Фото: Маја Јаневска Илиева

Не може да се формираат работни групи за уставни измени, ако се нема двотретинско мнозинство во Собранието, но власта со ова се обидува да создаде слика дека процесот е почнат, иако не е, потенцираше пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска Давкова, во емисијата „За или против“ на телевизија Алфа.

– Прво дајте да провериме дали има расположение во Собранието. Што мислат дека ако почнат со работни групи дека сите ќе гласаат? Дека со тоа ќе создадат привид на отпочнат процес? Процесот се проверува на лице место. За почеток на измени на Устав потребен е предлог, а за негово усвојување, неслучајно е потребно двотретинско мнозинство, за да не се фрлате во непотребен трошок и време да го проверите тој момент, инаку попусто ќе работат групите – изјави Силјановска Давкова.

Коментирајќи го ретерирањето на власта од хрватскиот Устав, таа посочи дека со оваа власт сѐ е можно.

– Штом давате еден предлог, не може да читате само еден дел кој ви одговара, тоа е еден цел мозаик. ВМРО-ДПМНЕ рече штом го давате хрватскиот пример, нема проблем, Хрватска е членка на ЕУ, ајде да седнеме да разговараме. ЕУ за да биде заедница мора да се темели на вредности, без нив не може да има заедница. И во однос на компаративните примери и во однос на стандардите и во однос на тоа што Хрватска е дел од тој простор. Треба да се почитуваат европските стандарди – истакна таа.

Силјановска Давкова кажа оти се видело колку власта сака да дебатира кога се носел францускиот предлог, истакнувајќи дека тогаш немало никаква дебата.

– Сите бевме затечени, а баравме да дискутираме и дебатираме. Како да дебатираме за решение кое тие го скроиле, а ние да им го покриеме како алиби – изјави Силјановска Давкова.