„Макстил“ со најголема донација во здравството досега
Одделот за онкологија на Универзитетската клиника за детски болести во Скопје е целосно реновиран со донација од 16 милиони денари од компанијата „Макстил“, што е најголема донација во здравството.
Во рамките на зафатот се поставени нови системи за вентилација и за технички гасови, реновирани се сите болнички соби и просториите за медицинскиот персонал, обновена е електричната инсталација, како и дел од водоводната и канализациската мрежа, а поставен е и нов медицински под на површина од 400 квадратни метри.
– Одделот е еден и единствен на ниво на целиот регион и ќе ги згрижува сите деца болни од малигни болести. Условите и високиот квалитет на здравствена заштита што ќе ги добијат заедно со родителите и целиот персонал ќе го удостојат здравството и ќе го подигнат на многу повисоко ниво. Отвораме една нова страница во педијатријата и во здравството, затоа што третманите што ќе ги добиваат децата веќе ќе значат вон од третманот што го добивале досега и трансплантација за која во иднина ќе слушнете и многу набрзо ќе биде извршена и во нашата држава – рече директорката на Универзитетската клиника за детски болести, Аспазија Софијанова.
Премиерот Димитар Ковачевски истакна дека реновираниот оддел значи подобра услуга за пациентите, задоволни здравствени работници и уште повеќе излекувани деца.
– Овој 7 Април го одбележуваме во реконструираното одделение за онкологија, кое претставува огромна надеж за победа за сите деца херои што се соочуваат со подмолни малигни болести. Целта е да продолжиме да бидеме дел од трендот, кој покажува дека канцерот може да се победи преку рана детекција, навремена реакција и соодветно лекување. Според опремата и капацитетите на Одделението, од медицинскиот персонал бев информиран дека овој оддел е единствен од ваков тип во земјата со интенција да прерасне во регионален центар за лекување деца со канцер, каде што ќе се лекуваат деца од нашата земја, од Косово и од Јужна Србија – рече Ковачевски.
Тој изрази задоволство од постојаната и плодна соработка на Владата и бизнис-заедницата.
Според министерот за здравство Беким Сали, Клиниката за детски болести е една од клиниките што го подига квалитетот на здравствени услуги во државата. Тој посочи дека Одделот за онкологија е единствен од овој карактер во регионот и ќе услужува пациенти и од Косово и од Јужна Србија.
– На сите деца што, за жал, се соочуваат со малигни проблеми, здравствени тешкотии им посакувам здравје и посакувам „ѕвончето на здравјето“ да ѕвони секој ден почесто, а да имаме што помалку пациенти што имаат потреба од онколошки третман – додаде министерот Сали.
Директорката на Универзитетската клиника за детски болести, премиерот, како и министерот за здравство се заблагодарија за донацијата од страна на „Макстил“ и покажаната општествена одговорност на раководството и на сите вработени во компанијата што учествуваа во изведбата на овој оддел.
– Соработката со Детската клиника трае подолго време. Пред четири години дониравме специјален ехо-апарат, потоа следуваше целосно реновирање на Одделот за неонатологија и сега, по барање и во договор со клиниката, да го предадеме во употреба и онколошкиот оддел. Колку и да сакаме овој оддел никогаш да не треба да се употреби, реалноста сепак ни кажува дека и најмалите пациенти заболуваат од онколошки болести и оттаму одуката на одборот на директори на „Макстил“ да помогне во реновирањето на овој оддел. Притоа се водевме од желбата на најмалите пациенти да им ги овозможиме најдоброто лекување и нега блиску до дома, во современ и функционално уреден оддел, со медицински персонал што го зборува нивниот јазик и кој полесно може да ги разбере нивните потреби. Истовремено, лекувањето на овие пациенти тука ќе значи и значајна заштеда на финансиски средства од државниот буџет – порача претседателот на Одборот на директори на „Макстил“, Димитар Цветковски, притоа нагласувајќи дека корпоративната општествена одговорност е на високо место меѓу приоритетите на компанијата.
Донацијата беше симболично предадена вчера по повод Светскиот ден на здравјето, 7 Април.