Павле Трајанов, претседател на Демократски сојуз / Фото: Демократски сојуз

Пратеникот Павле Трајанов и претседател на Демократскиот сојуз, не се согласува со оценките дека безбедноста во државата е на највисоко ниво, пренесе МИА. Како што изјави вечерва во „Топ тема“ на телевизија „Телма“, оправдана е реакцијата и револтот кај граѓаните, кои, како што рече, не се чувствуваат сигурни и безбедни.

По убиството на 14-годишната Вања Ѓорчевска и на 74-годишниот Панче Жежовски, Трајанов нагласи дека граѓаните не треба да се плашат, но треба да бидат претпазливи.

Tој апелираше до Владата, до државните институциии, се она што се пројавува како криминал, насилство, заплашување, рекет, нарко-бизнис, да дејствуваат, нагласи, без каков било страв. Според него, не смее политиката да се вмеша во работата на овие стручни институции и оперативци кои работат. Верувам, рече тој, дека таму има високо-стручни професионалнци, да не ги блокираат во извршувањето на нивните задачи.

– Треба метла, кадровско прочистување на сите државни институции, да не останат партиски неспособни кадри да работат на високи позиции. Затоа слаба администрација, слаби институции, лоша безбедност – заклучи Трајанов.

Професорот д-р Злате Димовски, криминалист, порача дека е потребно да се работи континуирано на идентификување на сите ризици и закани кои постојат од бебедносен аспект.

– Да градиме систем, едно општество кое ќе ги награди или евентуално ќе ги издигне на повисоко ниво професионалците, оние кои знаат да си ја работат работата. Се она друго што не вреди постепено треба да се истисне од институциите, да излезе надвор, затоа што таа неспремност, неподготвеност, неадекватност со профилот што треба да го има, навистина треба да се исфрли. Затоа што дојдовме до ниво кога довербата во институциите на системот е на најниско можно ниво – рече меѓу другото Димовски.

Според него, ако сега направите анкета евентуално за довербата во безбедносниот систем, ќе видите, подвлече, дека нема да биде ништо подобро од она што е за правосудниот систем.