Фото: Игор Бансколиев

Одамна е создадена зајакната државна потреба, односно зајакнат државен референтен интерес од проектирање и остварување кривичноправна заштита на македонскиот национален идентитет, како и на неговите елементи поединечно. Со оваа заштита е потребно нормативно и практично да се остварат следниве категории на заштитно насочени смисли: смисла на превентивност, смисла на организираност, смисла на (правно, морално и логички фундирана) заснованост, смисла на целесообразност, смисла на функционалност и смисла на вредност. Апсолутно е недопустливо безбедносно-загрозувачките (не)насилни дејства од позиции на бугарски или друг вид етнички и/или идеолошки мотивиран политички екстремизам што се насочени кон повреда или загрозување на битието и основните белези на македонското општество и држава да развијат одредена повисока безбедносно-загрозувачка и погубна фаза на својата реализација!

Фељтон: За остварувањето на кривичноправната заштита на македонскиот национален идентитет

 

Концептуализирано од национално-безбедносен, безбедносно-превентивен, но и од безбедносно-филозофски аспект и конкретно од кривичноправен аспект, одамна е создадена зајакната државна и социетална потреба, односно зајакнат државен референтен интерес од проектирање и остварување кривичноправна заштита на македонскиот национален идентитет, како и на неговите елементи поединечно. Оваа заштита, меѓу другото, потребно е нормативно и практично да ги оствари најмалку следниве категории на безбедносно-стимулирачки, односно заштитно насочени, меѓусебно зависни и каузално поврзани смисли: смисла на превентивност, смисла на организираност, смисла на (правно, морално и логички фундирана) заснованост, смисла на целесообразност, смисла на функционалност и смисла на вредност. Наведената категоризација и систематизација на смислите на наведената кривичноправна заштита ќе се остварат само ако се спроведе кривичноправна интервенција во една поранешна фаза, односно во фазата на (веќе отпочнатото!) подготвување и конкретно реализирање повреди или загрозувања на елементите на македонскиот национален идентитет, бидејќи илузорен ќе биде каков и да е облик на кривичноправна заштита, ако се допушти безбедносно-загрозувачките (не)насилни дејства од позиции на бугарски или друг вид етнички и/или идеолошки мотивиран политички екстремизам што се насочени кон повреда или загрозување на битието и основните белези на македонското општество и држава да развијат одредена повисока безбедносно-загрозувачка и погубна фаза на својата реализација

Не навлегувајќи во областа на меѓународно и на национално ниво потврдената – квантитативно и квалитативно богатата (не)институционализирана македонска историографија, како и во областа на други (не)официјални, (не)афирмативни и (не)загрозувачки (по [елементите] на македонскиот национален идентитет) историографии, како и во теориите за етногенезата на македонскиот народ (од дамнина, преку македонската медиевистика и егзистирањето на Македонската Република во рамките на поранешната Социјалистичка Федеративна Република Југославија, па до историски тековното нејзино егзистирање како суверена, независна и самостојна држава – Република Македонија), односно, објективно застапувајќи го историски потврдениот и социолошки факт, според кој, македонската нација, македонскиот јазик и другите белези на македонскиот национален идентитет и на македонската држава постоеле, актуелно постојат и ќе постојат, ќе се обидам една моја стара идеја да ја развијам во отворање дебата и расправа за државната и социетална (безбедносно-заштитно ориентирана!) потреба од проектирање и остварување кривичноправна заштита на (елементите на) македонскиот национален идентитет како државен референтен интерес, со што ќе се воспостави и оптимална севкупност на кривичноправна заштита на македонското општество и држава.
Имено, од поодамна е создадена државната и социетална потреба од означување определени дејства во облик на повреда или загрозување на (елементите на) македонскиот национален идентитет за криминални – односно, нивно означување и класифицирање како кривично дело/кривични дела, бидејќи со оглед на степенот на нивната општествена, и антиципативно претпоставено – веројатно, трајна и континуирана опасност, се создава и државната потреба од нивна (примарна, секундарна и терцијална) превенција и сузбивање со претходно предвидени и нормирани кривичноправни санкции, кои ќе бидат комплементарни на веќе востановениот систем на казни. Значи, потребно е внесување посебна инкриминација или повеќе инкриминации, кои ќе бидат јасно и прецизно определени, со поставување цврсти и јасни описи на законските битија на кривични дела и кои, според своите суштински обележја, особено според посебната општествена (веројатно, трајна и континуирана) опасност како материјално обележје на споменатите инкриминации, потребно е да бидат разграничени од репертоарот на другите кривични дела и нивните специјални облици предвидени во Кривичниот законик на македонската држава – Република Македонија.

