По најавените големи реформи од крајот на минатата година од страна на Комитетот за транспорт на Европскиот парламент (ТРАН), како експертски комитет на ЕУ за прашања за патниот транспорт, голема е веројатноста наскоро, доколку помине најавената нова директива, 17-годишни возачи придружувани од поискусни колеги да возат камиони и автобуси по патиштата низ Европа?!
EУ подготвува нова директива за патниот транспорт со која јавноста се подели
На превозниците во земјите од Европската Унија им недостигаат околу 600.000 возачи на камиони и автобуси. Според познавачите на овие прашања, овие бројки само ќе продолжат да растат во годините што доаѓаат. Секојдневно се пензионираат голем број возачи, а приливот на нови возачи ни од далеку не е доволен да ги пополни празнините што настануваат. Во Европската Унија во моментов е во тек ревизија на директивата за возачка дозвола, а еден од сериозно дебатираните предлози ја подели јавноста. Имено, Комитетот за транспорт на Европскиот парламент (ТРАН), експертски комитет за прашања за патниот транспорт, најави големи реформи на крајот на минатата година. Имено, најверојатно наскоро 17-годишници, придружувани од поискусни колеги, ќе возат камиони и автобуси.
Што опфаќа новата предлог-регулатива на Комитетот за транспорт на Европскиот парламент (ТРАН)
Реформата би опфатила усогласено и полесно признавање на возачките дозволи што потекнуваат од трети земји, како и можност земјите членки на ЕУ да ја намалат минималната возраст за возачите на автобуси на 18 години, без ограничување на растојанието што можат да го возат. Досега таа граница беше 50 километри.
Уште во 2006 година, Европската Унија препорача ограничување од 21 година за возачите на камиони и 24 години за возачите на автобуси. Но во последниве години, индустријата за патен транспорт, која сериозно страда од недостиг од кадар, го детектира намалувањето на старосната граница за возачите како евтин и брз начин за решавање на проблемот. Лобирањето во индустријата наскоро се покажа успешно, а некои земји од Европската Унија оттогаш ја намалија старосната граница на 18 години.
Она што го бараат здруженијата за патен транспорт е таквите правила да важат за цела Европа. Нема исклучоци. Со оглед на природата на нивната работа, без истите пазарни правила за целиот континент, превозниците сметаат дека ефектот од намалувањето на старосната граница нема да биде доволно силен. Другата страна смета дека околу 14.000 тинејџери зад воланот на камионите, колку што се предвидува дека ќе се најдат на патиштата во ЕУ, доколку помине директивата, ќе предизвикаат невиден хаос!
Европскиот совет за безбедност на транспортот (ЕТСЦ) силно се спротивставува на идејата малолетници да се најдат зад воланот на неколку тони тешките возила
Многу противници на споменатиот предлог прашуваат зошто транспортните компании наместо да пречекуваат потенцијално заинтересирани возачи со подобри услови за работа и барем малку разумен распоред на возење, планираат да обучуваат, а потоа и да вработат малолетници.
Податоците од Финска, Германија и од Полска јасно покажуваат дека најмладите возачи на камиони (на возраст од 18 до 19 години) предизвикуваат многу повеќе несреќи отколку постарите возачи. Европскиот совет за безбедност на транспортот (ЕТСЦ) силно се спротивставува на идејата малолетници да се најдат зад воланот на неколку тони тешките возила.
– Науката јасно покажува дека младите поминуваат низ значајни биолошки и социјални промени на возраст од 15 до 25 години. Така, кога младите ќе научат да возат, нивните когнитивни способности сè уште не се целосно развиени. Затоа, како учесници во сообраќајот, младите се склони кон ризично однесување и имаат намалено разбирање за опасностите со кои се соочуваат. Биолошките истражувања покажуваат дека на 18-годишна возраст сè уште се развиваат областите на човечкиот мозок одговорни за интеграција на информации и контрола на импулсите – предупредува ЕТСЦ.
Меѓународната унија за патен транспорт (ИРУ) одговори дека кампањата против директивата се заснова на лажни информации.
– Младите професионални возачи и младите возачи не се исти. Професионалните возачи возат за живот. Тие се целосно мотивирани и обучени стотици часа да возат внимателно за да го одржат своето постоење. Покрај тоа, тие нема да возат сами како 17-годишници, туку цело време ќе се едуцираат од искусни ментори – изјави Ралука Маријан во име на организацијата.
Конечната одлука за старосната граница на возачите на камиони и автобуси треба да ја донесе Европскиот парламент следниот месец.