Фото: Архива

Стратегиските партнерства функционираат на база на рамноправен интерес

Во оваа година на стратегиски дијалог со САД се случи силната најава на американската амбасадорка во врска со борбата со корупцијата, една од најголемите рани на македонското општество. Силна и безрезервна поддршка со години се чувствува од САД кон Македонија во многу облици и форми, и вербално и практично. Но, исто така, во последно време македонската јавност како да чувствува притисок од вербалните истапи за политиките на САД во случај да не се спроведат уставните измени што се бараат како европско-бугарски услов за отворање на кластерите во преговорите со ЕУ. „Дискретните“ пораки со малку посилен горчлив вкус, кои се слушаат од политички претставници на САД, се дека „на тој начин Македонија ќе си го загрози стратегиското партнерство“. Таквите пораки од САД, за пријатели и партнери, го наметнуваат прашањето „дали Македонија и САД во овие триесет години успеаја да воспостават вистински партнерски однос“ и „кој е попосветен, а кој е помалку верен“…

Институциите „стратегиско партнерство“ и „стратегиски дијалог“ треба да ја означат важноста на цврстината на македонско-американските односи, кои се воспоставени уште од прогласувањето на независноста на Македонија. Односот со САД, несомнено е од пресудна важност за меѓународното позиционирање и признавање на Македонија и уважување на сите атрибути на нејзиниот државен и национален суверенитет.

Една година од воспоставувањето на стратегискиот дијалог меѓу Македонија и САД

Помина точно една година од воспоставувањето на стратегискиот дијалог меѓу Македонија и САД, кој државниот секретар Антони Блинкен и македонскиот министер за надворешни работи Бујар Османи го промовираа минатата година во Вашингтон.
– Годишнината од нашиот стратегиски дијалог е можност да се осврнеме на повеќе од три децении американско-македонско партнерство, она што го постигнавме заедно и на заедничките предизвици што следуваат. Патот на земјата до овој клучен момент во својата историја не беше лесен, а претстојат и тешки одлуки. Но САД отсекогаш биле и секогаш ќе бидат ваш постојан поддржувач и најголем пријател. Ќе бидеме со вас рамо до рамо додека ги постигнувате вашите цели за безбедност, просперитет и можност во рамките на европската заедница – изјави актуелната амбасадорка на САД во Македонија, Ангела Агелер, по повод оваа годишнина.

Во оваа година на стратегиски дијалог со САД се случи силната најава на американската амбасадорка за борба со корупцијата, една од најголемите рани на македонското општество. Силна и безрезервна поддршка со години се чувствува од САД кон Македонија во многу облици и форми, и вербално и практично. Но, исто така, во последно време македонската јавност како да чувствува притисок на вербалните изјави за политиките на САД во случај да не се спроведат уставните измени што се бараат како европско-бугарски услов за отворање на кластерите во преговорите со ЕУ.

„Дискретните“ пораки со малку посилен горчлив вкус, кои се слушаат од политички претставници на САД, се дека на тој начин Македонија ќе си го загрози стратегиското партнерство. Таквите пораки од САД, за пријатели и партнери, го наметнуваат прашањето дали Македонија и САД во овие триесет години успеаја да воспостават вистински партнерски однос.
– Ние сме премногу мали за да си даваме на значење, но многу други мали земји со поддршка на Америка ја изградиле својата независна иднина, како балтичките земји во периодот по Втората светска војна. Јасно е дека градењето на тој однос не зависи само од нас, туку во поголема мера од САД, но она што е симптоматично за сето време од независноста во градењето на билатералните релации со една велесила, е што Македонија никогаш јасно не дефинира што сака, што очекува од САД, ниту пак што може да понуди. За жал, не можеме да кажеме дека во односите меѓу САД и Македонија може да се препознае вистински партнерски однос. Македонските политички елити се покажаа како слаби во разработка на стратегиски планови, па партнерството се постави главно на принципот – „исполнување на она што на Америка ѝ треба“. Сами се поставивме во сервилен однос и локалните партиски препукувања оставија простор за неконзистентност – вели Ида Мантон, советничка за решавање конфликти и меѓународни преговори.

Многу наши постапки ја ставаат под прашалник нашата „посветеност“ на стратегиското партнерство

Мантон нагласува дека за Македонија секако е важен партнерскиот однос со САД, но во овој геополитички миг, со претходната историја на билатералните односи, ќе треба да видиме непоколебливост и кај Америка за зачувување на демократскиот етос.
– Многу нешта ја ставаат под прашалник таа посветеност и ја минимизираат довербата градена со години и милионските проекти вложувани во владеење на правото и антикорупцијата. Треба да бидеме свесни дека и САД минуваат низ турбулентна фаза на внатрешнополитички план, но моја надеж е дека нема да потклекнат на принципи и заложби заради краткорочни добивки – вели Мантон.

