Фото: Архива

Италијанската премиерка Џорџа Мелони изјави дека францускиот претседател Емануел Макрон, германскиот канцелар Олаф Шолц и таа повикале на спроведување на веќе постигнатите договори на денешните средби со лидерите на Србија и Косово.

– Побаравме од двајцата лидери да преземат чекори напред во однос на имплементацијата на договорите постигнати во последните години и месеци – рече Мелони по одделните состаноци на лидерите на ЕУ, Франција, Германија и Италија со српскиот претседател Александар Вучиќ и косовскиот премиер Албин Курти.

Шефот на европската дипломатија, Жозеп Борел, денеска во Брисел, по средбите со лидерите на Србија и Косово, изјави дека дијалогот е единствениот начин да се дојде до решение и дека од тоа зависи европскиот пат на двете страни.

– Работата е во тек. Можеби ќе треба да го напуштам Самитот на ЕУ за повторно да се сретнам со лидерите на Косово и Србија за да видиме дали можеме да најдеме решение во рамките на дијалогот. Нема друго решение. Европскиот пат на Косово и Србија поминува низ овој дијалог – изјави Борел по пристигнувањето на состанокот на лидерите на Унијата и нејзините членки, пренесе Бета.

Претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел денеска изјави дека деескалација и нормализација на односите помеѓу Белград и Приштина е од суштинско значење.

– Со високиот претставник на ЕУ за надворешна политика, Жозеп Борел и колегите од ЕУ, имав средба со премиерот на Косово, Албин Курти, а потоа и со претседателот на Србија, Александар Вучиќ. Деескалација и нормализација на односите помеѓу Белград и Приштина е од суштинско значење – напиша Мишел на платформата „Екс“.

Тој изјави дека очекува Европската комисија дополнително да разговара на таа тема.

Вучиќ и Курти денеска во Брисел одвоено разговараа со претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел, шефот на европската дипломатија Жозеп Борел, специјалниот претставник на ЕУ за Западен Балкан, Мирослав Лајчак и лидерите на Франција, Германија и Италија, Емануел Макрон, Олаф Шолц и Џорџа Мелони.

– Се надеваме на напредок – изјави Мелони пред пристигнувањето на самитот на ЕУ.

Албанскиот премиер Еди Рама се огласи на Твитер и напиша дека го пофалил косовскиот премиер Албин Курти „за прифаќањето на европскиот предлог за постигнување решителен напредок кон деблокирање на прашањето на ЗСО преку инструменти за самоуправување како рамка за идните преговори“.

Tој pорачува дека косовскиот премиер Албин Курти и српскиот претседател Александар Вучиќ мора да покажат лидерство за спроведување на Основниот договор за нормализација на односите.

– Го поздравувам косовскиот премиер што го прифати предлогот на ЕУ за цврсто напредување кон деблокирачко решение за ЗСО преку инструменти за самоуправување како рамка за претстојните преговори. Ова е навистина важна пресвртница. Лидерите на Косово и Србија треба да покажат лидерство и тесно да соработуваат со нашите западни партнери за навремено спроведување на Основниот договор за нормализација на односите, без никакви дополнителни одложувања, напиша Рама на „Екс“ (поранешен Твитер).

Тој посочува дека „нашиот регион заслужува мир, стабилност и соработка за заедничка, подобра иднина, наместо конфликти, игри на обвинувања и неуспеси кои ни штетат на сите нас“.