Фото: ДФРМ

Македонските натпреварувачи освоија еден сребрен медал, два бронзени медала и една награда за успешно учество (пофалница) на Меѓународната олимпијада по физика што се одржа во Исфахан, Иран

Младите македонски физичари се закитија со повеќе медали на 54. Меѓународна олимпијада по физика, која се одржа во Исфахан, Иран, со што на Македонија ѝ го донесоа најголемиот успех на ова натпреварување, во рамките на кое земјава учествува од 1996 година. Македонските натпреварувачи освоија еден сребрен медал, два бронзени медала и една награда за успешно учество (пофалница), при што Јан Стојановски стигна до сребро. Станува збор за истиот ученик во четврта година во ПСУ „Јахја Кемал“ во Скопје што неодамна освои златен медал на осмата Европска олимпијада по физика.
Бронзени медали освоија Емилија Николовска, ученичка во четврта година во Математичко-информатичка гимназија во Скопје, и Андреј Стојановски, ученик во трета година во ПСУ „Јахја Кемал“ во Скопје. А наградата за успешно учество ѝ беше врачена на Матеа Митревска, ученичка во трета година во ПСУ „Јахја Кемал“ во Скопје. Дамјан Стојанов, ученик во трета година во ПСУ „Јахја Кемал“ во Скопје, исто така имаше можност да го покаже своето знаење како дел од македонскиот тим.
Македонскиот тим беше предводен од проф. д-р Ламбе Барандовски, вонреден професор на ПМФ во Скопје и претседател на Друштвото на физичарите на Република Македонија, и од Војо Митревски, апсолвент на Институтот за физика при ПМФ во Скопје и поранешен олимпиец.


Македонските физичари во пресрет на натпреварувањето беа на четиринеделни подготовки, кои се одржаа во периодот јуни – јули 2024 година на Институтот за физика при Природно-математичкиот факултет во Скопје. На 54. Меѓународна олимпијада по физика учествуваа 197 ученици од 46 држави од светот.
„Нова Македонија“ срдечно им честита на младите физичари за успешното претставување на Македонија на Меѓународната олимпијада и им посакува уште многу успеси и научни достигнувања во иднина. Н.М.


Јан Стојановски обедини злато и сребро од две олимпијади

Ученикот во четврта година во ПСУ „Јахја Кемал“ во Скопје, Јан Стојановски, кој се закити со сребро на Меѓународната олимпијада по физика во Исфахан, претходно го освои и првиот златен медал за Македонија на осмата Европската олимпијада по физика што се одржа во Кутаиси, Грузија. Во рамките на натпреварувањето во Грузија учествуваа 36 држави од Европа и 18 држави надвор од Стариот Континент. Секоја од државите на олимпијадата имаше право да учествува со тим од пет ученици.