Фото: Архива на „Нова Македонија“

Сликата на граничните премини Клепало (со Бугарија) и Маркова Нога (со Грција) е мошне илустративен приказ на хроничните контроверзии на (добро)соседските односи генерирани од страна на нашите европски (јужен и источен) соседи. Имено, од македонска страна објектите и дел од инфраструктурата на овие два гранични премина се поставени повеќе од две децении, додека од страна на соседите како постојано да се бараат изговори за одложување да се преземат конкретни активности за проектот што е од заеднички интерес, а за кои има поддршка и од институциите на ЕУ. Меѓутоа, нашите јужни и источни „европски“ соседи не сакаат воопшто да мрднат ниту со малиот прст за овие проекти, сѐ додека од македонска страна не се исполнат сите нивни мегаломански барања и амбиции што се на штета на Македонија и македонскиот народ: од симболите, името, историјата, па до јазикот и културата… Еден од начините да дојдат до тоа се изолацијата и исцрпувањето на Македонија преку прекин на прекуграничните сообраќајни и другите линиски комуникации и на тој начин своевидно исклучување на поврзаноста на земјава со регионот, Европа и светот…

За заборавените гранични премини кон Македонија и тромоста на надлежните институции во Грција и во Бугарија

И покрај децениската запоставеност на двата гранични премина на Македонија со соседните Бугарија и Грција, од почетокот на годинава се чини како да има придвижувања барам во институционалниот интерес за нивно активирање. Сликата на граничните премини Клепало (со Бугарија) и Маркова Нога (со Грција) е мошне илустративен приказ на хроничните контроверзии на (добро)соседските односи генерирани од страна на нашите европски (јужен и источен) соседи. Имено, од македонска страна објектите и дел од инфраструктурата на овие два гранични премина се поставени повеќе од две децении, додека од страна на соседите како постојано да се бараат изговори за одложување да се преземат конкретни активности за проектот што е од заеднички интерес, а за кои има поддршка и од институциите на ЕУ.
По неодамна одржаната средба на високи владини претставници на Македонија и на Бугарија токму околу активностите за ставање во функција на граничниот премин Клепало и пројавениот интерес на македонската јавност за овие теми, кои впрочем се и дел од (добро)соседските договори од 2017-та (со Бугарија) и од 2018-та (со Грција), поставивме новинарско прашање до македонското МВР за статусот на активностите што се преземаат во овој контекст.
– Мешаната експертска комисија досега има одржано неколку состаноци во врска со активирањето на граничниот премин Клепало со Република Бугарија и, според записниците од состаноците, страната на Република Македонија е во напредна фаза, бидејќи има добар пристапен пат до граничниот премин. Објектот е во добра состојба и со одлука на Владата ѝ е доделен на Царинската управа, која веќе е во почетна фаза за реконструкција на објектот.
Што се однесува, пак, на граничниот премин Маркова Нога со Република Грција, има два битни момента: едниот е дека постои стар објект на гранична полиција, кој со ИПА-фондови на ЕУ ќе се реновира и надгради, додека со фондови од Европската комисија, Царинската управа веќе има обезбедено и дозвола за градба нов објект, кој се очекува да почне со градежни активности во текот на оваа лето – одговорија од службата за односи со јавност при МВР.

Граничен премин Клепало

Проекциите за отворање на граничниот премин Клепало се поместени на 2029-2030 година.
Овој граничен премин треба да ги поврзе градовите Берово (Македонија) и Струмјани (Бугарија). Дури и бугарските медиуми забележуваат дека проектот е болна тема за Македонија, бидејќи патот и точката до границата од македонска страна се изградени пред речиси 25 години. Иако пред две години македонската страна доби ветување дека точката ќе биде готова во 2023 година. Бугарската влада, пак, само пред една година на седница одлучи да го прогласи за национален објект граничниот премин кон Македонија, Струмјани-Берово, и да го гради патот Струмјани-Микрево-Раздол-Клепало-граница со Македонија. Сега новото ветување од бугарска страна е тоа да се случи до 2030 година. Ова е најголемиот проект за прекугранична соработка што се реализира во тековниот програмски период 2021-2027 година. Инвестицијата изнесува над 11 милиони евра. Корисници на проектот се Регионалната управа во Благоевград и Царинската управа на Република Северна Македонија.
Дека од македонска страна сериозно се преземаат активности по состанокот на владините претставници на Македонија и на Бугарија за граничниот премин Клепало говори објавениот повик на Царинската управа за ангажирање консултант за набавки за поддршка на проектот за реконструирање и отворање на граничниот премин Струмјани-Берово. Од македонска страна тоа се гледа како прв чекор во обидот да се заживее изолираниот малешевски крај, инаку со голем туристички потенцијал.
Консултантот, кој може да добие максимален хонорар од 10.000 евра, треба да биде избран до крајот на мај годинава. Македонската страна ќе добие 3,5 милиони евра од Европската Унија за да го обнови граничниот премин, кој инаку е граден во 90-тите години од минатиот век и сега е запуштен. Патот минува покрај Беровско Езеро, но засега не завршува никаде.
Во повикот на Царинската управа се објаснува дека „очекуваните промени ќе придонесат за зголемување на сообраќајот на луѓе и стоки меѓу двете земји; зајакнување на комуникациските врски меѓу двете земји, поврзувањето со коридорите IV и VIII, што треба да ја подобри регионалната поврзаност и да го поттикне економскиот раст“.
– Главните целни групи што ќе имаат корист од проектот се жителите, посетителите и деловните субјекти во областа. Оваа стратегиска локација има значење бидејќи е подготвена позитивно да влијае врз активностите на локалниот рурален туризам. Исто така, тоа ќе создаде потенцијал за привлекување поголем број туристи во регионот, поттикнувајќи го растот и во Македонија и во Бугарија – се наведува во објавата на Царинската управа.
Според планот, граничниот премин Клепало ќе биде наменет за транспорт на лесни и тешки возила, ќе има и комерцијален дел, а би требало да функционира со полн капацитет како и веќе постојните гранични премини.

