Фото: Игор Бансколиев

За модерниот начин на изразување на младите, фондот на македонски зборови, преголемата изложеност на паметни уреди на кои премалку следат содржина на мајчин јазик и за слабите комуникациски вештини разговаравме со дефектолог, наставник, комуниколог и македонист

Македонскиот јазик и јазичната култура

Лајкни ми, скролнав, те шотнав – сега ливни, ти срцнав, на дејт, ние сме бести… Вакви изрази денес користат сѐ повеќе деца и млади, мешајќи литературни зборови, жаргон и англизми, наспроти сѐ посиромашниот речник на македонски литературни зборови и намалените комуникациски вештини. Често во секојдневната комуникација дури и не можат да се сетат „како е зборот на македонски“, па користат англиски термини. Нивните меѓусебни „чатувања“ со интернет-жаргон, улично локализиран на македонски, во кои се „срцнуваат или се хејтаат“, возрасните речиси и не ги разбираат.
За модерниот начин на изразување на младите, фондот на македонски зборови, преголемата изложеност на паметни уреди на кои премалку следат содржина на мајчин јазик и за слабите комуникациски вештини разговаравме со дефектолог, наставник, комуниколог и македонист, кој потенцира оти македонскиот јазик не е загрозен, туку проблемот е во јазичната култура.

Задоцнето прозборување, сиромашен речник

Дефектолозите подолго време предупредуваат дека постои проблем, кој почнува од најмала возраст, кога многу деца, поради прераното и претерано користење паметни уреди и интернет доцнат со прозборување. На тие уреди, пак, не следат доволно содржини на мајчиниот јазик.
Дефектологот Симона Трајковска вели дека прераното и претерано изложување на децата во виртуелниот свет, односно претераното користење на паметните уреди за забава прво влијае на прозборувањето. Таа вели дека говорот кај децата се јавува многу подоцна во однос на календарската возраст, па дури и првите зборови им се на англиски јазик или, пак, некоја фраза од цртаните филмови што ги гледаат секојдневно.
– Забележуваме дека дури од најмала возраст децата во голем дел од денот се изложени на такви влијанија, а тоа негативно влијае врз целокупниот развој на едно дете. На детето што со часови пред себе има телефон или таблет и гледа изобилство бои и движења, тоновите во реалниот свет не му го привлекуваат вниманието, па затоа детето нема интеракција со околината и нема начин да го научи јазикот и да комуницира со околината – истакнува Трајковска.

Simona Trajkovska defektokog
Симона Трајковска / Фото: Приватна архива

Нејзината препорака до родителите е да се минимизира изложеноста на децата на екрани уште од најмала возраст, а доколку им дозволат на децата понекогаш да гледаат цртани филмови, тие да бидат на македонски јазик и потоа заедно со нив да разговараат и да ги поттикнат да раскажуваат што се случило во цртаниот филм, така што на тој начин ќе се збогатува вокабуларот на детето и ќе има придобивка од виртуелниот свет. Таа додава дека играта е основна и најважна активност во предучилишниот период на секое дете, преку која децата стекнуваат нови искуства и социјални вештини, и ја потенцира играта во парк, на отворено, која многу придонесува во социјализацијата со други деца, каде што се остварува комуникација помеѓу врсниците.

Посиромашен речник кај секоја наредна генерација

Претераното користење паметни уреди, според Трајковска, им ја намалува и способноста за говорна комуникација на децата и на младите.
– Во практиката секојдневно среќаваме деца со говорно-јазични проблеми, проблеми во социјалната интеракција, деца што не зборуваат и не разбираат дури и наједноставни налози. Секако, влијание врз тоа имаат повеќе фактори, но еден од водечките е виртуелниот свет односно преголемата изложеност на телефони, таблети, лаптопи и телевизија – вели Трајковска.
Спoред неа, секоја наредна генерација е со посиромашен вокабулар, слаби социјални и комуникациски вештини, бидејќи, како што вели, младите поминуваат во просек од шест до девет часа дневно со мобилните телефони. Во тој период ангажманот на говорниот апарат е исклучително слаб, што предизвикува значително намалување на способноста за вербална комуникација, говорот им станува нејасен, а во речникот сѐ повеќе им преовладува жаргонски говор.
– Различни англизми постојано се присутни во комуникација на младите, кои освен во меѓусебните разговори во друштво и на социјалните мрежи, сѐ почесто ги користат и во секојдневниот живот, дома и на училиште. Со прекумерното користење на социјалните мрежи се наметнува нова терминологија, со која комуницираат младите денес и за одредени зборови наместо нашиот македонски стандарден јазик, користат англизми и кратенки од типот „лајк“, „дејт“, „скрол“, кои се нејасни и неразбирливи за повозрасната популација, родители наставници – додава Трајковска.

