Координативното тело на Македонците и Обединетата македонска дијаспора со меморандум за обединување и сплотување
Длабоката поделба на македонското етничко ткиво води кон целосно разградување на државата по сите основи, имајќи предвид дека Македонците повеќе не можат меѓу себе да се договорат ниту за најсуштинските работи важни за нивната иднина.
Сигналот за аларм веќе допира и до македонската дијаспора, која е свесна дека ако се разбие македонското етничко ткиво во Македонија, тогаш многу брзо ќе исчезне и врската на дијаспората со својата матична држава.
Во таа насока неодамна Координативното тело на Македонците, во согласност со Обединетата македонска дијаспора, објави меморандум за обединување на македонскиот народ и креирање граѓанска алијанса за национална координација.
– Водени од својата неизмерна љубов и почит кон својата татковина, инспирирани од досегашната стагнација во последните децении, исправени пред одговорноста за зачувување на македонските национални вредности и пренесување на идните генерации, а во согласност со предасномските уставноправни традиции, на Крушевската Република и одлуките на АСНОМ, на референдумот за независност од 1991 година, како и почитување на волјата на македонскиот народ за непромена на името на државата Македонија на референдумот од 2018 година, потврдена со одлуката на ДИК, се донесува следниов меморандум за обединување и сплотување на македонскиот народ – се наведува во апелот на дијаспората.
Понатаму уште се додава дека партиите треба да заборават на меѓусебните поделби и да се грижат за зачувување на македонскиот национален бит.
– Натпартиско обединување на Македонците околу зачувувањето на името, jазикот, идентитетот, нацијата, прикажување на националната истражувачка историја и научната вистина од Македонија, возвраќање на моралот и вредностите, воспоставување правна држава.
Поддржување и создавање повеќепартиска македонска коалиција „Семакедонска национална коалиција“, во која сите граѓански и политички партии, вклучувајќи ги и тие партии што се дефинирани како етнички, на таа коалиција ќе ги дефинираат или потпишат основните постулати на македонската државност и ќе ги дефинираат идните чекори за стабилизација и зачувување на Македонија со своите уставни определби, регулативни и сервисни тела на државата.
Оваа коалиција не ѝ припаѓа на ниту една политичка партија или граѓанска организација или нивни претставници. Доколку граѓанските организации или политички партии не ѝ припаѓаат на оваа коалиција, вклучувајќи ги и партиите дефинирани како етнички, а сакаат да бидат дел од креацијата на национални политики на Македонија, ќе биде повикано целото членство за бојкот на нивните активности во која било од извршната, законодавната или судската власт. Оние претставници што не се потписници и нема да ги вметнат одредбите на семакедонската алијанса во нивната агенда или статут ќе се сметаат за нелојален политички претставник и целосно изолиран од одлучувањето за националните македонски прашања што ќе бидат дефинирани од страна на алијансата.
Ургентно креирање поволен граѓански амбиент за успешна и детална координација за специфицирање на билатералните и мултилатерални договори склучени од сите досегашни влади и барање начини за нивно имплементирање или отфрлање имајќи ги предвид државноста и волјата на македонскиот народ.
Институционално втемелување на македонската дијаспора во државата, како еден од примарните столбови на која било идна македонска влада и креирање алатки за мапирање на дијаспората.
Нашето лично и македонско национално достоинство, нашата совест и свест ни налагаат во овие тешки историски времиња да се оградиме како Македонци од кој било чинител, начин и метод што ја повредуваат државноста и претставуваат географска поделеност и закана за културно и етничко сплотување на територијата Македонија.
Нашите заложби остануваат недвосмислено во борбата за Македонија и Македонците – се наведува во меморандумот на Координативното тело на Македонците во согласност со Обединетата македонска дијаспора. С.Т.