Граничен премин Маркова Нога

За разлика од плановите за граничниот премин Клепало со Бугарија, оној премин што е предвидено да се активира со Грција, на граничната линија на Преспанско Езеро, Маркова Нога, нема да биде премин со полн капацитет. Преку овој граничен премин меѓу Македонија и Грција (чии објекти на македонска страна се исто така запуштени, а од грчка страна практично и не постојат) ќе може да поминуваат само патнички автомобили со максимум 10 седишта. На овој граничен премин не е предвидено да се пропуштаат камиони и туристички автобуси. Сепак, во февруари годинава надлежните институции во Грција ги решиле „сите отворени прашања за конечно отворање на овој прекуграничен премин, кој ќе биде финансиран од ЕУ“. Новата траса на патот е веќе договорена, а при изградбата ќе се градат и т.н. зелени премини за фауната од овој регион.
Граничниот премин Маркова Нога беше активен до 1960 година, кога Грција реши да го затвори, со што беше прекината комуникацијата на Македонците од Преспанскиот Регион во двете држави. Долго време македонските власти се обидувале да се договорат со Грција за отворање на овој премин, но без резултат.
Во октомври 2018 година конечно е одлучено преминот повторно да се отвори со финансиска помош од ЕУ – 7,2 милиони евра. Отворањето на уште еден транзит меѓу Македонија и Грција ќе биде и со покровителство на УНДП. Од македонската Царинска управа информираа дека во изминатиот период со средства од буџетот е изработен основен проект, по што во 2023 година е добиена градежна дозвола за изградба на граничниот премин Маркова Нога.
– Со издавањето на градежната дозвола за Маркова Нога, како и обезбедувањето на потребните градежни дозволи за преостанатите проекти што ќе се реализираат во рамките на „ЕУ за Преспа“, се создаваат неопходните услови за потпишување на договорот за имплементација на програмата помеѓу Европската унија и Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП), кој се очекува да биде потпишан во скоро време.
За реализацијата на проектот за изградба на граничниот премин Маркова Нога преку ИПА3 се обезбедени 1,9 милион евра преку инструментот за претпристапна помош на ЕУ – ИПА 3, додека 170 илјади евра за опремување се покриваат со буџетски средства. Во согласност со програмата „ЕУ за Преспа“, изградбата се планира да заврши до крајот на 2025 година – информираат од Царинската управа.

„Премолчена“ тенденција за изолација на Македонија од „европските“ соседи

И покрај децениското игнорирање на иницијативите за активирање на овие дополнителни гранични премини меѓу Македонија и ЕУ-соседите, тие сепак беа вклучени во билатералните договори со Грција и со Бугарија, со кои на земјава требаше да ѝ биде овозможена забрзана евроатлантска и европска интеграција. Шест-седумгодишното постоење на овие договори се покажа главно на штета на интересите на Македонија и максимално беа злоупотребени од соседите за уцени врз земјава во меѓународно интегративните процеси. Граничните премини се можеби една од малкуте позитивни одредби за Македонија во овие соседски договори, но секако и во интерес на меѓусоседската соработка.
Меѓутоа, нашите јужни и источни „европски“ соседи се чини дека не сакаат воопшто да мрднат ниту со малиот прст за овие проекти, сѐ додека од македонска страна не се исполнат сите нивни мегаломански барања и амбиции што се на штета на Македонија и македонскиот народ: од симболите, името, историјата, па до јазикот и културата… Еден од начините да дојдат до тоа е изолацијата на Македонија преку прекин на прекуграничните сообраќајни и другите линиски комуникации, а на тој начин и своевидна изолација на земјава… Па, сета привидна „раздвиженост на интересот“ за отворање на граничните премини Клепало и Маркова Нога и понатаму е повеќе изразена на македонска страна, а останува неизвесно колку е искрена од „европската“, односно од бугарска и грчка страна.