Како политиката ги руши мостовите на добрососедството и пријателството на два соседни народи и држави

Во последно време, а особено по отворањето на бугарскиот културен центар „Иван Михајлов“, Битола се најде во фокусот на интересирањето не само на битолската туку и на бугарската јавност. Оттаму некои битолчани со право велат дека барем за жителите на градот под Пелистер односите на Македонија со Бугарија можат да се оценуваат пред и по отворањето на бугарскиот културен центар.

Иницијативи и активности што наидоа на одобрување

Пред да се отвори, никому во Битола не му пречеше ниту една активност на Здружението за македонско–бугарско пријателство, ниту пак некој ги забележуваше граѓаните на Битола што себеси се чувствуваат Бугари. Па дури никој не обрнуваше посебно внимание ниту на Генералниот конзулат, кој одвреме-навреме е посетуван од лица што бараат бугарско државјанство. Сепак, Битола, како град на конзулите, има долга традиција во почитувањето на дипломатско-конзуларните претставништва и персоналот што работи во нив. Но сега се случува нешто чудно.
Имено, пред отворањето на културниот центар, битолчани со обѕир и почит гледаа на сите активности, донации, грантови, проекти или хумани активности што ги преземаше Генералниот конзулат на Бугарија во Битола. Тогаш никој не го поставуваше прашањето кои им се и дали воопшто Бугарија има некакви намери со доделувањето на тие грантови или донации. А рака на срце, факт е дека грантови имаше во поголем број.
Со залагање на генералниот конзул во Битола, бугарската држава обезбеди донација од 133.000 евра за реконструкција на средното техничко училиште „Ѓорги Наумов“. Со тие средства комплетно се реновира дограмата и покривот. Средствата беа обезбедени преку Програмата за помош и развој на соседните држави.
Претходно, конзулатот лобираше за донации и во соседните општини на Битола, Новаци и Могила. Бугарската држава ѝ додели значајна неповратна финансиска помош на Општина Новаци во износ од 2.752.000 денари, на основа на политиката на Р Бугарија за учество во меѓународната соработка за развој, за реализација на проектот „Реконструкција на покрив и спортска сала за подрачното училиште во селото Бач“. Генералниот конзулат на Бугарија во Битола обезбеди грант и за подобрување на условите за учениците во некои училишта и во соседната општина Могила.
Во исто време, конзулатот за време на пандемијата ѝ даде неколку значајни донации на Клиничката болница за справување со ковид-19. Пред тоа на спортски план извонредни односи имаше ФК Пелистер со бугарската екипа Литекс.
На ваквите донации и хумани активности битолчани гледаа со одобрување и имаа само пофални зборови за активностите на бугарскиот конзулат. Наедно, тие со одобрување или барем со рамнодушност ги следеа и активностите на Здружението за македонско–бугарско пријателство, кое има простории во центарот на градот, на Широк сокак.

