Во високоразвиените земји, откако беше воведена оваа иновативност во сообраќајот, искуството е позитивно

Шпанските власти, како обид за зауздување на брзите возачи што не ги почитуваат сообраќајните прописи, сигнализација и ограничувања, одлучија да воведат „змејски заби“. Тоа се всушност едноставни сообраќајно-технички иновативни методи од областа на хоризонталната сигнализација и претставуваат бели триаголници нацртани во внатрешните граници на сообраќајната лента на асфалтот. Идејата на „змејските заби“ е да се создаде впечаток кај возачот дека патот се стеснува, при што нормалната реакција е зголемена претпазливост и намалена брзина. На тој начин, непосредно пред пешачкиот премин се појавуваат цикцак-линии, кои треба да поттикнат зголемена внимателност. Откога се поставени овие „змејски заби“, на локацијата не се случила ниту една сообраќајна несреќа, за разлика од периодот пред нивното поставување

Многу влади, сообраќајни експерти, производители на автомобили и експерти од различни специјализирани сектори од областа на сообраќајот имаат цел да го намалат бројот на жртви што се учесници во сообраќајот, користејќи различни методи, конвенционални, но и нови, инвентивни и креативни. Некои од тие методи постојат многу години и станаа секојдневие на патиштата, почнувајќи од класичните општопознати облици, како што се полициските патроли на сообраќајниците, радарите и камерите. Тоа се стандарди што се општоприфатени насекаде низ светот.
Но каква е состојбата кај нас? Дали ние прифаќаме и усвојуваме стандарди што се веќе докажани, или сами ги приспособуваме за да бидат ефикасни и приспособени на нашиот колективен менталитет? Што се презема кај нас за да се спречи „дивеењето на возачите“ по улиците?

ТРИДИМЕНЗИОНАЛНИ ОБЕЛЕЖЈА

Ако досегашните класични методи, како што се полициските превентивни и репресивни пристапи, разните сообраќајни знаци и предупредувања, забавувачите за сообраќајот и многу други, не дадоа плод, науката се обидува на мноштво други инвентивни начини да влијае на сообраќајното однесување кај возачите и другите учесници во сообраќајот.
Денес, за разлика од пред дваесетина и повеќе години, науката низ различни истражувања успеала да докаже кои ефекти се најдобри за да се намали брзото возење. Па, така, сообраќајните решенија сега се предмет на претходни истражувања и се носат врз база на експерименти направени како реакција на човечкиот мозок, со помош на ефектите на оптичките илузии.
Тие се сосема нов момент на улиците во високоразвиените земји.
Сите што се добро информирани за оваа проблематика, запознаени се дека многу земји користат 3Д-пешачки премини, некои дури на коловозот лепат етикети со тридимензионални дупки, за возачите да мислат дека ќе го удрат возилото и да ја намалат брзината. Сепак, секогаш излегуваат нови инвентивни начини што можат да се видат на патиштата низ светот, па и во поразвиените земји на Балканот.
Шпанските власти, како обид за зауздување на брзите возачи, одлучија да воведат „змејски заби“, кои всушност се бели триаголници нацртани во внатрешните граници на сообраќајната лента.
Идејата на „змејските заби“ е да се создаде впечаток кај возачот дека патот се стеснува, при што нормалната реакција е зголемена претпазливост и намалена брзина. На тој начин, непосредно пред пешачкиот премин се појавуваат цикцак-линии, кои треба да поттикнат зголемена внимателност.
Тамошните власти соопштија на Твитер дека откога се поставени овие „змејски заби“, на локацијата не се случила ниту една сообраќајна несреќа, за разлика од периодот пред нивното поставување. Претходно на тие локации се случувале несреќи со човечки жртви, што претставува добар показател дека овие нови коловозни обележја ја остваруваат целта за која се наменети.

Лежечките полицајци засега се нашето ефикасно решение

На нашите прашања до општинските власти дали постојат некакви иницијативи за кај нас да се освежат улиците со нови оптички мамки, одговор добивме само од две општини, Центар и Карпош.
Од двете општини велат дека немаат во план воведување вакви сообраќајни решенија.
– Со оглед на тоа дека навистина се вози брзо и дека поминувањето преку улица
стана доста небезбедно, токму од несовесни граѓани/возачи, Општина Карпош веќе го има решено овој проблем. На местата каде што беше неопходно, како пред училишта, градинки и потесни сокаци, се поставени лежечки полицајци пред неколку години. Овој сообраќаен проект беше реализиран од страна на Општина Карпош, во соработка со СВР-Скопје – информираа од Карпош.
Градските власти, за жал, не ни доставија одговор на нашите прашања.

И сообраќајните стандарди треба да се развиваат и подигнуваат на повисок степен

Состојбата кај нас е нешто поинаква од преостанатиот развиен свет. Кај нас, освен репресивната политика, која вклучува присуство на полицијата на секои двесте метри за да не се вози брзо, друг општопознат стандард за спречување на дивеењето се лежечките полицајци, познати како забавувачи на сообраќајот.
Инвентивност речиси нема, бидејќи во близината на училиштата и градинките, низ улиците има само традиционални неколкуметарски подигнати и обоени во црвено лежечки полицајци, чија цел е да се спречи брзото возење на возачите.
Тоа е така само на локациите каде што во непосредна близина има училишта и градинки.
На деловите каде што нема, освен сообраќајни знаци и пешачки премини, нема друга заштита.
Еден од поинвентивните начини на скопските улици беше оној во Општина Гази Баба, на улицата Коце Металец, каде што се направи пешачки премин со посебно осветлување, за да им го привлече вниманието на возачите и да бидат внимателни, бидејќи на оваа улица имаше неколку кобни несреќи во кои животот го загубија пешаци.
Кај нас не беа искористливи дури ни семафорите наменети за пешаците да притиснат копче за да добијат зелено светло, бидејќи многумина си играа со нив, па го попречуваа непреченото движење на сообраќајот.
Според експертите, кај за ништо нас нема поставено стандарди.
– Секој става од своја рака, како што сака. Тука нема стандард ниту за лежечки полицаец ниту за пешачки премин, за ништо. Се ставаат оние чудни рапави „нешта“, кои наводно треба да ги забават возачите, а чија намена се виде дека не врши работа, бидејќи и покрај нивното поставување, на тие улици сѐ уште има дивеење. На Христијан Тодоровски-Карпош, каде што имаше неколку инциденти со прегазени пешаци изминатите години, се поставија пластични или гумени лежечки полицајци, монтирани со шрафови, кои сега се искинати и парчосани, а на некои делови воопшто ги нема, искорнати се. За какви стандарди зборуваме – вели познавач на сообраќајната состојба во земјава, кој сакаше да остане анонимен.
Според него, присвојувањето идеи без претходна студија и анализа е еднакво на пропаст, бидејќи не сѐ што се прифатило во една земја ќе одговара на состојбата во друга.
Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата има голем број кампањи и идеи, кои во соработка со Министерството за внатрешни работи се реализираат и се за поздрав, меѓутоа оваа институција, за жал, нема многу големи ингеренции, бидејќи тие се советодавно тело на сообраќајните и градските власти. Тие можат само да подготват препораки, кои безбедносните власти може да ги прифатат или да не ги прифатат.

[email protected]