Софтверот „Делта“ беше развиен за да помогне во собирањето и ширењето на информациите за непријателските движења

„Гардијан“: Украинските програмери развиваат софтвер за да добијат предност на бојното поле

Во неугледен деловен објект на периферијата на Запорожје, украинските војници го усовршуваат она што тие сметаа дека ќе биде одлучувачко оружје во нивните напори да ја одбијат руската армија. Внатре, оружјето се гледа на десетина компјутерски екрани што даваат постојано ажуриран приказ на бојното поле на југот од земјата. Со еден клик на менито, на мапата се прикажуваат портокалови дијаманти, кои ги означуваат руските распоредувања. Тие откриваат каде се скриени тенковите и артилеријата, а други детали за локацијата на единиците и на војниците се добиваат од социјалните мрежи. Изборот на друга опција од менито ги прикажува црвените стрелки низ јужниот регион Запорожје, покажувајќи го напредувањето на руските сили. Зумирањето покажува сателитски снимки на теренот со остри детали. Вака ја започнува својата репортажа британскиот весник „Гардијан“, посветена на украинските програмери.
Овој софтвер се нарекува „Делта“ и е развиен од украински програмери за да им дадат предност на своите вооружени сили во натпреварот за тоа која страна може појасно да го види бојното поле и со тоа да ги предвиди движењата на непријателските сили и да изврши побрз и попрецизен напад.
Иако многу сцени од војната во Украина изгледаат како враќање назад кон Првата светска војна, со калливи ровови и уништени пејзажи, конфликтот е исто така полигон за тестирање на иднината на војувањето, каде што информациите и нивното ширење во инстантно употреблива форма до војниците ќе бидат критични за победа или пораз. Виталиј, компјутерски експерт во центарот за иновации и развој на одбранбени технологии на Министерството за одбрана, рече дека Украина има природна предност, бидејќи има помлада, помалку хиерархиска политичка култура.

Како функционира „Делта“?

Во објектот во Запорожје се наоѓа еден од шесте „центри за подигање на ситуациската свест“ што вооружените сили на Украина ги поставија на различни фронтови. Отворањето на седмиот е во тек во Донбас. Софтверот „Делта“ е управуван од центарот за иновации, чиј персонал е привлечен во голема мера од волонтерска организација на оператори и програмери на дронови наречена „Воздушно извидување“. „Делта“ првпат им беше претставена на земјите-членки на НАТО на крајот на октомври, развиена од програмерите на „Воздушно извидување“ во 2015 година, и беше распоредена во текот на изминатите четири години, време за кое голем дел од организацијата беше вклучен во центарот за иновации.
Во еден дел од објектот во Запорожје се наоѓа одделот за разузнавање со отворен код (Осинт), каде што половина дузина млади мажи прелистуваат долги листи на објави на социјалните мрежи од руски регрути, извлекувајќи информации за датумот и локацијата од нив и ги внесуваат резултатите во „Делта“. Еден екран покажа неколку војници од Дагестан како вежбаат боречки вештини. Сликата и разузнавањето добиени за нивната единица, нејзините способности и наредбите ќе бидат достапни за неколку минути со еден клик на мапата на „Делта“ во близината на Мелитопол, град што е под контрола на Русија, а се наоѓа 130 километри на југ и станува една од новите главни точки на јужниот фронт.
Другите главни канали на информации што се влеваат во „Делта“ доаѓаат од сателитски снимки обезбедени од партнерите на НАТО, кои ја дадоа основата за картата на бојното поле. Така, снимки од дронови се прикачуваат секојдневно, како и фотографии и информации обезбедени од мрежа на доушници зад руските линии. Сите тие информации се вградени во слоеви на картата на бојното поле на „Делта“, која се одржува во живо и е достапна за нејзините воени корисници преку сателитските комуникации на „Старлинк“. Секој ден, секој центар за следење на состојбата прави преглед на најновите случувања во својот сектор, а во 18 часот има брифинг во живо на кој се сумираат и дискутираат заклучоците.