Фото: Игор Бансколиев

Неизвесноста и стравот од нередовно снабдување со храна и суровини се проширија и во поразвиените земји. Никој од економските аналитичари не знае до каде може да достигне амбисот на кризата, но и да процени до кога ќе трае

Продолжувањето на војната значи и продолжување на економската неизвесност

Руско-украинската војна ги наруши економските текови во целиот свет, кој сѐ уште не беше закрепнат од последиците на пандемијата од коронавирусот. Неизвесноста и стравот од нередовно снабдување со храна и суровини се проширија и во поразвиените земји. Никој од економските аналитичари не знае до каде може да достигне амбисот на кризата, но и да процени до кога ќе трае. Острите санкции на западните земји кон Русија имаат потенцијал да предизвикаат сериозни политички и финансиски последици на глобално ниво

Ефектите од кризата веќе предизвикаа удар на меѓународните пазари на стоки

Во анализата објавена на „Форин аферс“ пишува дека економистите очекуваат рускиот БДП да се намали за најмалку 9-15 проценти оваа година, но штетата може да стане многу потешка. Рубљата падна за повеќе од една третина од почетокот на јануари, а се зголеми и одливот на квалификувани руски работници, додека капацитетот за увоз на стоки за широка потрошувачка и технологија драстично опадна. Ефектите на прелевање од кризата веќе предизвикаа превирања на меѓународните пазари на стоки. Цените на суровата нафта, природниот гас, пченицата, бакарот, никелот, алуминиумот, вештачките ѓубрива и златото се во пораст. Војната ги затвори украинските пристаништа, а меѓународните фирми го избегнуваат извозот на руски стоки, недостигот од жито и метали веќе почна да се чувствува во глобалната економија.
Економските последици од војната ќе бидат најдраматични за Русија и за Украина, а во другите земји во светот ќе зависат од трговската поврзаност со завојуваните држави, наведуваат од „Оксфорд економикс“, британска консултантска куќа.
Турција и Полска се најранливи, затоа што имаат важни трговски врски со Русија, од која се зависни од руската нафта. Надворешната трговска размена на САД со Русија изнесува 0,5 отсто од БДП, а за Кина тој удел изнесува 2,5 отсто.
Бен Меј, директорот на Глобалното макроистражување од „Оксфорд економикс“, предвидува дека војната во Европа ќе го намали глобалниот раст на економијата за годинава за околу 0,2 отсто, односно проекциите од четири отсто ќе се намалат на 3,8 отсто на светско ниво. Но сето тоа зависи и од должината на руско-украинскиот воен судир. Важен фактор на влијанието на светските економски текови има висината на цената на нафтата, што веќе се одразува и на цените на берзите. Русија е трет најголем производител на нафта во светот, по САД и Саудиска Арабија. Некои прогнози предвидуваат раст на вредноста на нафтата до 300 долари по барел.
Порастот на вредноста и на другите видови енергија предизвика пораст на цените и на храната и на другите стратегиски производи од металната, автомобилската, градежната и информатичката индустрија. Инфлацијата во многу земји е во пораст, што може да доведе и до намалување на потрошувачката и на производствените активности. Меѓународните експерти предупредуваат дека светот ќе се соочи со стагфлација, а тоа е состојба кога економијата во некоја земја има истовремено раст на цените и економска стагнација.
Проблемот со управувањето со последиците од економската војна е сè уште поголем во Европа. Ова не е само затоа што Европската Унија има многу посилни трговски и енергетски врски со Русија.

Под силен притисок е и Македонија

Како заклучок од горенаведеното, произлегува дека под силен притисок се наоѓа и Македонија, која остварува најголема трговска размена со земјите од Унијата. Македонската влада презеде серија од мерки за заштита на стандардот на граѓаните, преку намалување на даноците за бензините и основните прехранбени производи. Тоа предизвика и огромен финансиски товар, за што веќе се прават и анализите за нов, ребалансиран буџет за 2022 година. Извесно е дека стапката на инфлација, која сега е проектирана на 2,6 отсто, ќе биде многу повисока. Нагорни ревизии на цените на основните суровини се предвидуваат и во најновиот извештај на Народната банка на Македонија. Нашата земја подолго време се соочува со „увозната инфлација“, поради скокот на цените на суровините и горивата. За 2022 година, оцените за инфлацијата се ревидирани нагоре, при што се очекува поголем раст на цената на пченицата и на пченката. Нагорните движења кај пченицата во најголема мера се должат на загриженоста на инвеститорите за можните прекини во каналите на снабдување од регионот на Црно Море поради напнатата ситуација во Украина, додека кај пченката тоа е одраз на очекувањата за пониско ниво на производство на пченка во Аргентина и Бразил, како што наведуваат од Народната банка.
– Од глобална економска перспектива, треба да ги погледнеме влијанијата на непосреден или краток рок и на среден рок. Во моментов најголемите ризици се од психолошка природа на пазарите на капитал и стратегиските пазари на стоки. Другиот психолошки аспект е инфлациската спирала. Ако оваа криза продолжи и се продлабочи, веројатно е дека контролираната или управувана инфлација може да ги надмине умерените нивоа, па дури и да ги надмине едноцифрените плафони.

На среден рок, економските влијанија и нарушувања може да бидат многу поголеми, бидејќи руско-украинските области се извори на големи ресурси, не само енергија, туку и минерали, храна… – изјави Абдулменаф Беџети, академик и економски експерт.
Според него, напорите за економско закрепнување во текот на 2021 година генерираа релативно високи стапки на економски раст, но сè уште не го покриваа негативниот раст од претходната година. Така, во 2022 година влегуваме со негативен економски резултат во однос на крајот на 2019 година. Времетраењето на војната во Украина ќе биде клучен фактор за економските состојби во Европа и во светот. Доколку има брзо смирување, веќе во 2023 година се очекува пад на цените на прехранбените производи. За 2022 година е извршена нагорна ревизија на цената на нафтата. Ваквата корекција во најголема мера се должи на очекувањата за намалена понуда, во услови на ниски глобални резерви на нафта, намален интерес за инвестирање во нафтената индустрија како резултат на транзицијата кон обновливите извори на енергија, како и на присутните геополитички тензии. Инфлаторната спирала во земјата ја поттикна и големиот раст на цените и на металите – што веќе повлече и раст на цените на недвижностите, покажуваат анализите на домашните макроекономисти.