Големиот македонски празник одбележан со низа свечености
Со низа свечености во Крушево на 2 август се одржа чествувањето на 121 година од Илинденското востание и Крушевската Република. Делегации ги посетија спомен-куќата на Смилевскиот конгрес и споменикот на Дамјан Груев, а попладнето во центарот на Крушево, пред црквата „Свети Никола“, со благослови од крушевчани беа пречекани коњаниците. Годинава по врвиците на востаниците во илинденско Крушево пристигнаа повеќе од 150 коњаници од целата држава.
Со читање на Крушевскиот манифест, подигање на бајракот на Крушевската Република и со симболично испукување на црешовото топче беше отворена и манифестацијата „10 дена Крушевска Република“. Крушевскиот градоначалник и претседател на манифестацијата, Томе Христоски, нагласи дека Илинден е голем светилник што го покажува правецот кон сигурната иднина, потенцирајќи и дека заедничкото живеење на сите националности во илинденско Крушево е пример за целокупното живеење во Македонија.
Големиот македонски празник Илинден по повод 121 година од Илинденското востание и Крушевската Република и 80 години од Првото заседание на АСНОМ беше одбележан со повеќе пригодни свечености низ земјава под слоганот „Борбата трае“.