За „нестандардниот“ партнерски однос во стратегиското партнерство на Македонија со САД, познавачите на состојбите, слабоста ја гледаат во несериозноста на македонската страна да ги постави и претстави своите приоритети.
– Непријатно забележливо во историјата на македонско-американските односи е дека македонските влади ги доживуваат САД како монолитен ентитет и не прават разлика при промените на внатрешното владеење, односно промената на администрациите во САД. Иако би било пологично да се очекува Македонија (со оглед на исполнителноста во демократските процеси што се бараа од неа, особено во малцинските права, и во кои е многу понапред од некои од соседите, дури членки на ЕУ и НАТО пред нас), да ја има повеќе поддршката од демократските влади на САД, но факт е дека републиканските влади во САД биле понаклонети кон Македонија. Тоа кажува дека нашите потклекнале. Од друга страна, на терен, македонската дипломатија покажува несериозна поставеност во градењето и активното одржување на односите со САД. Во Вашингтон имаме голем објект за амбасада, но со ограничени човечки ресурси. Во Њујорк сме речиси непретставени. Доминира впечатокот за несериозно поставени приоритети од македонска страна во очекувањата од САД, но и никаква подготвеност да се искористат неформалните дипломатски адути, како релациите со дијаспората, што другите земји мошне активно ги користат. Секако, тоа може да се промени на подобро, со реконструирање на политиките и консолидирање на потенцијалите во македонското МНР и вклучување во Владата на луѓе што се разбираат од трансатлантската соработка – оценува Ида Мантон.

Македонија треба да биде агилна и адаптабилна во тектонските промени на геополитиката

Советничката за решавање конфликти и меѓународни преговори Ида Мантон укажува на фактот дека на меѓународен план во тек е репозиционирање на центрите на моќ. Во такви глобални услови, Македонија треба да има активен пристап не само за тоа каков однос ќе гради со САД туку треба да ги редефинира и односите со другите големи сили.
– Ова е време на фрагментација и минилатерализам во меѓународните односи со формирање повеќе мултиполарни сојузи: војната во Украина и последните самити што ги гледаме оваа година укажуваат на евидентното позиционирање на Кина и Русија како фактор при редистрибуцијата на моќта на глобален план (процес што веќе се случува). Овие тектонски движења бараат од малите земји како Македонија да бидат агилни и адаптабилни, за да опстанат и да бидат релевантни, но и свои, па да го темелат моделот на своето владеење на потребите на своите граѓани на кои секоја влада треба да биде примарно одговорна и да ги исполни ветувањата што ги дала за да дојде на власт. Вистинските партнерства треба да се во тој дух и вистинските пријатели на Македонија треба да помогнат народот да верува дека над корумпираните власти, кои често работат на штета на граѓанинот, имаат пријател во одредени мултилатерални форуми што Америка ги гради од времето на Еленор Рузвелт – заклучува Ида Мантон.


Министерката за одбрана Славјанка Петровска пристигна во официјална посета на Америка

Мисија за операционализација на партнерскиот однос на САД и Македонија

Министерката за одбрана Славјанка Петровска пристигна во неколкудневна посета на Соединетите Американски Држави. Според официјалната агенда, нашата министерка треба да се сретне со високи претставници на американската администрација, вклучувајќи го и секретарот за одбрана на САД, Лојд Остин. На средбата со американскиот секретар за одбрана Остин, предвидено е да стане збор за иднината, предизвиците и за тоа како и двете партнерски земји да останат гарант на сигурноста и стабилноста на Балканот и на евроатлантската област.

Во заднина на сите активности на министерката Петровска во САД, всушност е одбележувањето на 30-годишнината од воспоставувањето на партнерството меѓу Армијата на Република Северна Македонија и Националната гарда на Вермонт во Берлингтон. Токму таму, министерката Петровска ќе посети неколку воени и логистички локации на Националната гарда на Вермонт. Во таа сојузна држава, министерката ќе оствари средба со гувернерот Фил Скот.

Во високата македонска делегација е и началникот на Генералштабот на македонската армија, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски, а негов домаќин ќе биде командантот на Националната гарда на Вермонт, генералот Грегори Најт.
Во САД се предвидени средби и во американскиот Стејт департмент, како и посета на Агенцијата за безбедносно–одбранбена соработка на САД, и средба со нејзиниот директор, Џејмс Хрш.

Делегацијата ќе го посети и универзитетот „Норвич“, каде што ќе се разговара за продолжувањето на соработката на овој најстар приватен воен колеџ со воената академија „Генерал Михаило Апостолски“.