Поведенија на флагрантна политичко-етничка злоупотреба на трагедијата во Кочани
Деновиве албанско-американско здружение од САД им упати „итно писмо на американската амбасадорка Ангела Агелер и заменик-шефот на мисијата Никол Варнс“, во кое ги повикува „Соединетите Американски Држави итно да интервенираат дипломатски во С.Македонија пред да излезе ситуацијата надвор од контрола“!
Албанско-американското здружение, во кое членуваат здруженијата на Албанци иселеници и печалбари од Македонија „Ускана“, „Преспа“, „Езерски бранови“ и „Дарданија“ што дејствуваат во САД, во писмото до Агелер и Варнс изразува „голема вознемиреност поради политичката манипулација со трагедијата во Кочани“.
Лобирање врз основа на паушални мислења, извртување на вистината и со обид за манипулација
– Во име на албанско-американската заедница во Илиноис и сите албанско-американски здруженија во САД изразуваме голема вознемиреност, бидејќи наместо да се смируваат тензиите и да се обезбеди соодветна и вистинска истрага во врска со трагедијата во Кочани, сега се провоцира етничко префрлање на вината врз Албанците од претходната влада, кои се користат како жртвени јарци. Семејствата во С. Македонија стравуваат дека ситуацијата може да ескалира во етнички судир – тврди ова здружение на албанското иселеништво од Македонија во САД во своето „итно писмо“ до Ангела Агелер и Никол Варнс.
Сѐ уште нема информација дали и на каков начин реагирале од американската амбасада во Скопје во врска со ова писмо до нив.
Зошто дописот на албанско-американското здружение од САД претставува очигледен обид за манипулација со фактите со залепена етикета со етнички предзнак? Од каде тие ја извадиле констатацијата дека во случајот „Кочани“ „се провоцира етничко префрлање на вината врз Албанците од претходната влада, кои се користат како жртвени јарци“?!
Наспроти овие тврдења, а за волја на вистината, еден од првите што реагираа на ваквите инсинуации беше искусниот аналитичар и поранешен носител на високи државни функции Џевдет Хајредини. Тој реагираше и на дел од обвинувањата на опозиционерите Албанци, како и на одделни колумнисти, на констатацијата дека „во случајот со пожарот во Кочани се спроведува селективна правда“.(?!)
– Од 34 осомничени, само тројца се Албанци! Каква е тоа „селективна правда“?! – реагираше инстантно Хајредини.
Неговата реакција дека само тројца Албанци се притворени во врска со опожарувањето на дискотеката „Пулс“ во Кочани, покрај 31 Македонец, директно го побива како невистинит манипулативниот став на споменатото албанско-американско здружение за „етничко префрлање на вината врз Албанците од претходната влада“.
Повици за „масовни протести и граѓанска непослушност на Албанците“ за уривање на Владата
Повеќе консултирани аналитичари не се изненадени од реакцијата на албанската лоби-група во САД, која го испрати писмото и до одредени свои лобисти во Вашингтон и до американската амбасада во Македонија. Нашите соговорници издвојуваат дека тоа е дел од пакетот поттикнати активности од страна на албанската опозиција во Македонија, која продолжи во континуитет јавно да зборува за „ситуација што може да ескалира во етнички судир“ во Македонија.(?!) Во медиумите на албански јазик изминативе неколку дена се објавени низа текстови, меѓу кои и „колумна“ на Албанец од Куманово, иселеник во една земја членка на ЕУ, кој „ги повикува своите сонародници во Македонија на масовни протести и граѓанска непослушност, кои би требало да доведат до уривање на легитимната македонска влада“ и да се предизвика етничка и политичка криза.
„Нема веќе трпение, нема веќе чекање. Ни требаат масовни протести, граѓанска непослушност, исклучување на системот – до оставки и нови избори! Нема повеќе живот со вештачко дишење за овој систем! Учениците нека се организираат, родителите нека поддржат, а професорите нека ни се придружат!“, повика овој Албанец иселеник во својата колумна.
Во „игра“ се и „оставка на Таравари и напуштање на Вреди“ од владината коалиција
Потврда плус за синхронизираниот деструктивен зафат се и информациите дека, наводно, сегашниот министер за здравство Арбен Таравари, едновремено и лидер на Алијансата за Албанците, „ќе поднел оставка на министерската позиција на 2 април 2025 година и ќе ја напуштел коалицијата Вреди“. Ваква вест во неделата ноќта објавија два информативни портала на албански јазик, додавајќи дека потоа ќе следуваат и „излегување на Арбен Таравари од Владата“ и негова средба за политички договор со лидерот на ДУИ, Али Ахмети.
