Фото: ЕПА

Италија и понатаму е прва, но по првите четвртфинални мечеви во ЛШ, Англија и Германија се израмнија на табелата на УЕФА. Секој бод освоен од тимовите во сите три европски купа се смета за формирање на оваа ранг-листа, а по завршувањето на сезоната, најдобрите две земји ќе добијат уште по еден клуб во ЛШ

ФУДБАЛ

Италија и понатаму води на ранг-листата на Европската фудбалска унија (УЕФА), но Англија и Германија сега се израмнети во трката за дополнителни места во Лигата на шампионите (ЛШ) за идната сезона. Во реформатираното издание на натпреварувањето во следната сезона (36 тима наместо 32, една лига наместо осум групи) на двете земји со највисок коефициент ќе им биде доделено дополнително место. По првите четвртфинални мечеви во ЛШ, Италија е на првото место со коефициент 17,714, Англија и Германија се израмнети со по 16,5, Франција е четврта со 14,75, Шпанија е петта со 14,562… Секој бод освоен од тимовите во сите три европски купа се смета за формирање на оваа ранг-листа, а по завршувањето на сезоната, најдобрите две земји ќе добијат уште по еден клуб во ЛШ (во случајот на Италија, Англија, Германија и Шпанија, на пример, тоа би биле петтопласираните во домашните првенства).
Од водечките три земји, Италија има четири екипи во европските купови, и тоа Аталанта, Милан и Рома во Лига Европа и Фиорентина во Конференциската лига, од Англија има уште пет клуба, Манчестер сити и Арсенал во Лигата на шампионите, Ливерпул и Вест хем во Лига Европа и Астон вила во Конференциската лига, а по три тима има од Германија (Баерн и Борусија Дортмунд во Лигата на шампионите и Баер во Лига Европа), Шпанија (Реал Мадрид, Барселона и Атлетико Мадрид, сите во ЛШ) и од Франција (Пари сен Жермен во ЛШ, Марсеј во Лига Европа и Лил во Конференциската лига).
По првите мечеви од четврт-финалето на ЛШ беа постигнати 18 гола (Арсенал – Баерн 2-2, Реал Мадрид – Манчестер сити 3-3, Атлетико Мадрид – Борусија Дортмунд 2-1, Пари сен Жермен – Барселона 2-3), а од водечките три земји ниту еден тим не забележа победа. Шпанија освои најмногу бодови, пет, Англија освои два, Германија еден… Реваншите се идната недела. Н.М.


РАНГ-ЛИСТА

ЗЕМЈА КОЕФ.
Италија 17,714
Англија 16,5
Германија 16,5
Шпанија 15,062
Франција 14,750
Извор: УЕФА