Дронови во Бугарија, потопени танкери и потсетување на иранската закана поврзана кон Софија
- Два брода во бугарската ексклузивна економска зона, на околу 70 наутички милји од брегот, беа погодени со дронови. Еден брод е потонат, а посадата е исчезната. Првите информации се дека е извршен удар со дронови со непознато потекло. Во моментов, една стара иранска закана повторно изгледа многу актуелно. Што навистина се случи во бугарските води? И дали нападот кај бугарскиот брег е само уште една
последица од војната во Украина или можеби е прв знак дека конфликтот меѓу Иран и САД почнува да ја менува безбедносната карта
на Европа? Одговорот засега го нема. Но веќе е невозможно да се игнорира прашањето
На 6 октомври два трговски брода беа погодени од дронови во бугарската ексклузивна економска зона, на околу 70 наутички милји од брегот. Едниот – „Алфа Ватан“ – потона. За неговата посада долго време немаше информации, а бугарските власти подоцна ја прекинаа потрагата без да пронајдат преживеани. Вториот брод, „Ејбл“, беше оштетен и запален, но неговата 18-члена посада беше евакуирана. Сликата изгледа како уште една епизода од црноморскиот фронт. Но само на прв поглед.
КОЈ ГИ ИСПРАТИ ДРОНОВИТЕ?
За истражувачите на овој инцидент, настанот е исклучително интересен. Во овој контекст, украинскиот претседател Володимир Зеленски тврди дека „нападот бил дел од руска операција со воздушни и морски дронови“. Но Софија засега не го потврдува тоа. Бугарските власти велат дека потеклото на дроновите сè уште не е утврдено. Русија не презеде одговорност. А токму празнината меѓу овие три индикатори остава простор за претпоставки за најразлични сценарија. Едното е очигледното, односно продолжување на руско-украинската војна во Црно Море. Но постои и друго прашање. Многу понепријатно за Софија и за ЕУ.
Друго веројатно сценарио
Само неколку недели пред нападот, Бугарија веќе се најде во центарот на една сосема друга безбедносна приказна. Во јули Софија одобри привремено стационирање на американски авиони-танкери „KC-135“ во воздухопловната база Безмер. До осум авиони и до 250 американски воени лица требаше да бидат распоредени таму. За Бугарија тоа беше дел од сојузничките активности и тренинг-мисии. Но за Техеран приказната изгледаше поинаку. За потсетување, Иран веднаш реагираше остро. Од Техеран беше испратено предупредување дека дозволувањето американски воени активности од бугарска територија може да ја вовлече Софија во конфликтот. Бугарските власти возвратија дека американските авиони нема да бидат користени за офанзивни операции од бугарска територија. На дипломатско ниво, кризата изгледаше затворена, но можеби и не…
„БЕЗМЕР“ СЕ ПОЈАВИ НА ИРАНСКАТА КАРТА
Во август, реномираниот „Фајненшл Тајмс“ објави дека ирански воени и режимски структури разгледувале можни американски цели во Југоисточна Европа. Меѓу земјите што се споменуваа беше и Бугарија. Причината за ова беше американското воено присуство, особено базата Безмер. Тоа не значеше дека Техеран донел одлука да ја нападне Бугарија, но секако дека значеше нешто друго, а тоа е фактот дека Бугарија веќе се појавила во процените на потенцијалните американски цели поврзани со Иран. И тоа е факт што денес заслужува повторно да се разгледа.
СЕГА ДОЈДОА ДРОНОВИТЕ СО КОИ БЕА ПОТОПЕНИ БРОДОВИТЕ
Настаните од 6 октомври кога два трговски брода беа погодени од дронови во бугарската ексклузивна економска зона, на околу 70 наутички милји од брегот, беа повод истото тоа неминовно да се поврзе со други безбедносни индикатори.
– Прво – американски танкери во Бугарија. Потоа – иранското предупредување. Потоа – информациите дека Техеран ги разгледувал американските средства во Бугарија како потенцијални цели. И сега – напад со дронови во бугарската економска зона. Случајност? Можно. Иранска операција? Засега непотврдено. Но токму затоа прашањето е интересно – вели еден наш соговорник, поранешен висок воен офицер во АРМ, а сега наш консултант и соработник за воено-безбедносни прашања.