Самиот Таравари ги демантира информациите дека подготвува оставка, нагласувајќи дека коалицијата е стабилна и оти тој е целосно насочен на работата на Министерство за здравство.
– Утрово се разбудив со 50 пораки дали давам оставка. Не планирам да поднесам оставка и продолжувам и на 1 и на 2 април со мојата работа. Останувам насочен на Министерството за здравство. Односите во коалицијата се добри, стабилни – изјави Таравари.
Инаку, откако викендот на општествените мрежи и медиумите на албански јазик се рашири „веста“ дека „ќе има средба Али Ахмети-Арбен Таравари“, откако „Таравари ќе поднесе оставка и ќе замине од Владата“, организацискиот секретар на Алијансата за Албанците, Гадаф Узаири, преку објава на социјалните мрежи реагираше: „Бидете спокојни, Алијансата за Албанците и Арбен Таравари секогаш се на правецот на линијата на барањето и Албанците“.
Предупредување: Трагедијата во Кочани – алатка во политикантски агенди
Останува да се следи внимателно текот на случувањата, дотолку повеќе што и натаму се забележуваат своевидни „поттикнувачки информации“ и јавни истапувања во дел од медиумите на албански јазик. Лобирањата однадвор, како во случајот со албанско-американските здруженија од САД, продолжуваат, одработувајќи си ја својата агенда на „свој познат“ начин. Битно е јавноста и, секако, странските дипломатско-конзуларни претставници во земјава да ги препознаат и да ги издвојат фактите од манипулативните информации и соодветно на тоа да реагираат и да известуваат во своите матични држави и влади.
Неспорно е дека ваквите проекти за дестабилизирање ќе продолжат, и тоа во насока да бидат „потврдени констатациите на албанските лоби-групи“, велат наши соговорници, безбедносни и политички аналитичари. Во потврда на тој нивни став, соговорниците издвојуваат и дел од колумна во медиум на албански јазик во која новинарот на својствен малициозен начин, со индикатори во авторскиот текст на замешателство на елементи за верска и етничка нетрпеливост.
– Нивната главна цел е да обезбедат континуитет на политичката моќ, која ја отфрла демократизацијата на земјата, покривајќи го ова со албанска и бугарска опасност, како и со наводна заштита на загрозениот македонски етнички идентитет. Овој систем е духовно против европските вредности, тие не градат држава за луѓето во земјата, туку за нивната идеолошка, етничка и верска секта! Кочанската трагедија со 59 жртви и над сто повредени е од драматични размери за земја со милион и пол жители. Но режимот не разбра дека насилството ќе биде запрено. Ќе видиме дали овој пат електричната инсталација ќе биде виновна за загубата на 59 млади животи, како во случајот со модуларната болница во Тетово – се наведува во колумната на овој новинар, во која се обидува да наметне пошироки политички и етнички димензии под плаштот на искажувањето „жал поради трагедијата во Кочани“… П.Р.
Сопругата на албанскиот лобист Боб Менендез обвинета за вмешаност во корупциски лоби-шеми
Започна судење во САД на Надин Менендез
Во Њујорк вчера започна судењето на Надин Менендез, сопругата на поранешниот американски сенатор и албански лобист Боб Менендез, откако судењето беше одложено поради нејзините здравствени проблеми. Имено, за време на двомесечното судење на Боб Менендез, Надин Менендез постојано беше споменувана за нејзината вмешаност во корупциски шеми. За потсетување, Боб Менендез на јавноста ѝ е познат како албански лобист, кој побара од администрацијата на Вашингтон да изврши притисок да се признае независноста на Косово.
Познато е дека во рација во 2022 година во домот на Менендез во Њу Џерси полицијата пронашла повеќе од 100 илјади долари во златни прачки и повеќе од 480 илјади долари во готовина во пликови, кутии за чевли, јакни и чизми.
Албанскиот лобист Менендез беше осуден по обвиненијата за примање мито, вклучувајќи и примање златни прачки. Менендез, некогаш моќен демократ што ја претставуваше државата Њу Џерси во Сенатот 18 и пол години, беше прогласен за виновен во јули 2024 година по сите 16 точки од обвинението, кои вклучуваат поткуп и измама. Тој исто така беше прогласен виновен за дејствување како странски агент, што беше првпат еден американски сенатор да биде осуден на ваков начин.