„Така ни е полесно“

Наставници предупредуваат на малиот фонд на зборови на македонски јазик кај учениците.
– Сметам дека не е погрешно тоа што учениците се соочени со странски содржини, најчесто на англиски јазик, туку е загрижувачки што недоволно се соочени со содржина на мајчиниот јазик – вели Даниела Ѓеркоска, одделенска наставничка во скопското основно училиште „Димо Хаџи Димов“.

Даниела Ѓеркоска / Фото: Приватна архива

Таа раскажува дека често се случува на часот учениците да кажат нешто на англиски и да не можат да се сетат како да го кажат тоа на македонски.
– Се случува кога ќе им понудам сликовници на дечињата во пониските одделенија да посегнат по оние што се на англиски јазик. Додека си играат на одмори, голем дел зборови им се на англиски или пак се приспособени. Употребуваат, на пример, „таа ми е бести“, „тој ја ливна групата“… Споменарите ги пишуваат на англиски јазик. Кога ќе ги прашам зошто зборуваат така, велат дека така им е полесно. Сметам дека нештата треба да се менуваат систематски и неагресивно, уште од најмала возраст во домот, а тоа да продолжи со нас во образовниот систем. Сигурна сум дека сите треба и можеме да поработиме на свеста за тоа и со позитивни чекори да ги поправиме нештата – вели Ѓеркоска.

Комуниколошки аспект

Бојан Кордалов, комуникологот и специјалист за односи со јавноста и нови медиуми, вели дека може да зборува само од комуниколошки аспект и во таа насока потсетува на две работи.
– Првата е дека секоја генерација на млади си гради своја култура на комуникација, сленгови и изразување и тоа е нормална логика и одлика. Втората е дека цел на интернетот и дигиталните технологии се глобализацијата и унифицираноста за поедноставно разбирање и користење на новите опции и технологија од секое делче на светот. Истовремено, секако дека познавањето, учењето и ценењето на мајчиниот јазик, во случајот на македонскиот јазик, се основна одлика на секоја личност што сака во основата да биде писмена и да може правилно да комуницира. Ако јас треба да го барам решението, би сугерирал отвореност на лингвистите за новите термини, изрази и технологии и нивно вметнување во македонскиот речник, а истовремено зајакнување на содржините за приближување на македонскиот јазик, особено до децата преку користење дигитални уреди, интересни дигитални апликации, видеосодржини итн. – вели Кордалов.

Бојан Кордалов / Фото: Приватна архива

На тој начин, според Кордалов, ќе можеме да работиме сите заедно на зачувување и негување на македонскиот јазик, но едновремено не негирајќи ги реалноста и новите термини, навики и глобални изрази што се базираат на дигиталните технологии и новиот начин на живот на овие генерации млади.

Македонскиот јазик не е загрозен, проблемот е во јазичната култура

Д-р Бобан Карапејовски, доцент на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, вели дека може да издвоиме два проблема и одделно да ги третираме. Едниот е јазикот на младите, кои под влијание на англискиот и на интернет-комуникацијата и во секојдневниот говор почнуваат да го користат тој начин на изразување, а другиот е малку покомплексен и го вклучува моментот на намалените комуникациски вештини.

