Очигледно САД упатуваат недвосмислена порака до сите македонски влади, минати, сегашни и идни, дека недвосмислено треба да се борат за македонските државни интереси, дека токму тие национални интереси во еден поширок контекст се совпаѓаат со политиките на заемното стратешко партнерство и дека, освен самите ние, никој друг нема да ја преземе одговорноста да биде носител на нашата борба. А таа борба
подразбира да кажеме „стоп“ за нешто што е спротивно на националните интереси, без оглед што некој претходно од кај нас го прифатил и се обврзал дека ќе го спроведе, при што нашиот стратешки партнер го оставил во недоумица и со прашалници за тоа што всушност сакаме. И каде одиме? И каде сакаме да стигнеме?
САД се резолутивен македонски стратешки партнер, но чекаат наша иницијатива
Комисијата за политички прашања и демократија на Парламентарното собрание на Советот на Европа денеска ќе одржи седница на која ќе се расправа за апликацијата за членство на Косово во Советот на Европа. Извештајот пред комисијата ќе го елаборира грчката пратеничка и поранешна министерка за надворешни работи Дора Бакојани, која претходно препорача дека Косово треба да стане членка на најстарата паневропска организација.
Пред три дена Косово стана и придружен член на Парламентарното собрание на НАТО, а течат активностите и за прием на земјата и во Обединетите нации, со што ќе се заокружи државноста.
Последните случувања се потврда дека Косово напредува со забрзани чекори во евроатлантските интеграциски процеси и покрај тоа што не исполни ниту едно барање од меѓународната заедница, почнувајќи од обврската да формира заедница на српски општини, да не ги трансформира безбедносните сили во војска и да не го исфрла српскиот динар од платниот промет во земјата додека не се најде соодветно решение. На сите овие контрапотези на косовското раководство реагираше меѓународната заедница со барање Косово да ги реализира преземените обврски онака како што потпишала и прифатила претходната косовска влада, но од друга страна, странците не сторија ништо да ја блокираат официјална Приштина на патот кон ЕУ и НАТО поради непослушноста, туку напротив, уште повеќе го забрзаа процесот.
Секој сам си ги брани националните интереси, стратешкиот партнер само помага
Сето ова јасно говори дека стратешките партнери секогаш ќе ги помагаат земјите со кои развиваат блиски односи, но под услов секоја земја и самата да покаже макар и мала желба, а и потенцијал дека може да ги одбрани сопствените интереси, национални, а се разбира и барем декларативно да застане зад политики на еден поширок демократски интерес.
Не случајно специјалниот американски пратеник за Западен Балкан, Габриел Ескобар, неодамна токму од Приштина испрати порака до македонските власти дека земјава треба веднаш да стане членка на ЕУ, а билатералните прашања да се решаваат независно од евроинтеграцискиот процес. Американскиот дипломат јасно стави до знаење дека времето на политики на попустливост е минато и дека Македонија мора сама да истапи во одбрана на националните интереси, доколку сака САД да ѝ помогнат, исто како што постојано му помагаат на Косово, без оглед што поранешната српска покраина постојано ѝ се спротивставува на меѓународната заедница.
Тоа говори за фактот дека земјава не го користи воопшто сојузништвото со САД, па ја наведнува главата пред условите што ги диктираше прво Атина, потоа ЕУ, сега и Софија.
Очигледно САД упатуваат недвосмислена порака до сите македонски влади, минати, сегашни и идни, дека недвосмислено треба борат за македонските државни интереси, дека токму тие национални интереси во еден поширок контекст се совпаѓаат со политиките на заемното стратешко партнерство и дека освен самите ние, никој друг нема да ја преземе одговорноста да биде носител на сопствената борба. А таа борба подразбира да се каже „стоп“ за нешто што е спротивно на националните интереси, без оглед што некој претходно од кај нас го прифатил и се обврзал дека ќе го спроведе, при што стратешкиот ни партнер го ставаме во недоумица?! Што, всушност, сакаме? Каде одиме?
Банален, но сликовит пример
Во овој контекст, нашите соговорници земаат еден многу карактеристичен банален пример од нашето соседство, но многу сликовит, токму како принцип, за во овој контекст…
Имено, претходникот на Курти потпиша договор за формирање заедница на српски општини (ЗСО), но актуелниот косовски премиер „ја отфрла оваа обврска оти смета дека тоа не е добро за државата и турка сопствена национална агенда“!
