Пратениците од опозицијата со аплауз го поздравија заминувањето на Зоран Заев од претседателската функција откако неговата оставка беше констатирана во Собранието, без тој усно да ја образложи. Потоа беше прекината и закажаната седница за пратенички прашања. Констатирањето на оставката на премиерот, повлекува оставка на Владата.

Претседателот Стево Пендаровски според член 90 од Уставот е должен во рок од 10 дена да го довери мандатот за состав на Влада на партиите што имаат мнозинство во Собранието. Мандаторот во рок од 20 дена од денот на доверувањето на мандатот, на Собранието му поднесува програма и го предлага составот на Владата. Владата, на предлог на мандаторот и врз основа на програмата, ја избира Собранието со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.

Се очекува парламентарното мнозинство за мандатар да го предложи новиот лидер на СДСМ и актуелен заменик министер за финансии Димитар Ковачевски, по констатирањето на оставката на Заев.

Собранискиот спикер Талат Џафери соопшти дека оставка поднел и потпретседателот на Собранието, Фадил Зендели, од БЕСА.