Настапот на водечките челници на ДУИ завчера во Чаир повеќе личеше на некаков воен повик отколку на митинг на зелена партија, на кој не се слушна ниту еден збор за зелената агенда, за почист воздух, почисти реки и езера, поздрава животна средина. Но, од друга страна, многу се зборуваше за урагани, кои, набљудувани низ призмата на последиците што ги оставаат зад себе, секогаш резултираат со разурнување и пустош
По митингот на ДУИ во Чаир се отвораат многу прашања
Жестока реторика и говори полни со национален набој можеа да се слушнат од завчерашниот партиски митинг на Демократската унија за интеграција во Чаир, на кој беше јасно порачано дека „Македонија нема иднина доколку оваа партија не биде клучен фактор во власта“?!
Она што беше евидентно од обраќањата на присутните е тоа дека интегративците се гледаат себеси како своевидни спасители на општествените процеси во земјава, почнувајќи од евроинтеграциите до функционирањето на администрацијата, здравството, образованието…
Клучните пораки од настанот ги испрати првиот човек на ДУИ, Али Ахмети, кој најави жестока пресметка со сите оние што ќе се спротивстават на политиките на интегративците.
– Патот кон ЕУ не се запира со пропаганда кон Артан, ние не сме воз, туку незапирлив ураган, и не излегувајте пред него зашто ќе ве однесе – рече Ахмети.
Настапот на водечките челници на ДУИ завчера во Чаир повеќе личеше на некаков воен повик отколку на митинг на зелена партија, на кој не се слушна ниту еден збор за зелената агенда, за почист воздух, почисти реки и езера, поздрава животна средина. Но, од друга страна, многу се зборуваше за урагани, кои, набљудувани низ метеоролошка призма, секогаш зад себе оставаат разурнување и пустош.
Сепак има некаква логика во автоспоредбата на ДУИ со „ураган“
Имајќи го предвид бекграундот на ДУИ, која на политичката сцена стапи откако претходно ги соблече воените униформи на УЧК, во кои сееше разурнување и пустош низ државата, споредбите со ураган во таа насока добиваат некаква смисла.
Клучната дилема пред која сега е исправена македонската јавност е дали првиот човек на ДУИ најавува отворена и жестока пресметка само со неистомислениците во неговата партија или, пак, испраќа јасна порака дека ако биде потребно, ќе употреби и политичко насилство за да ги оствари поставените цели, без оглед кој и да се спротивстави на неговите политики. По ваквиот говор на Ахмети, станува очигледно дека другите албански партии во земјава се само обичен декор на политичката сцена, но она што многу повеќе загрижува е дали Македонија ќе ја претрпи најголемата штета од тој најавен „ураган“.
Политичкиот аналитичар Синиша Пекевски смета дека пораките што сега ги испрати Ахмети можеби се повеќе насочени кон „огнената група во неговата партија“, но, рака на срце, „политичкото насилство од таа групација врз Македонија не е туѓо веќе повеќе од 20 години“.
Пекевски се согласува дека ваквиот настап е дел од фолклорот карактеристичен за самата ДУИ, која, традиционално, со насилство ги остварува целите.
– За време на конфликтот во 2001 година тоа беше военото насилство, по конфликтот, кога ги соблекоа униформите и облекоа костуми, започнаа со политичко насилство, кое ѝ се случува на Македонија повеќе од 20 години. За цело време оттогаш (по конфликтот), тие практикуваат власт и не носат никаква одговорност за владеењето. Ахмети ќе се заканува со урагани и ќе демонстрира сила само поради неспособноста на македонските партии да ја водат државата како што треба – нагласува Пекевски.
Волкот влакното го менува…
Познавачите на политичките состојби во земјава сметаат дека жестоката реторика на Ахмети и најавите за некакви урагани само ја покажуваат вистинската природа на ДУИ како партија што не се воздржува и од насилни методи секогаш кога ќе биде загрозена нејзината позиција на политичката сцена. Во досегашното постоење на македонската политичка сцена, по нејзината трансформација од паравојска во политичка партија, според нашите соговорници, таа демонстрираше класични белези на политички екстремизам што се одликува со „вигилантен однос и заштитнички став спрема својата група членови и истомисленици“. Според познавачите и хроничарите на политичките движења во државава, односот на ДУИ низ годиниве се карактеризира со етноцентризам и претераност во наоѓање непријатели, територијални омеѓувања и видно истакнување нетрпеливост кон другото неалбанско население, непочитување на законската регулатива и агресивност во врска со тоа. Токму политичкиот екстремизам, според соговорниците, најчесто се изразува со преземени активности или акции на „мобилизација на својата група“ заради заштита од заканувачката опасност или присуство на некоја „закана“. Притоа тие, со јасно истакнување на „преминување на границите на општествената толеранција или пак со прекршување дури и на некои законски норми во нивните настапи“, сè почесто настапуваат со некакво оправдување за тоа дека „сакаат да ја зачуваат сигурноста на граѓаните, постојниот вредносен систем“ и, секако, да го зачуваат „статусот на групата што се смета дека е загрозена“. Според познавачите на политичките системи, тоа се класичните белези на практикување т.н. политички екстремизам.
– Не толку одамна ги слушавме изјавите за „чизмите на стариот таван“, за „Кичево како воен плен“, што само говори за демократскиот капацитет на оваа партија. Тие ќе „збришат“ сè што ќе им се најде на патот само да ги остварат сопствените цели, а гледаме дека тоа го прават веќе две децении. Едноставно се недопирливи затоа што некој им го дозволува тоа, така што очигледно Македонија ќе ја погодат уште многу вакви „урагани“, а пустошот веќе го чувствуваат граѓаните, без оглед на нивната етничка припадност – заклучуваат нашите соговорници.