И сега, нагласуваат соговорниците, за таквото однесување е „награден со визна либерализација, земјата е пред потенцијален прием во Советот на Европа, стана придружен член на Парламентарното собрание на НАТО, а не е исклучено многу скоро да ги започне и пристапните преговори за членство во ЕУ“!?
Со други зборови, и покрај тоа што не ги почитува билатералните договори потпишани со меѓународно посредништво, сепак земјата не е изолирана, туку забрзано напредува.
Американската порака испратена до Македонија од Приштина може да се посматра и низ таа призма: „Борете се за вашите национални интереси по секоја цена и ќе покажете дека ја имате нашата поддршка. Стратешките планови ни се совпаѓаат!“
Потребно е да се покаже карактер на суверена држава
Дел од аналитичарите со кои се консултиравме се на ставот дека има одредена симболика во пораките што ни ги испраќаат Американците, но очигледно тука некој или не знае да ги чита или, пак, погрешно ги толкува.
– Ако се сеќавате, пред да стапи на должност новата американска амбасадорка Анџела Агелер изјави дека „никогаш не мислела дека ние ќе го смениме името и дека била изненадена од таквиот потег“!
Токму тоа говори дека ние како земја не го користиме доволно стратешкото партнерство со САД за да избоксуваме подобри позиции. Очигледно нашите политичари очекуваат официјален Вашингтон да говори во наше име, но работите не одат така. САД сакаат ние да се однесуваме како суверена држава и ние да ги преземаме иницијативите, а тие се тука да асистираат – велат соговорниците.
За нив нема никаква дилема дека пораките што неодамна ги испрати Ескобар од Приштина, а кои се однесуваа на Македонија, кријат една поинаква симболика.
– Исклучително е важно да се обрне внимание кога и од каде ги испраќа пораките некој дипломат. Ескобар неодамна ни се обрати токму од Приштина, велејќи дека не дошол во Македонија за да не влијае врз предизборниот процес. Но да не заборавиме дека многу странски политичари доаѓале и претходно во предизборието тука, така што намерата на Ескобар повеќе беше да порача „гледајте што прави официјална Приштина, правете и вие, ние стоиме зад вас“. Косовскиот премиер Курти буквално цел мандат оди контра меѓународната заедница, не почитува ниту еден потпишан договор, па земјата не му е во изолација, туку забрзано напредува во евроинтеграциите, па дури и ќе нѐ престигне и нас како што сме тргнале. Кај нас владејачките структури шират теории дека ако евентуално сме се дрзнеле да не ги спроведеме уставните измени под сегашните услови земјава ќе била изолирана, ќе останела заборавена, ќе се вратела назад и слично. Во вакви геостратешки претумбации што се случуваат низ светот, не само што земјава нема да остане изолирана туку на сила ќе ја внесат во ЕУ и без да ги спроведе обврските што ги презела, а кои очигледно се штетни по националните интереси и затоа е толкав отпорот во општеството. Ајде донекаде можеби опозицијата да калкулира со тоа прашање за лични поени, но не може поголем дел од македонското општество, интелектуалци, академици, професори, експерти, па дури и обични граѓани сите да кажуваат дека францускиот предлог е лош и дека треба да се изнајде друго решение со кое нема да бидеме понижени и дополнително уценувани. Ескобар јасно кажа, билатералните прашања решавајте ги настрана, но евроинтеграциите мора да течат и не смеат да бидат жртва на ничии уцени. На крајот, очигледно сите земји од Западен Балкан некако во пакет ќе влезат во ЕУ, со каков статус и во каква форма, тоа ќе видиме. Намерата на САД е таа, да се затвори секоја дупка од балканскиот мозаик и да не се остави ниту малку простор за туѓи влијанија. Затоа е мудро и прагматично и нашите политичари да бидат малку порезистентни на сето она што го наложува Брисел или соседите, да се прифаќа со кимање на главата, а што е на наша штета. Ги имаме Американците зад себе, па редно е малку и да ги послушаме, а не да одиме со главата во ѕид – посочуваат соговорниците.