе има раст на пензиите токму според оваа методологија во септември, со што ќе забележиме рекорден пораст на износот на пензиите. Исто толку се важни и социјалните услуги. Ги проширивме опфатот и пристапот до социјалните услуги за граѓаните. Помош и нега во домот, лична асистенција, живеење со поддршка, згрижување во друго семејство, центри за поддршка на згрижувачки семејства, услуги во центри за дневен престој на деца во ризик и судир со закон, лица со попреченост, стари лица, бездомни лица, услуги во центри за рехабилитација, реинтеграција и ресоцијализација, деца жртви на злоупотреба, жртви на семејно насилство, жртви на родово базирано насилство, жртви на трговија со луѓе, бездомници, услуги во советувалишта и друго. Да сумираме, покрај во социјалните права, вложуваме и во социјалните услуги, бидејќи и тие се еднакво важни за граѓаните на кои им е потребна поддршка.