Пресврт направи тешката провокација со именувањето на бугарскиот клуб

Откако неодамна на улицата Рузвелтова, која се наоѓа во непосредната близина на Широк сокак, се отвори културниот центар „Иван Михајлов“ и особено откако неколку дена потоа познатиот македонски интерпретатор Ламбе Алабаковски ја потпали влезната врата на центарот, битолчани станаа доста вознемирени и испровоцирани од активностите на овој центар. Како некој да ги предизвика битолчани и да им ја згази и помина црвената линија на сомничавоста и толеранцијата во врска со активностите на граѓаните на Битола, кои себеси се чувствуваат Бугари, како и на активностите на самата бугарска држава.
Затоа некои битолчани со право велат дека односите меѓу Бугарија и Македонија, барем кога е во прашање Битола, се оценуваат пред отворањето на културниот центар и по неговото отворање. Наместо овој културен центар да ги зближи двата народа, тој предизвика сосема поинакви чувства кај битолчани. Познавајќи му го минатото на Ванчо Михајлов, самото име на центарот предизвикува бес и револт кај битолчани. Затоа по неговото отворање, сега на активностите на Генералниот конзулат, па и на самата држава Бугарија, во Битола се гледа со друга диоптрија. Сега на секоја активност од Бугарија, па таа да е и со најдобри намери, се гледа сосема поинаку.
Битолчани особено се вознемирени од активностите на бугарскиот бизнисмен Милен Врабевски, кој ги финансира бугарските клубови во Битола и во Охрид и кој со некои свои изјави и потези, за жал, им дава политичка конотација на клубовите.
Иако тој тие активности и неговата дарежливост, наводно, ги прави од хумани побуди, сепак сега веќе битолчани сметаат дека тие се данајски дарови што подоцна ќе дојдат на наплата.
Јавноста реагираше уште веднаш, откако му беа укинати државните субвенции и средствата за исплата на една плата на детското ликово студио „Кирил и Методиј“, кога моќникот Врабевски го посети студиото и понуди финансиска помош. Благодарение на таа финансиска помош, членовите на Детското ликовно студио беа во Евора, Португалија, Брисел, Софија…
Таквата помош, фондацијата на Врабевски „Бугарска меморија“ брзо ја искористи за своја промоција, па во јавноста излезе со изјава дека основачот и претседател „ги посети нашите пријатели од детското ликовно студио,’Свети Кирил и Методиј‘ во Битола и финансиски го помогна здружението“. Потсетуваме, неодамна Република Македонија ја запре државната субвенција за студиото.
– Летово учениците цртаа во Пловдив и во Софија, финансирани од д-р Врабевски, а сега им претстојат нови посети во Бугарија и во Брисел, организирани и финансирани од него – објави фондацијата.
Славчо Неделковски, претседателот на УО на ликовното студио, ја потврди веста дека Врабевски е нивни соработник и партнер, кој деновиве ги посетил и јавно му се заблагодари на поддршката.
– Милен Врабевски го посети студиото, информирајќи се од прва рака за проблемите со егзистенцијата на 55-годишната организација, кои ги наметна Министерството за образование и наука. При кратката посета беше истакнато дека по учеството на ученици од приватното школо на Врабевски на,,Малиот битолски Монмартр 2022“ и организацијата на,,Малиот Монмартр во Пловдив 2022“ соработката преминува во трајно партнерство – рече Неделковски.
Подоцна битолската јавност беше вознемирена и од информацијата што фондацијата „Бугарска меморија“ ја пласира во јавноста дека директорката на техничкото училиште „Ѓорги Наумов“, Жанета Сервини, со група ученици од Битола, наводно „истомисленици на членовите на бугарскиот клуб ’Ванчо Михајлов‘ отишле на дводневна посета на Софија како составен дел од програмата за градење добрососедски односи и европска интегрaција“.
Иако подоцна директорката Сервини ја демантираше таквата информација, таквото соопштение од фондацијата „Бугарска меморија“ предизвика низа негативни реакции во Битола.

Граѓаните на Битола со право се вознемирени

Деновиве повторно Битола беше епицентар на македонско-бугарските односи, со посетата на бугарската потпретседателка Илијана Јотова, која токму на денот кога Битола ја славеше победата над фашизмот се прошета во Битола, даде контроверзни изјави и замина во блиското село Цапари за да се поклони на селските гробишта, оддавајќи им почит на бугарските војници што загинаа во Првата светска војна, а кои се таму закопани.
По сето ова, битолчани со право се вознемирени и апелираат да не се прави политички циркус во нивниот град, да се остават граѓаните да се борат со своите секојдневни проблеми, а не да им се наметнува некаков „бугарски“ наратив, кој не е ниту нивен, ниту пак го чувствуваат како близок. Сите активности на културен, хуманитарен и спортски план и натаму ќе бидат прифатени и поздравени, но секое наметнување некакви „нови“ сознанија за потеклото и самочувството на Македонците ќе го чувствуваат како навреда и непријателски чин што нема да биде прифатен со одобрување. Или, како што порачуваат нашите соговорници „држете ги рацете подалеку од Битола“.