Владиниот план за државата со европска и прогресивна ориентација бил тема на денешната средба меѓу претседателот на Алтернатива, Африм Гаши и потпретседателката на таа партија Сафије Садики-Шаини со претседателот на СДСМ и мандатар за состав на нова влада Димитар Ковачевски, за која Гаши информираше преку Фејсбук.
– Честитајќи му ја на Ковачевски новата функција, меѓу другото, разговаравме за иднината на државата и за владиниот план за држава со европска и прогресивна ориентација – напиша Гаши.
Тој додава и дека неговата партија ќе се заложи за унапредување на европската и прогресивна ориентација на државата, како дел од европското семејство.
Алтернатива минатиот месец постигна договор за влез во Владата, со што владејачкото мнозинство сега брои 64 пратеници. Ковачевски треба по празниците да го формира новиот владин кабинет откако го доби мандатот од претседателот Стево Пендаровски кон крајот на минатата година.