Фото: Маја Јаневска-Илиева

Ситуацијата со недостигот од учебници во основното образование во Македонија, која продолжува и во второто полугодие од оваа учебна година, сериозно отсликува една состојба на континуирани слабости со кои се соочува македонскиот образовен систем. Понекогаш ситуациите се дури и контроверзни, па, така, министерот за образование Јетон Шаќири во ист ден објави дека може да се случи оваа учебна година да заврши без учебници по некои предмети во одредени одделенија, но и да потпише два договора со шефот на мисијата на ОБСЕ, за подобрување на интегрираното образование за ученици од различни заедници во земјата. Овие две контрадикторни ситуации ги отсликуваат отсуството на систем и црната дупка во која е вовлечено функционирањето на образованието во Македонија

Образовни дилеми

Кругот на проблемите во општеството се отвора и затвора во истата точка – образованието. Грешките во образовниот систем направени со една генерација, се враќаат на крајот од кругот, кога таа генерација треба да биде движечката сила на развојот на општеството и државата. Со направените пропусти во образовниот систем денес, голема е предвидливоста за искривена рефлексија врз општествените вредности и стандарди во иднина.

Учебниците отсликуваат состојба на континуирани слабости со кои се соочува македонскиот образовен систем

Ситуацијата со недостигот од учебници во основното образование во Македонија, која продолжува и во второто полугодие од оваа учебна година, сериозно отсликува една состојба на континуирани слабости со кои се соочува македонскиот образовен систем. Понекогаш ситуациите се дури и контроверзни, па, така, министерот за образование Јетон Шаќири во ист ден објави дека може да се случи оваа учебна година да заврши без учебници по некои предмети во одредени одделенија, но и да потпише два договора со шефот на мисијата на ОБСЕ, за подобрување на интегрираното образование за ученици од различни заедници во земјата .
Сепак, во тој ист ден, првиот човек на Министерството за образование настојуваше да звучи уверливо дека до крајот на учебната година ќе стигнат учебниците. Кажа дека сите учебници за второ одделение биле дистрибуирани, освен за предметите Математика и Општество, кои биле во процес на доставување во сите училишта.
За петто одделение проблемот бил со учебникот по Македонски јазик, за кој на двата огласа од Националната комисија за учебници и Педагошката служба не бил пријавен ниту еден автор, па била формирана група на автори што допрва треба да работи на учебникот. Но веќе од 1 септември, т.е. за наредната учебна година, Шаќири вели дека ќе има учебници за сите ученици… За идната учебна година, во согласност со концепцијата, нови наставни програми треба да има и за трето и шесто одделение.
Освен тоа, и понатаму останува актуелна ситуацијата со грешките во објавените учебници. За нив, според ресорниот министер, се предвидени казни, за авторите, рецензентите и Бирото за развој на образованието. Отворена е и мејл-адреса за пријавување грешки во учебниците. Досега се примени две забелешки за два учебника. Едната забелешка е за употребата на кратенката ДУИ, како пример во учебникот по предметот Албански јазик за петто одделение. Направена е исправка во електронската форма на учебникот, но не и во печатената. Втората забелешка е за учебникот по Историја и општество за петто одделение, во кој беа увидени неточни податоци. Забелешките што стигнале до МОН биле доставени до авторите, бил објавен повик за рецензенти на кој не се пријавил никој.

Меѓународната заедница бара интегрирано образование за учениците да се инкорпорира во новиот образовен систем

Наспроти овие базични недостатоци во образовниот систем, како недостиг од учебни помагала за совладување на неопходните знаења што треба да ги стекнат учениците во текот на нивното образование се претставува сликата за успешна соработка на меѓународни образовни проекти. Шефот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, Килијан Вал, и министерот за образование и наука Јетон Шаќири потпишаа два договора за подобрување на интегрираното образование за ученици од различни заедници во земјата. Според амбасадорот на ОБСЕ, Вал, нивните заеднички проекти со Министерството обезбедуваат единствена можност за учениците што учат на различни јазици да работат заедно, подобрувајќи ја социјалната кохезија во Македонија.
Активностите во договорите-меморандуми за разбирање се очекува да вклучат грантови за училиштата низ земјата за наставни часови заеднички спроведени помеѓу партнерски училишта што користат различни наставни јазици, како и продолжување на поддршката на Мисијата за двојазични часови за средношколци во Скопје, што исто така е дел од иницијативата на Град Скопје во одредени училишта.
Потпишаните договори се базираат на програми што Мисијата ги поддржува речиси една деценија за помош на Македонија во зајакнувањето на социјалната кохезија и интегрираното образование. Првата е пилот-програмата иницирана од Град Скопје во 2018 година за двојазична настава за средношколци. Втората е проектот „Градиме нови мостови“, кој првично обезбедуваше грантови за заеднички воннаставни активности за ученици на различни јазици, а сега ќе обезбедува грантови за училиштата за заедничка настава за ученици на различни јазици. Овие програми веќе им помогнаа на повеќе од 35.000 ученици и наставници од различни заедници во Македонија.

Неопходни се силни и нови темели за образовен систем доколку ги сакаме македонското општество и народ

Овие две гореспоменати контрадикторни ситуации поврзани со образованието, во кои во ист ден беше инволвиран министерот за образование, ги отсликуваат отсуството на систем и црната дупка во која е вовлечено функционирањето на образовниот систем во Македонија.
– Образовниот систем во Македонија личи на запуштена зграда, на која ѝ се загрозени темелите, а оние што се одговорни се преокупирани како да ја разубават фасадата. Она што функционира во образованието како да се случува по инерција, а она што загрижува е што не се препознаваат идеја и капацитет од стручни лица што можат да понесат процеси за негов развој и подобрување на квалитетот. Проблемот со недостигот од учебници во оваа учебна година не е некаков исклучок што се случува првпат. Тоа што не се успеало да се направат учебници од општествените науки, во актуелниов случај е одраз на моментот во македонското општество на отсуство на храброст да се даде поинаква научна рамка која на децата-учениците би им ги објаснила состојбите и процесите што се случуваат во државата, со формулации прифатливи за таа возраст. Во овој миг е сериозен предизвик да се креираат содржини за учебник што ќе им укаже на некои состојби во Македонија, да ги учи за нешто што ќе го препознаат. Многу е намален стручниот капацитет и оној за организација за подготовка на квалитетни учебници. Кога ќе се затвори кругот на неквалитетно образование, доаѓа до деградација на општеството. Мора да се најдат начини да се ангажираат квалитетните капацитети што ќе ги придвижат процесите на консолидација на образованието, да се избегне затворањето на тој круг на неодговорност што ги загрозува вредностите пресудни за развој на едно општество и народ – вели универзитетскиот професор, социологот Илија Ацески.