Фото: Архива

По тешките искушенија, светски војни и судири, светот секогаш зборува за „поредок заснован на правила“. Но ако правилата може различно да се толкуваат или ако може толку лесно да се менуваат, само поради стратегиските интереси на големите сили, нема начин да се зборува за поредок. Тоа не само што ќе влијае на моменталната ситуација туку ќе претставува и тежок и долгорочен предизвик за целиот систем на правила во меѓународните односи. Се дојде ли до крајот на „паркот јура“ во меѓународните односи, во кој тромо, ама опстојуваа масивни диносауруси како ООН и ОБСЕ?!

Тежок и долгорочен предизвик за целиот досегашен постоен систем на правила во меѓународните односи

Речиси една година од воената ексалација на руско-украинските „билатерални односи“, во кои активно е вклучена меѓународната заедница со политичка поддршка и помош во вооружување на Украина, во заднината на воените случувања продолжува битката за доминација на светогледите во дефинирањето на „светскиот поредок заснован на правила“. Го има ли, го нема, или се воспоставува нов меѓународен поредок, со нови правила во меѓународните односи и меѓународното право?

Правила во меѓународното право постојат!

Навистина, и сега постојат правила и закони во рамките на меѓународното право до кои би требало да се придржуваат сите субјекти во меѓународните односи. Но големите сили секогаш настојувале да го наметнат како принцип што можеби не е напишан, но се подразбира – дека кога ним не им одговара не се обврзани да се придржуваат до воспоставеното меѓународно право и практика.
Она што засега може да се предвиди од досегашните искуства во историјата на војувањата, светот по тешките искушенија, светски војни и судири, секогаш зборува за „поредок заснован на правила“. Но ако правилата може различно да се толкуваат или ако може толку лесно да се променат само поради стратегиските интереси на големите сили, нема начин да се зборува за поредок. Тоа не само што ќе влијае на моменталната ситуација туку ќе претставува и тежок и долгорочен предизвик за целиот систем на правила во меѓународните односи.
Според филозофот Ферид Мухиќ, предизвикот за создавање „поредок врз основа на правила“ воопшто не е ново искушение за цивилизацијата и за меѓународните односи.
– Колку и да звучи контрадикторно, со војните не се случува промена на принципите и правилата во меѓународните односи, ниту нов светски поредок. Со војните само се потврдува принципот дека најсилните сакаат да воспостават поредок, да ги пишуваат правилата, според кои треба да се адаптираат сите други. Најсилните никогаш не се откажуваат од таа идеја да наметнат поредок во светот според своите правила. Еден светски поредок во суштина е стара идеја (можеби 2.000 години), навидум многу хуманистичка, која тргнува од премисата дека сите луѓе сме еден род. Но во реалноста тоа не може да функционира така. Луѓето во светот не живеат на ист начин, ни сега, ни низ историјата. Начинот на живот на луѓето на различни географски широчини е резултат на различни услови, кои создале различни култури, различни традиции, се темели на различно наследство. Проблемот со идејата за светски поредок е што замислува еден модел, исти правила (секако на најсилниот) за сите луѓе во светот. Тоа е основната идеја и на глобализацијата – намерата да се наметне модел на живот низ целиот свет според принципите на „либералната демократија и пазарната економија“. Притоа, независно од своите култури, кои некои постоеле илјадници години, сите народи и држави низ светот треба да му го подредат својот живот на тој модел. Тој модел на глобализација е спротивен и го исклучува моделот на рамноправни постоење. Постоењето на идејата за нов светски поредок има создадено две во суштина спротивставени филозофии. Едната смета дека различностите треба да се укинат и сите други да живеат како што замислил најсилниот, додека другата е насочена на почитување на различностите, односно да не се доведува во прашање постоењето на другиот. Конечно, можеби моделот на „либералната демократија и пазарна економија“ навистина е најдобар, но очигледно не е секаде применлив и во суштина се сведува на пресадување стари култури во нови саксии – вели филозофот Ферид Мухиќ.

Пресуди не се почитуваат и исполнуваат!

Ида Мантон, советничка за решавање конфликти и меѓународни преговори, согледувајќи ги конкретните слабости во функционирањето на досегашните правила и меѓународни институции, засновани на меѓународното право, смета дека е дојдено време за вклучување нови актери, кои ќе треба да се вклопат во светските структури што досега беа доста европоцентрични.
– Во принцип, правилата што беа договарани досега, беа посакувана цел, што речиси ниедна држава не ги исполнува во целост. Станува збор за степен на (не)почитување. Некои држави се демократски само по номенклатура, а дијалогот држава – граѓанин е само декларативен и се практикува само во контекст на избори. Немаше казни за прекршување дури и на најосновни права и за најгрозоморни криминали. Милошевиќ умре без пресуда. Сега се судат случаи за тероризам од 1985-та. Системот на меѓународни судови е пребавен и не помага во наоѓањето социјален мир. Пресуди не се исполнуваат! Граѓанското општество, медиумите и судството требаше да бидат силни за да обезбедат спроведување на меѓународните стандарди и принципи. Тие потклекнаа и за ситни пари се ујдисаа со власта, која преку нив си го продолжува векот. Ако сите тие се против граѓанинот како индивидуа, јас очекувам во следната фаза да имаме помалку амбициозни сојузи и групации, во кои малкутемина ќе чувствуваат дека им се слуша гласот. Можеби во ваков фрагментиран свет ќе бидеме поподготвени за дијалог и соработка ако не сме преамбициозно неискрени и ветуваме невозможни интеграции. Можеби дојдовме до крајот на „јурасик паркот“ на меѓународните односи, во кој тромо, ама опстојуваа масивни диносауруси како ООН и ОБСЕ. Сега ќе има и нови актери што ќе треба да се вклопат во светските структури што досега беа доста европоцентрични. Тој страв е голем, ама потребата за соработка уште поголема, зашто светот се поврза на многу нивоа и многу поинаку од колонијалните времиња, кога Европа можеше да си дозволи да биде деспот – вели Ида Мантон.