Вистинската опасност за продолжување на европскиот пат на Македонија доаѓа од Левица, која во заложништво го зема претседателот ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, кажа премиерот Димитар Ковачевски на заедничката прес-конференција со неговиот албански колега Еди Рама.
Премиерот оцени дека вистинската опасност за продолжување на европскиот пат на нашата држава доаѓа од една политичка партија, којашто во својата програма се противи на ЕУ, на членството во НАТО, на интеграциите на нашата држава во Берлинскиот процес и на „Отворен Балкан“, како што објави МИА.
– Таа политичка партија е Левица и нејзиниот претседател Апасиев. И уште поголема опасност е дека таа партија го зема во заложништво претседателот на ВМРО-ДПМНЕ и ВМРО-ДПМНЕ, затоа зашто тој е слаб без став, без визија. А човек без став, без визија и без одлучност лесно може да биде земен во заложништво. И тоа ѝ се случува во моментов на македонската опозиција. Сметам дека на таков политички пироман не смее да му се дозволи да го прекине европскиот пат на државата – кажа Ковачевски.
Тој порача дека Собранието има капацитет да донесе одлука со која што ќе го продолжи европскиот пат на државата, зборувајќи за уставните измени како неопходни за продолжување на европскиот пат на Македонија.