За да се оцрни Македонија како држава, нација и општество, но и да се поттикне омраза во бугарското општество кон македонската држава и македонскиот народ, се фабрикуваат одредени настани од минатото, како што е т.н. македонска крвава Коледа, или се објавуваат фотографии на македонски граѓани што биле наводно тормозени од македонските институции поради нивната бугарска национална свест, како што беше последната фотографија што произлезе од пропагандната „лабораторија“ на ВМРО-БНД
Време е да стивне антимакедонската кампања во Бугарија
Од создавањето на современата македонска држава во 1991 година до денес, во Република Бугарија се спроведува антимакедонска кампања во медиумите, како и во интернет-просторот и социјалните мрежи. Овие антимакедонски активности се одликуваат со фабрикувани наративи, чија цел е да ги претстават припадниците на бугарската заедница во Македонија како жртви на тортура поради нивната бугарска национална свест. За да се оцрни Македонија како држава, нација и општество, но и да се поттикне омраза во бугарското општество кон македонската држава и македонскиот народ, се фабрикуваат одредени настани од минатото, како што е т.н. македонска крвава Коледа, или се објавуваат фотографии на македонски граѓани што наводно било тормозени од македонските институции поради нивната бугарска национална свест, како што беше случај со последната фотографија што произлезе од пропагандната „лабораторија“ на ВМРО-БНД. Според добро упатени во оваа проблематика, македонските институции треба официјално да побараат од Република Бугарија прекратување на антимакедонската кампања во бугарското општество, затоа што овие активности ги нарушуваат добрососедските односи и предизвикуваат омраза, но и се спротивни од Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Македонија и Бугарија, договор во кој јасно се наведува дека „ниту една од договорните страни нема да презема, поттикнува и поддржува дејства насочени против другата земја, кои имаат непријателски карактер“.
Фабрикуван историски наратив
За да се оцрни Македонија како држава, нација и општество, но и да се поттикне омраза во бугарското општество кон македонската држава и македонскиот народ, се фабрикуваат одредени настани од минатото, како што е т.н. македонска крвава Коледа. Настанот од македонската историја што е познат како Бунт на Скопско Кале, од 7 јануари 1945 година, се злоупотребува во антимакедонска кампања од одделни бугарски центри. Според овој лажен наратив, во текот на т.н. македонска крвава Коледа биле убиени илјадници Бугари од страна на македонските власти, или наративот за стотиците илјади затворени Бугари во Идризов или Голи Оток.
Дека станува збор за фабрикуван наратив, наратив што е насочен против македонската држава, потврдуваат повеќе документи и сведоштва. Според историските извори, но и сведоштвата на преживеаните учесници на настаните, на Скопско Кале немало убиено ниту едно лице. Убиства се случиле деновите потоа, кога биле убивани соработниците на фашистичкиот бугарски окупатор и припадниците на бугарските контрачети. Постои сомнеж дека меѓу убиените имало и Македонци што сакале воените дејства да се префрлат кон Солун, а не кон Сремскиот фронт.
За оваа проблематика од ОМО Илинден-Пирин нагласуваат дека на бугарската пропаганда очајно ѝ требаше една гигантска лага, која по големина ќе ги „надмине“ партизанските борби за ослободување на Македонија, создавањето на Југославија, па дури и самата Втора светска војна.
– Сепак, нема таков настан. Не се точни ниту лудите измислици за стотиците илјади затворени во Идризово и Голи Оток, бидејќи лесно се побиваат дури и со проверка на капацитетот на овие затвори, а оваа измислица е насочена и кон наводните цивилни жртви. Од познатите измислици, околу 900 затворени во скопската тврдина и стрелани на скопскиот плоштад, секој разумен човек ќе се згрози, замислувајќи ги купиштата трупови. Но фалсификаторите не знаеле дека истиот ден на истиот плоштад се одржува Вториот конгрес на Народноослободителниот сојуз на младите на Македонија (НОМСМ). На него присуствуваа 1.000 делегати од трите дела на Македонија, од кои 25 лица од Егејска Македонија и сто од Пирин. Гости беа воени делегати од САД, Велика Британија и СССР. И никој од нив не видел пукање, ниту слушнал дека стотици биле затворени на само неколку метри. Зачуваните судски документи и микрофилмови од настаните се категорични дека нема такво нешто – нагласуваат од ОМО Илинден-Пирин.
Новиот фабрикуван наратив со злоупотребени сегашни настани
Покрај лажниот историски наратив, антимакедонската кампања во Бугарија злоупотребува и одредени настани од сегашноста. Тука може да се споменат и одредени фотографии на македонски граѓани што биле наводно тормозени од македонските институции поради нивната бугарска национална свест.
– Совршен пример е последната фотографија што произлезе од пропагандната „лабораторија“ на ВМРО-БНД, на која можеше да се забележат неколку македонски граѓани, вклучувајќи го и Христијан Пендиков, фотографија што треба да симболизира жртви на македонската држава – велат нашите соговорници.
Според добро упатени во оваа проблематика, споменатата фотографија е направена од подмладокот на ВМРО-БНД, кои секоја година присуствуваа на контроверзни настани во Скопје, Охрид и Битола. На спомената фотографија ѝ претходеше фотографија објавена на социјалните мрежи на која може да се забележи припадник на ВМРО-БНД како стрела со автоматска пушка АК-47 (калашников), а како дополнување на фотографијата можеше да се прочита и контроверзна објава.
– Бесмртното дело на Мара Бунева сè уште одекнува над Вардар, во срцата на другите признаени Бугари и во кошмарите на југоносталгичарите, како цевките на нашето оружје денес. Уште една година со положување цвеќе и пукање од страна на ВМРО во Софија ги прославивме херојскиот подвиг и саможртвата на Мара Бунева, која на 26-годишна возраст ја изврши смртната казна на српскиот сатрап, искупувајќи се за верските подвиг и саможртва на Мара Бунева. тортурите што им ги вршеше на моите колеги студенти затоа што ја сакам мојата татковина – пишува во објавата на социјалните мрежи, како дополнување на спомената фотографија.
Истата личност, која потекнува од подмладокот на ВМРО-БНД, ја објави и фотографијата на која може да се забележат неколку македонски граѓани, вклучувајќи го и Христијан Пендиков, како држат хартиени нишани во рацете, со што се симболизира дека тие се цел на македонските институции. Според добро упатени, ова е класичен пример за антимакедонската кампања, кога одредени поединци од Република Македонија се злоупотребуваат како жртви поради нивната бугарска национална свест.
– Дека станува збор за лажен наратив потврдуваат и исказите од охридскиот основен суд дека Христијан Пендиков не бил нападнат зашто се чувствува како Бугарин – велат нашите соговорници.
Според добро упатени, македонските институции треба официјално да побараат од Република Бугарија прекратување на антимакедонската кампања во бугарското општество, затоа што овие активности ги нарушуваат добрососедските односи и предизвикуваат омраза, но и се спротивни од Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Република Македонија и Република Бугарија, договор во кој јасно се наведува дека „ниту една од договорните страни нема да презема, поттикнува и поддржува дејства насочени против другата земја, кои имаат непријателски карактер“. Д.Ст.