Фото: Игор Бансколиев

Можеме ли во Унијата со дефицит на апсорпциска моќ за искористување на ЕУ-бенефициите

Во рамките на кампањата „Ние сме Европа“, која започна неодамна, власта повторно ги убедува граѓаните дека „како што ќе се доближуваме кон Европа, така ќе се отвораат уште повеќе фондови и можности за севкупен развој на државата“, иако никој не дава одговор зошто и досега не се искористени парите што ги даваа странците изминатите години?!
Македонија постојано има отворени фондови од кои може да црпи средства за реализација на проекти што ќе го подобрат животот на граѓаните, но некој секогаш на прво место го става личниот и партискиот пред широкиот граѓански интерес… Парите или не се искористуваат поради безидејност и неспособност за работа или им се губи трагата со коруптивните поведенија…

Македонија со години има на располагање голем број фондови од Европската Унија и од стратегискиот партнер САД, како и од други земји во светот, но и натаму средствата во овие фондови остануваат неискористени затоа што нема изработено квалитетни проекти што донаторите би биле расположени да ги финансираат.
Причините за ваквата инертност треба да се бараат во максималната партизираност на сите институции, кои наместо да се пополнуваат со квалификувани и стручни кадри што можат да препознаат што значи општествен и граѓански интерес кога станува збор за подготовката на проекти, се пополнуваат со партиски послушници што се интересираат како повеќе да извлечат пари од фондовите за лична и партиска бенефиција.

Македонија на врвот по злоупотребата на европските фондови

Во рамките на кампањата „Ние сме Европа“, која започна неодамна, власта повторно ги убедува граѓаните дека како што ќе се доближуваме кон Европа, така ќе се отвораат уште повеќе фондови и можности за севкупен развој на државата, иако никој не дава одговор зошто и досега не се искористени парите што ги даваа странците изминатите години.

Да биде трагедијата уште поголема, истражувањето за последните пет години на Европската служба против измами (ОЛАФ), одговорна за ревизија на фондовите за земјите-членки на Европската Унија и за други држави кориснички, покажа дека од 36 истраги за земјите од Западен Балкан, дури 18 се однесуваат на злоупотреба на европските фондови во Македонија. Пред извесно време и американската амбасадорка Анџела Агелер праша каде се стотиците милиони евра инвестирани во македонското судство, кое продолжува да тоне, а Холандија неодамна ги замрзна фондовите наменети за проект за Судскиот совет бидејќи е незадоволна од тоа како се трошат парите на холандските даночни обврзници.

Сето тоа јасно говори дека Македонија постојано има отворени фондови од кои може да црпи средства за реализација на проекти што ќе го подобрат животот на граѓаните, но некој секогаш на прво место го става личниот пред граѓанскиот интерес.

Дилемата што се поставува пред македонската јавност е дали навистина станува збор за толку некадарни луѓе што се неспособни да подготват и да реализираат проект што ќе биде одобрен и финансиран од фондовите на ЕУ или, пак, што никој не сака да поверува, некој намерно опструира само за да може целосно да ги држи под контрола средствата што се слеваат однадвор. Вака набљудувано, тоа е на ниво на велепредавство и малку е веројатно дека некој би одел до таа крајност.
– Пред некоја година имаше распишано оглас за проект што би се финансирал од ЕУ-фондовите, а се однесуваше на здрава органска храна. Собравме одличен мал тим, во кој имаше професори, екологисти, експерти по земјоделство, и го поднесовме проектот. Одговорот што го добивме од овдешните структури е дека проектот не ги задоволува критериумите, за потоа да биде избран проект што 90 отсто беше прекопиран од нашиот. Едноставно кога ќе се заглавите во бирократските лавиринти, невозможно е да дојдете до европски пари ако немате врска со некого од власта – вели Бојан Димчевски, управител во невладина организација.

Фото: Игор Бансколиев

Тој уште појаснува и дека станува збор за проекти што се финансираат со мали суми, некаде до 10 илјади евра.
– Ако стручно подготвен проект не може нормално да добие 10.000 евра од фондовите на ЕУ, тогаш можете да претпоставите кои проекти поминуваат кога фондовите се над милион евра. За да може да помине кој било добар проект што е во интерес на граѓаните, ЕУ мора целосно да ги контролира, односно таму да аплицираме, тие да ја надгледуваат работата, со нив да склучуваме договори, а нашиве тука целосно да се исклучат, оти очигледно за нив се важни само провизијата и личната заработка. Па, како може секогаш проектите да ги добиваат лица што во одреден период се блиски до луѓето од власта – револтирано прашува Димчевски, кој дури и по пет години откако му бил одбиен проектот е огорчен на она што се случува со злоупотребите на европските фондови.

Системот треба да креира развојни идеи и да ги реализира со европски пари

И другите искуства со користењето на европските и другите странски фондови говорат само едно, дека ако конечно не се смени системот на функционирање, поточно ако институциите не почнат да се полнат со квалификувани и стручни луѓе, Македонија нема да има никаква бенефиција од европските и сите други фондови, па дури да стане членка на Унијата уште утре. Вака како што сега функционираат работите, нема да помогнат ниту убедувачки кампањи за Европа бидејќи системот треба да биде пополнет со луѓе што ќе ги апсорбираат идеите што се во насока на општествен развој. Тоа подразбира постоење на апсорпциска моќ тие пари од странските фондови да се трансформираат во проекти за подобро здравство, подобро образование, инфраструктура, за еколошки проекти, сето она што ќе значи вистински подобар живот за граѓаните, кои јасно ќе препознаат како помогнале ЕУ, САД, Јапонија, Кина или која било друга земја.

Политичкиот аналитичар Синиша Пекевски смета дека кога нема кадарни луѓе што ќе ја поведат државата напред, апсурдно е да се очекува истите луѓе да обезбедат квалитетни проекти што Европа ќе ги финансира, а полза ќе имаат сите граѓани во земјава.
– Кога гледаме колку неспособни министри нè водат, колку е промашена надворешната политика, кога нема учебници за учениците на почетокот на учебната година, кога ќе се осврнеме на криминалот, кој постојано расте, на деградирањето на пензионерите, сето тоа покажува колку неспособни кадри се поставувани на раководни места. Султан-филозофијата е клучот на неуспехот. Неспособни луѓе не може да избираат и вработуваат способни лица – категоричен е Пекевски.

Според него, сите потези на власта се како да работи против сопствените граѓани, што е доказ, како што вели, дека партиски неспособни (полтронски) личности не можат да обезбедат ниту проекти, а уште помалку тие да бидат финансирани од европските фондови.