Фото: Игор Бансколиев

Во последниот извештај за верските слободи на американскиот Стејт департмент, во делот за Македонија се укажува на потребата од дијалог, толеранција и разбирање меѓу различните религиозни групи со владините претставници, се отвора прашањето за статусот на верските слободи во земјата, за враќањето на верските имоти и измените на Законот за средни училишта, односно акредитацијата на верски училишта, но се посочува и на одредено владино фаворизирање на одредени верски групи

Некои точки од извештајот за верските слободи во Македонија изготвен од страна на американскиот Стејт департмент

Стејт департментот во својот извештај пообемно се осврнува на новиот статус на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, за кој издвојува дека до крајот на 2022 година не е целосно решен.
Според Стејт департментот, во мај 2022 година вселенскиот патријарх на Источната православна црква ја признал МПЦ-ОА како канонска црква, со што започнал процесот за автокефалноста, како и ставање крај на долгиот период за непризнавање од страна на светската православна екумена.
Во споменатиот извештај, исто така се наведува дека Српската православна црква (СПЦ) ја признала автокефалноста на МПЦ-ОА, но исто така се споменува дека некои црковни познавачи укажеле дека само вселенскиот патријарх има право да дава автокефалност.
Понатаму, во однос на Православната охридска архиепископија (ПОА), во извештајот на Стејт департментот се наведува дека во согласност со документот за признавање на СПЦ, споменатата црква требало да се спои со многу поголемата МПЦ-ОА, но дека до крајот на 2022 година не се случило тоа.
Во извештајот натаму се вели дека во Македонија има 43 признаени верски организации, вклучувајќи ги и петте наведени во Уставот, МПЦ-ОА, ИВЗ, Католичката црква, Евангелско-методистичката црква во Македонија (ЕМС) и Еврејската заедница. Признаените верски организации вклучуваат 20 цркви, 10 верски заедници (четири христијански, четири муслимански, една хинду и една еврејска) и 13 религиозни групи (седум христијански и шест муслимански). Во тој контекст се нагласува дека овие пет групи, како и другите регистрирани групи се одвоени од државата, еднакви пред законот и слободни да основаат средни училишта, добротворни организации и други социјални институции. Во извештајот се издвојува дека законот им дозволува на другите религиозни групи да ги добијат истите законски права и статус како овие пет групи со поднесување барање за владино признавање и регистрација преку судовите.
Уставот им забранува на политичките партии или други здруженија да поттикнуваат верска омраза или нетрпеливост, се посочува од страна на Стејт департментот.
Но, исто така, во извештајот се посочува и постоење на повеќе инциденти во врска со сторени дела на вандализам врз верски објекти. Имено, се споменува вандализам врз православен манастир што е лоциран во мнозинско муслиманско подрачје, како и за 13 инциденти на кражби од цркви, манастири и џамии во текот на годината. Според Стејт департментот, МПЦ-ОА и Исламската верска заедница (ИВЗ) споменатиот вандализам и кражби не ги припишуваат на верски побуди.

Д.Ст.


МПЦ-ОА го очекува ставот на СПЦ за Православната охридска Архиепископија (ПОА) на Вранишковски

Во православниот храм „Свети Сава“ во Белград во тек е работата на највисокото тело на Српската православна црква (СПЦ), како составен дел од пролетното заседание. На агендата на Соборот на СПЦ е и темата за начините и предлозите за интеграција на ПОА на Јован Вранишковски во редовите на МПЦ-ОА, прашање ШТО веќе беше разгледано од страна синодот на МПЦ-ОА. Јавноста е во очекување на финалното соопштение на СПЦ во кое ќе биде опфатен и ставот на СПЦ за натамошниот статус на ПОА.
Според одредени српски медиуми, во пресрет на соборот на СПЦ, во Србија престојувала и делегација на МПЦ-ОА, која разговарала со српскиот патријарх, но официјално соопштение за средба немаше.
Повеќемина експерти и познавачи на црковните работи посочија дека Македонската православна црква – Охридска архиепископија очекува ПОА да престане да постои и како таква да биде избришана од уставот на СПЦ, односно јурисдикцијата на СПЦ, со што ќе се создадат услови за слевање на ПОА во рамките на МПЦ, меѓутоа досега ова не беше официјално потврдено од Српската православна црква.
За потсетување, ПОА до скоро дејствуваше на територијата на Македонија како нелегална верска организација, а по расколот со МПЦ-ОА, ПОА беше востановена како автономна епархија во рамките на СПЦ.