Бобан Карапејовски / Фото: Приватна архива

– Всушност, едното не мора да биде поврзано со другото (во основа, не е и не би требало). Па, така, нормално е кога како канал користите интернет или СМС, вашиот јазик да има потелеграфски одлики (скратувања итн.). Исто така, употребата на англизмите во секојдневниот говор не е, самото по себе, загрозување ниту на јазикот ниту на можноста за развој на изразот кај децата и кај младите. Впрочем, разговорниот јазик изобилува со турцизми, кај младите – англизми, и тоа не може да загрози еден јазичен систем, кој е сериозно развиен и фундиран. Особено што обично ваквите пројави најчесто се врзани само за лексичкиот фонд, а не и за граматичкиот систем на јазикот. Проблемот се појавува кога ќе се измешаат регистрите, односно кога на училиште или во некоја официјална комуникација ќе почне да се зборува како на улица. Така што, од јазичен аспект, нема некаков поголем проблем: зборовите си доаѓаат и си одат, тие не го загрозуваат јазикот. Проблемот е повеќе на ниво на т.н. јазична култура: каде што треба да се употребува и колкави се познавањата на луѓето во таа смисла – објаснува Карапејовски.
Речникот се проширува преку примање текстови на односниот јазик и негово користење. Ако не успеваме да го задржиме вниманието со текстовите во учебниците или со лектирите на македонски јазик, според нашиот соговорник, тогаш треба да смислиме како да им ги приближиме тие текстови на учениците.
– Се разбира, има класични дела и тие, колку и да се неинтересни, мора да бидат дел од лектирата, но треба да се размисли за мултимедијален пристап во образованието (но, и надвор од него). Последниве години има успешни проекти, особено на книги за деца, кои го комбинираат читањето со видеоигри, поучни спотови, програми за компјутер и за телефон, каде што се прима македонскиот јазик и на тој начин се проширува зборовниот фонд – објаснува нашиот соговорник.
Во врска со наоѓањето македонски еквиваленти за тие зборови, тој смета дека треба да бидеме многу внимателни и да не го правиме тоа по секоја цена.
– Македонскиот во својот развој се решил да се развива на антитрадиционалистички и антипуристички основи. Така што, креативните нови зборови се добредојдени, но не треба да се инсистира на нив по секоја цена. Особено не во неформални контексти. А, клучно за прифаќањето на македонските соодветници е тие да излезат многу брзо по појавата на поимот. Колку подоцна се најде еквивалент толку е помала шансата тој да заживее, зашто странскиот збор веќе се прикрепил за системот – вели Карапејовски.

Да го негуваме македонскиот јазик

Како да се популаризира и актуализира македонскиот стандарден јазик? Како да навлезе во секоја пора од општеството? „Нова Македонија“ подолго време со повеќе написи ги објавува одговорите и идеите на нашите интелектуалци – докажани и истакнати македонисти, професори, уметници, писатели…
– За негата на мајчиниот јазик треба да бидеме заинтересирани сите, не само ние, лингвистите. Но, за жал, свеста не е доволна – потребна е една организирана културна акција за негување, афирмирање и развивање на македонскиот јазик – за да може тој и понатаму да го следи и научниот и технолошкиот напредок, а истовремено да остане убав и наш – вели, меѓу другото, во своето излагање проф. д-р Искра Пановска-Димкова, раководителка на Kатедрата за македонски јазик на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“.
Односот спрема македонскиот стандарден јазик треба да почне да се гради и да се негува во една позитивна насока уште од најмалата предучилишна возрaст на најмалите Македонци, според проф. д-р Елка Јачева-Улчар, научна советничка во Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ – Скопје.
– Кај децата во предучилишните установи, но и дома, уште од најмала возраст треба да се негува свеста дека македонскиот јазик го зборуваат мал број луѓе и дека ако самите не си го зборуваме и изучуваме, ќе нема кој друг да го прави тоа наместо нас на планетава – вели таа.
Иван Антоновски, поет, есеист, книжевен критичар, книжевен преведувач и публицист прашува: Зарем примерот и влогот на Конески не ни се доволни? Јазикот, потенцира тој, е нашата единствена комплетна татковина.

Тања Димитриоска
Наташа Бошковска-Златкова