Фото: Архива/Игор Бансколиев

Премиерот Димитар Ковачевски во собраниската сала зборуваше за жените министерки и обвини за сексизам, по изјавата на пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Драган Ковачки, кој на премиерот му рече дека се скрил под женско здолниште. На ова претходеше прашањето што Ковачки му го постави на Ковачевски, а се однесуваше на тоа дали бил запознаен со наводно сексуално вознемирување од страна на офицери во АРМ, за што првично доби одговор од министерката за одбрана Славјанка Петровска.

– Премиерот повторно избега и се скри под женското здолниште на министерката за одбрана – искоментира Ковачки.

Таквата забелешка предизвика врева во собраниската сала, но и реакција од Ковачевски.

– Јас многу се гордеам што имам предложено жени за министри и се гордеам што тие жени имаат исклучително добри перформанси. И Славјанка Петровска и Славица Грковска, Јована Тренчевска, Шукова, министерката за култура, Костадиновска-Стојчевска – со сите се гордеам, без разлика дали на работа ќе дојдат во фармерки или во друга гардероба. И навистина не личи во Собранието, кое го гледаат сите генерации на директен пренос, да се користи сексизам и да се користи омаловажување на жената, со оглед на тоа дека жените можат многу поквалитетно од мажите да ја вршат која било функција и тоа овие министерки го потврдија. Јас лично сметам дека треба да ѝ се извините на министерката за она што го кажавте, но тоа е домашно ваше воспитување и образование – му рече Ковачевски на Ковачки.

Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ остана доследен на своето тврдење, возвраќајки му на Ковачевски.

– Тоа дека се криете зад женско здолниште е факт и не го измислив јас. Тоа го измисли вашата менторка Радмила Шекеринска. Потсетете се и ќе видите дека тоа е нејзина изјава – кажа Ковачки.

Според пратеникот Ковачки, во АРМ има сериозни случи на злоупотреби на службената позиција и сексуално вознемирување на подредени офицерки и војници од страна на високи офицери, вклучително и од страна на генерали и од началници во воената безбедност.

– Истите високи офицери за возврат им ветувале унапредување, школување на Воената академија и други бенефити. За изнудувањето на сексуални услуги од помладите по чин и функција од страна на нивните претпоставени и високи старешини се дознало случајно, т.е. во текот на истрагата за примање мито, кое го обелоденивме ние од ВМРО-ДПМНЕ, а за кое министерката за одбрана негираше. Постојат слики и снимки со кои се потврдува злоупотребата на службената позиција од страна на генерал и полковник и за истото е информирана министерката за одбрана – тврди Ковачки.

Министерката Петровска во Собранието, во одговор на прашање на Ковачки, за наводни злоупотреби на службени позиции и сексуално вознемирување на офицерки во Армијата, потенцираше дека ги пријавила сите достапни информации, за што вели дека постојат записи во Секторот за воена безбедност и разузнавање.

– Во Секторот за воена безбедност и разузнавање постојат записи со мои изјави и сите информации кои сум ги имала ги пријавив кај службата задолжена за прибирање на такви информации. Јас не водам истрага и постапки не можам да преземам на своја рака – истакна денеска Петровска.

Таа појасни дека министер за одбрана не смее да влијае на истрагата.

– Не смее ниту овој ниту кој било друг министер за одбрана да влијае на истрагата. Во Министерството за одбрана, односно во Секторот за воена безбедност и разузнавање постојат записи. Секогаш кога сум добила какви било информации, кои нема да ги кажувам тука затоа што се класифицирани, јас сум ги пријавила до службата. Ниту водам истрага, ниту имам законско право да преземам дел од истрагата која ја води Јавното обвинителство – рече Петровска.

Министерката потенцираше дека никогаш нема со политичко влијание да се обидува да се замеша во истрагите и додека не види докази или не биде известена од надлежните органи, нема да може да презема ништо на своја рака.