Изложбата „Македонија во светот на хералдиката“ одржана во Македониумот во Крушево
Во рамките на одбележувањето на големиот македонски празник Илинден, на 3 август во состав на официјалната програма „Десет дена Крушевска Република“, во Македониумот во Крушево се одржа изложба на хералдички грбови насловена „Македонија во светот на хералдиката“. Публицистот Ставре Џиков, кој е еден од главните иницијатори, а наедно и промотор на изложбата, рече дека идејата била преку оваа активност да се поттикне културната свест на македонскиот народ.
– Секој народ, секој човек, оние што си ги знаат историјата и потеклото, имаат химна, грб и знаме – нагласи Џиков.
Автори на изложбата се потпретседателот Иван Нацевски и претседателот д-р Јован Јоновски на Македонското грбословно друштво, а ликовното уредување е на Димитриј Михајлоски од истото друштво, кое е единственото стручно тело по хералдика во Македонија. Покрај изложбата, на настанот имаше и уметничка програма, а обраќања имаа и градоначалникот на Крушево, Томе Христоски, како и Кочо Топузоски и Никола Јованоски.
– Изложбата беше посетена од повеќе стотини македонски граѓани, кои се воодушевија од изложбените панели- велат организаторите.
Изложбата на 35 панели се состоеше од два дела. Првиот дел се однесуваше на историските грбови поврзани со Македонија од 14 до 18 век. Овој дел беше поделен на три сегмента, односно грбовите на Македонија од европските и илирските грбовници, грбовите на кралот на Античка Македонија, припишаниот на Александар Трети Македонски и на митскиот предок Македон од Ематија. Во вториот дел акцентот беше ставен врз современите грбови во Македонија, поделен во три сегменти: грбови на институции и организации, општински грбови и лични грбови.
Ставре Џиков, еден од главните иницијатори, а наедно и промотор на изложбата, вели дека изложбата е континуитет на проектот „Македонија во светот на хералдиката“, а во рамките на одбележувањето на Илинден со изложбата се потврди и нагласи симболиката на грбовите со Илинденското востание. Имено илинденските востанички чети имале знамиња на кои биле претставени грбови, најчесто лавот, како знамето на струшката востаничка чета.
– Лавот не случајно е претставен, тој е симбол на гордост и паметење- рече Џиков.
Тој исто така укажа дека му се исполнила желбата да се одржи изложбата токму во Македониумот, симбол на непокорноста, борбата и вечниот стремеж на македонскиот народ за слобода и самостојна држава.
Пред присутните предавање за хералдиката одржа д-р Јован Јоновски, претседател на Македонското грбословно друштво, посочувајќи дека на 10 јуни 1128 година во Руан (денешна Франција), англискиот крал Хенри Први го прогласил за витез својот иден зет Годфри Плантагенет. По тој повод му бил доделен грб, на син штит, шест златни лава 3-2-1, што се смета за прв рекорд за доделување грб во историјата. Д.Ст.