ДРОНОТ – НОВОТО ОРУЖЈЕ НА „НЕОБЈАВЕНАТА“ ВОЈНА
Современото војување создаде нов проблем за државите. Дроновите се евтини, достапни, далечински управувани, а во многу случаи, тешко поврзливи со конкретен државен актер.
– Да, точно. И токму тоа отвора можност за нешто што во класичната војна беше многу потешко. Имено, за напад без веднаш да се знае кој нападнал, за порака без потпис и за ескалација без формално објавување војна. И токму затоа нападот кај Бугарија не треба да се гледа само низ призмата на тоа што се случува денес. Туку и низ призмата на она што би можело да следува. Но, постои, сепак, еден важен факт што ја комплицира целата теза. Американските „KC-135“ веќе ја напуштија Бугарија, односно двата авиона ја напуштија базата Безмер кон крајот на август. Бугарското Министерство за одбрана тогаш соопшти дека станувало збор за завршување на планираните активности и тренинг-летови. Значи, ако некој сака да тврди дека нападот кај бугарскиот брег е директна иранска одмазда за американските танкери, треба да расчисти во својата анализа дека американските авиони-танкери веќе не се во Бугарија. Но, дефинитивно, тоа не значи дека треба да биде отфрлена оваа верзија без истрага – тврди нашиот соговорник, кој исто така се согласува дека веројатноста оваа верзија да биде вистинита е голема, затоа што Техеран долго време се подготвува да прати воено-политичка порака до Брисел, кој ги анимира своите членки здушно да им дадат поддршка на САД, барем со логистика. А Бугарија се чини дека е „најбезболно“ место за порака до ЕУ дека Иран има досег и уште позападно, вели нашиот соговорник, додавајќи дека дури и доколку се пронајдат остатоци од дронот каде што би се видело дека дроновите се „мејд ин Иран“, тоа би било само едно „камче во мозаикот“ на индикатори дека зад ова стои Техеран, а никако доказ.
ДАЛИ БУГАРИЈА СТАНУВА ФРОНТ?
Можеби најважното прашање не е дали Иран го испратил дронот. Туку што значи фактот дека Бугарија веќе се појавува во безбедносните пресметки на повеќе спротивставени сили.
– Од една страна се Русија и војната во Украина. Од друга страна е американското воено присуство. А над сето тоа стои сè поширокиот конфликт меѓу Иран и САД. Така, Црно Море постепено престанува да биде само регионален театар на руско-украинската војна. Станува простор во кој можат да се пресечат повеќе конфликти. Но досега никој нема јавно достапен доказ дека Иран го извршил нападот и тешко е дека ќе го има во јавноста. Нема ниту потврдена иранска одговорност. Нема форензички докази објавени од бугарските власти што би покажале дека дроновите биле ирански или управувани од Иран. И затоа секое категорично тврдење би било прерано. Но прашањето во јавноста останува. Зошто токму Бугарија? Зошто токму сега? И дали неодамнешното американско воено присуство во Безмер е само случаен дел од пошироката слика или еден од факторите што треба да се земат предвид – легитимно отвора дилеми нашиот соговорник и аналитичар.
– Ако се покаже дека зад нападот стои Иран или актер поврзан со Иран, тогаш значењето на инцидентот драматично се менува. Тоа повеќе нема да биде само приказна за два трговски брода. Ќе биде приказна за ширењето на една конфронтација од Блискиот Исток кон европскиот простор. И тогаш предупредувањето што Техеран го испрати за американските авиони во Бугарија ќе добие сосема поинакво значење. Затоа денес можеби не треба да прашаме само „кој ги испрати дроновите?“, туку и „кому му беше потребно да инволвира нови засегнати страни во Блискиот Исток? Или, пак, „која страна сега сака да ги спои боиштата во Украина и на Блискиот Исток“ и да го разводни притисокот што го чувствува врз себе? – го завршува брифингот со едно интересно прашање нашиот соговорник, поранешно високо позиционирано воено лице во македонската армија, а сега аналитичар, чие мислење нашиот весник високо го цени. Р.С.
































