Фото: Маја Јаневска-Илиева

За автопатот Кичево – Охрид, кој во 2014 година беше најавен како најголемиот инфраструктурен проект во изминатите 50 години во Македонија и кој требаше да заврши за четири години, дури и сега, осум години потоа, од она што може да се види на теренот, тешко е реално да се процени кога би можел целосно да биде ставен во функција. Состојбите од нашиот увид на терен не се премногу ветувачки, иако последниот зададен рок за завршување на автопатот е до крајот на 2023 година

ВО ОБИКОЛКА НА НАЈГОЛЕМАТА ИНФРАСТРУКТУРНА ИНВЕСТИЦИЈА ВО ИЗМИНАТИВЕ 50 ГОДИНИ

Изградбата на Кинескиот ѕид, кој со најпримитивните средства и техники за тоа време се градел со векови, како да стана парадигма за реализацијата на автопатот Кичево – Охрид, кој во 2014 година беше најавен како најголемиот инфраструктурен проект во изминатите 50 години во Македонија и кој требаше да заврши за четири години, но дури и сега, осум години потоа, од она што може да се види на теренот, тешко е реално да се процени кога тој би можел целосно да биде ставен во функција. Настрана сфаќањата дека ова би можело да биде алузијата на тоа што главен изведувач на овој проект е кинеската компанија „Сајнохидро корпорејшн лимитед“, но тие што ги следат статистиките на сообраќајните несреќи имаат уште еден аргумент за парадигмата, сите изгубени животи на неколкуте црни точки на старата магистрала помеѓу Кичево и Охрид во периодот додека, од разни, разбирливи и неразбирливи причини, се одолжува со изградбата на автопатот.

Имено, ако се следат вестите за сообраќајните несреќи низ Македонија, може да се види дека тие на постојниот пат помеѓу двата града навистина се чести, а сообраќајните експерти повеќепати досега го објаснуваа тоа со постоењето на неколкуте црни точки. Легендата, пак, вели дека во Кинескиот ѕид биле вградувани и коски на работниците што починале во текот на неговата изградба.
За да нема недоразбирања, во овдешниот случај, никој досега не ги обвини Кинезите. Напротив, веќе беа изнесени некои мислења, според кои, работите многу побргу ќе врвеа доколку на Кинезите им бил препуштен и проектниот дел од работата.
Но да им оставиме на власта и на опозицијата да се занимаваат со тоа во рамките на своите дневнополитички расправии и да видиме што се случува на теренот, сега на почетокот на летната туристичка сезона, во 2022 година.

Откога по еден и пол час возење од Скопје, преку превојот Стража, без јадење мекици, ќе се стигне до Кичево, може да се види дека на планината Крушино работи еден багер што ја расчистува сѐ уште недооформената траса што понатаму треба да биде поврзана со мостовите што делумно веќе се направени. Иако на одредени места од Кичево кон Охрид мостовите на огромните бетонски столбови изгледаат навистина импресивно, треба да се знае дека тие сѐ уште не се поврзани со трасата помеѓу нив, а некои од нив не се ниту доградени. Ниту двете цевки од тунелот не изгледаат како да се во некоја од фазите што би можеле да се претстават како завршни, што, впрочем, важи и за сите точки од огромното градилиште до кои можеше да се пристапи. Што се однесува до динамиката на активностите за изградбата на патот, која кај Кичево беше навистина тешко воочлива, а се зголемуваше со доближување кон Охрид, попатно и за тоа добивме објаснување. Случајно или не, министерот за транспорт и врски Благој Бочварски и директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Ејуп Рустеми, дента ќе извршеле увид во градежните активности на Поделницата 5, кај населеното место Горенци, пред влезот во Охрид.

– Долго време речиси ништо не се работи. Ако продолжат со оваа темпо, не знам кога ќе заврши. Како да го градат Кинескиот ѕид – го објасни присуството на луѓето и на механизацијата на градилиштето еден од возачите со кои разговаравме на едно од попатните одморишта, кој рече дека веќе со години секојдневно вози на релацијата Кичево – Охрид.
А дека освен тоа има и други проблеми, сведочат и неколкуте „островца“ со сѐ уште недислоцирани бандери по должината на трасата, разни градби, кои очигледно треба да бидат тргнати, а уште повеќе и дел од луѓето, чии куќи се наоѓаат во непосредна близина на трасата.

– Ни влегоа во дворот и, без никаков договор, зафатија околу 180 квадратни метри. Сѐ уште ништо не ни платија, а не можеме да тужиме зашто и нам земјата уште ни е неподелена, се води на татко ни. Кога се побунивме, еден од нивните шефови ни рече оти може да им ја запреме работата, но тогаш тие нас ќе нѐ тужеле, за штети поради застој на работата. Видете како ни е нам, пет години голтаме прашина и слушаме бучава, а и цевките од канализација еднаш ни ги пресекоа… – револтирано раскажува Љубе Јосифовски од Подмоље, чиј двор изгледа како покрај него да поминала некаква катаклизма.

Уште поголем револт е присутен кај оние што живеат на ридестиот терен, каде што поради пробивањето на трасата често мора да се вршат минирања.
Поради сето тоа, околината на целата траса изгледа навистина девастирано, по што останува само надеж дека некогаш, кога ќе биде завршен патот, тоа ќе биде ревитализирано, што тешко може да се каже и за нервите на луѓето што живеат таму.
А одредена доза револт манифестираше и министерот Бочварски, кој покрај триесетина метри пат со тукушто ставена асфалтна подлога и раздвижена механизација, кај Горенци, даваше изјава.

– Автопатската делница од Кичево до Охрид е врвен приоритет и не прифаќам никакво пролонгирање, нема повеќе калкулации и рокот мора да биде испочитуван – потенцира тој, наведувајќи дека моментно на терен работат повеќе од 700 работници, со над 280 градежни машини, а вкупниот прогрес на автопатот изнесува 70 проценти.
Инаку, последниот зададен рок за завршување на автопатот е до крајот на 2023 година.
Во меѓувреме, како што реферира директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Рустеми, 95 проценти од 57-километарската траса се пробиени. Истиот прогрес, според него, е направен и на тунелот. Многубројните вијадукти на неколку клучки, паралелно со алтернативните и пристапните патишта со вкупна должина од 30 километри, се во различни фази на изградба.

 

Досега веќе се пуштени во употреба по една страна две делници во должина од по околу десетина километри пред Охрид, а тие што планираат летово да патуваат во најголемиот македонски туристички центар треба да знаат и дека, барем според најавата на министерот, токму во тој период, таму интензивно ќе се гради.
За потсетување, оваа автопатска делница е дел од меѓународниот Коридор осум, со кој се предвидени и делниците Тетово – Гостивар – Букојчани и Требеништа – Струга – Ќафасан, со кој Македонија треба да се поврзе со Албанија.

Нејзината изградба започната во 2014 година, првично требаше да заврши во 2018 година, по што рокот беше поместен за јуни 2021 година, а потоа и до крајот на 2023 година. Проектот прво требаше да чини 378 милиони евра, но, во меѓувреме, сумата беше зголемена на 598 милиони евра.

Иако проектот трпи огромен притисок од кризата и зголемувањето на цените, како што наведе министерот, до крајот на летото десната страна на патот од Требениште кон Охрид би требало да биде пуштена за сообраќај, а левата до крајот на годината. А потоа, според она што можеше да се види на теренот, веројатно, ќе се поставуваат нови рокови. И ќе изминуваат уште години.

Д.М.М.

Фотографии: Маја Јаневска-Илиева