Аргументацијата за државната и социетална потреба и општоопштествената оправданост за инкриминализација на (обидите за) повреди или загрозувања на (елементите на) македонскиот национален идентитет и следствено, на пенализацијата (која би ги опфатила носителите/сторителите на овој вид повреди или загрозувања), односно, аргументацијата за кривичноправна заштита на (елементите на) македонскиот национален идентитет, ќе ја развијам врз основа на правната заснованост и национално-безбедносна легитимност, која, меѓу другото, се состои во следното: 1) во согласност со Уставот на Република Македонија: Република Македонија е суверена, самостојна, демократска и социјална држава и суверенитетот на Република Македонија е неделив, неотуѓив и непренослив; 2) според една од суштинските стратегиски определби нормирана и втемелена во Националната концепција за безбедност и одбрана (која концепција претставува основен документ на македонската држава во областа на безбедноста и одбраната), траен интерес на македонската држава – Република Македонија е зачувување и унапредување на нејзиниот државен идентитет со слободно изразување на етничкиот идентитет на сите граѓани на Република Македонија, како и заштита на независноста и територијалниот интегритет; 3) во согласност со европското право, утврдена е обврска, односно принцип за почитување на националниот идентитет на земјите–членки од страна на Европската Унија (обврската, односно принципот за првпат е внесен во Договорот од Мастрихт [1992 година], следствено во Договорот од Амстердам [1997 година] и заклучно, во Договорот од Лисабон [2009 година]) и овој принцип има две нивоа: а) етичко ниво, кое го опфаќа почитувањето на: историјата, културата, традицијата, јазикот и религијата,; и б) институционално ниво, кое се однесува на почитување на уставниот идентитет на државите–членки на Европската Унија (во таа насока, како и за земјите–членки на Европската Унија [ЕУ], така и за македонската држава – Република Македонија, потребно е сеопфатно почитување и на македонскиот национален идентитет!); 4) државната и социетална потреба и општоопштествена оправданост од проектирање кривичноправна заштита на (елементите на) македонскиот национален идентитет е заснована и на кривичноправниот (научно фундиран) аргумент, според кој, основен критериум за воспоставување кривичноправна заштита е вредноста на заштитениот објект и интензитетот на негово загрозување; 5) развивањето и одржувањето сеопфатна (вклучувајќи и кривичноправна) заштита на (елементите на) македонскиот национален идентитет ќе овозможи и оптимална заштита на македонската онтолошка безбедност (разбрана и толкувана, освен како физичка безбедност на македонската држава [опстанок на македонската држава!], така и како безбедност на македонската држава како битие, што подразбира и одржување на нејзиниот идентитет!); следствено, со сеопфатната заштита на континуираното остварување на функцијата на македонскиот национален идентитет ќе се овозможи одржување на националното единство, препознатливоста на македонското национално битие, како и препознатливоста на македонскиот граѓанин како припадник на македонската нација или како државјанин на македонската држава, со што истиот тој ќе се чувствува посигурен, со извесна иднина и како дел од македонското општество и држава; 6) мултиетничноста, мултикултурноста и мултиконфесионалноста на македонското општество, во аксиолошка смисла претставува општествена вредност, која е потребно да се одржува и развива, но истата таа, од национално-безбедносен аспект, меѓу другото, македонското општество го одредува и како ризично општество во кое контактот на различноста е неизбежен, а одржувањето и развивањето на националната толеранција е општествено-безбедносно неопходна; 7) формираните аналитички ставови, судови и заклучоци изведени од анализата и синтезата на службените форми, провокативната содржината и тон, како и календарското и општествено време кога се соопштени (и сѐ уште се соопштуваат) политички (и бизарно уценувачки и други непримерени) искази (и изјави) на одредени респектабилно моќни бугарски политичари и научници (историчари) и од нив произлезените аналитички употребливи индикатори, кои се однесуваат на оспорувањето на македонската нација, на македонскиот јазик и на другите основни белези на македонската држава и искази (и изјави) што индицираат упорност и доследност во обидите за реализирање на проектираната историска цел на носителите на бугарскиот политички екстремизам (а не и на сите Бугари, Бугарки и на Република Бугарија во целост!) – трајна и континуирана проблематизација на битието на македонската држава; и 8) сериозната претпоставка, според која, како една од можните [и непосакувани!] безбедносно-загрозувачки и организирани историски ситуации би била: во конкретна и геополитички и геостратегиски организирана историска ситуација, безбедносно-загрозувачки и практично да се активираат бугарските пасоши на граѓан(к)и на македонската држава – Република Македонија во функција на реализација на историските, стратегиските, тактичките и оперативните цели од програмско-целната рамка на носителите на бугарскиот, но можеби и на други видови етнички и/или идеолошки мотивиран политички екстремизам, комбинирано со комплементарно и заедничко политичко и безбедносно-загрозувачко дејствување со нивни (евентуални!?) државни и/или супрадржавни и/или недржавни (политички) соучесници, а кое е насочено против македонското општество и држава!

Гоце Аризанкоски

Aвторот е дипломиран криминалист и поранешен претседател на Форумот за безбедност

(продолжува утре)